Информации

Министерство за правда
Управа за водење на матичните книги на РМ
бул. „Св. Кирил и Методиј“ 54, 1000 Скопје
e-пошта: contact@uvmk.gov.mk
Тел.: 02 3223-787
Факс: 02 3215-406
Работно време: од понеделник до петок, од 7:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот
Подрачни одделенија и канцеларии на Управата низ државата

Постапка за склучување на брак со странски државјанин

Склучувањето на брак со странски државјанин е постапка што може да се одвива и пред надлежните органи во Република Македонија. Дозволено е склучување брак и помеѓу двајца странски државјани.

За да биде брачната заедница легална, исто како и кога се склучува брак помеѓу македонски државјани, треба да биде регистрирана во некое од подрачните одделенија при Управата за водење на матичните книги надлежни за водење на матичните книги на венчаните.

Опис на постапката

Идните брачни другари закажуваат термин за склучување на брак и поднесуваат пријава до подрачното одделение при Управата за водење на матичните книги во она место на чие подрачје се наоѓа матичната служба во која сакаат да ја спроведат регистрацијата на бракот.

Идните брачни другари со потребните документи треба да се упатат кај матичар кој ќе присуствува на денот на венчавката, а заради составување на записник за склучување брак, во кој се одредува датумот на склучување на бракот и се внесуваат идните презимиња на брачните другари.

По составувањето на записникот за склучување брак, идните брачни другари треба да појдат во секторот за странци при Министерството за внатрешни работи со цел да се провери легалноста на престојот на странецот во Република Македонија. Откако ќе се констатира легалноста на престојот, идните брачни другари се упатуваат кај раководителот на матичарот, кој треба да изврши проверка на доставените документи и да го парафира составениот записник за склучување брак.

На денот на склучување на бракот задолжително е присуството на овластен судски преведувач на јазикот што го зборува странскиот државјанин.

Документи потребни за склучување брак со странски државјанин:

За странскиот државјанин:

1. Оригинал извод од матичната книга на родените, со апостил печат, не постар од 6 месеци, на интернационален образец (преведен на македонски јазик и заверен на нотар доколку содржи некоја од буквите Y, W, X, Q и др.);

2. Уверение за слободна брачна состојба, со апостил печат, не постаро од 6 месеци (преведено на македонски јазик и заверено на нотар);

3. Потврда дека не постојат законски пречки за склучување на бракот во Република Македонија, со апостил печат (доколку матичната држава не издава потврда дека не постојат законски пречки за склучување на брак, потребно е да издаде документ со кој потврдува дека не издава таква потврда);

4. Оригинал важечки документ за идентификација.

За македонскиот државјанин:

1. Оригинал извод од матичната книга на родените;

2. Важечки документ за идентификација.