Информации

Практично оспособување на кандидат за возач

Оспособување на кандидатот за возач на моторно возило или трактор, се врши на уреден простор – автодром (полигон) што за таа цел ќе го одобри Министерството за внатрешни работи врз основа на правосилно одобрение за градба и правосилно решение за утврден режим на сообраќај издадени од надлежен орган, имајќи ги предвид и сообраќајно техничките елементи што треба да ги исполнува полигонот, согласно со прописите што ја регулираат оваа материја.

На автошколата која постапува спротивно на оваа одредба од законот, ќе и се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, глоба од 30%  од одмерената глоба за автошколата ќе му се изрече и на одговорното лице во автошколата и прекршочен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот-инструктор.

Автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, во случај кога во просторијата и возилото, не се вклучени камерите или истите се исклучиле, односно не постои соодветен доказ дека е спроведено оспособување, истото по тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.

На автошколата која постапува спротивно на овие одредби, ќе и се изрече глоба во износ од 4.000 евра во денарска противвредност.

Автошколата е должна да се придржува кон наставниот план и уредно да ги води пропишаните евиденции за оспособување на кандидати за возачи во рачна и електронска форма.

На секој кандидат за возач автошколата му издава потврда за оспособеност на кандидат за возач на моторно возило.

За време на оспособувањето на кандидатот за возач, во возилото се наоѓаат само кандидатот за возач и возачот-инструктор, а по потреба и лицето кое е овластено да врши надзор над оспособувањето на кандидатот за возач.

Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот-инструктор кој постапува спротивно на оваа одредба.

Возачот-инструктор во автошколата, не смее непрекинато повеќе од два часа да врши оспособување за практично управување со возило, а вкупно со прекините за одмор најдолго девет часа во текот на 24 часа.

Трошоците за оспособување на кандидатот за возач се на товар на кандидатот кој треба да биде оспособен, во висина на реално направените трошоци за оспособување на кандидатот за возач.

Реални трошоци за оспособување на кандидат за возач се:
– трошоци за вработените во автошколата
,
– трошоци поврзани со работните простории на автошколата
,
– трошоци за возилата и
– други тековни трошоци поврзани со работата на автошколата.

Висината на трошоците за оспособување на кандидат за возач ја утврдува министерот за внатрешни работи на предлог на автошколите.