Информации

Фонд за здравствено осигурување на РМ
ул. „Македонија“ бб, 1000 Скопје (Централа), тел.: + 389 (2) 3289-000, факс: +389 2 3289-048
Бесплатен телефонски број: 0800 33 222, 076 339 180
Е-пошта: info@fzo.org.mk
Подрачна едница Скопје
бул. „Кочо Рацин“ бр. 91, 1000 Скопје
тел.: +389 (2) 3118 566
факс: +389 (2) 3164 848
Работно време:
8:30 - 16:30 часот

Право на биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО)

Правото на БПО може да се оствари доколку е исполнета една од апсолутните или релативните медицински индикации кои се пропишани во членот 6 од Правилникот за БПО. Доколку кај осигуреното лице не постои некоја од овие медицински индикации, матичниот гинеколог треба да го запознае со тоа и да му ги објасни можностите за натамошно лекување.

Осигуреното лице може да оствари право на БПО најмногу до 3 обиди на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Периодот помеѓу 2 неуспешни обиди за оплодување не треба да биде пократок од 6 месеци од последната извршена постапка за БПО, што значи дека осигуреното лице не може да поднесе повторно барање пред истекување на овој период. Меѓутоа, доколку дојде до забременување и успешно породување со живородено дете во текот на првиот или вториот обид, правото на БПО на товар на Фондот престанува. Осигуреното лице кое го остварило правото на вештачко оплодување најмногу до 3 пати на товар на Фондот, како и осигуреното лице за кое Комисијата донела негативно мислење, нема право повторно да поднесе барање до Фондот.

БПО не е достапно за: (1) осигурените лица во брачна или вонбрачна заедница кои претходно имале пород, или доколку еден од нив има пород во претходна брачна или вонбрачна заедница и (2) ако кај осигуреното лице постои неплодност, кај кое лекувањето е неуспешно и кај кое БПО не може да помогне во забременување.

Опис на постапката за остварување на правото на БПО

1. Осигуреното лице најпрво треба да се обрати кај избраниот лекар гинеколог, кој треба да ја прегледа претходната медицинска документација и да го упати лицето на сите потребни испитувања во согласност со Правилникот.

2. Сите анализи и дијагностички процедури кои се потребни за вклучување во постапката за БПО (наброени во членот 8 од Правилникот за БПО) се вршат со упат од избран гинеколог, во здравствени установи со кои Фондот има склучено договор. Избраниот гинеколог треба да го упати пациентот да ги направи потребните испитувања во оние установи кои се овластени за вршење на такви испитувања.

3. Доколку осигуреното лице, односно парот се реши да ги направи неопходните анализи во некоја од здравствените установи со кои Фондот нема склучено договор, тогаш трошоците ги сносат самите осигуреници, без можност за поврат на средствата од страна на Фондот.

4. Откако ќе ги обезбеди сите потребни медицински документи, осигуреното лице треба да обезбеди предлог за БПО – Образец 2, којшто може да го подигне и од подрачната служба на Фондот и да го достави до гинекологот, кој го пополнува, го потпишува и го заверува. Потоа, гинекологот ја прегледува, ја приложува и ја подредува сета потребна медицинска документација во оригинал. На образецот мора да се потпише и осигуреното лице, со што потврдува дека е подготвено да ја започне постапката.

5. По комплетирање на сите медицински документи, осигуреното лице се обраќа во подрачната служба на Фондот, каде што пополнува барање за БПО на Образец 1 и изјава за БПО на Образец 3.

6. Врз основа на предлогот од избраниот гинеколог со придружната  медицинска и административна документација, Комисијата дава оцена и мислење за потребата од спроведување на постапката на БПО. Комисијата донесува одлука, која може да биде позитивна, негативна или осигуреното лице да го упати на дополнителни медицински испитувања, по кои повторно ќе се произнесе.  Комисијата ги дава наодот, оцената и мислењето во форма на стручно мислење, врз основа на кое Фондот доставува известување во пропишан образец известување (И-БПО) до осигуреното лице на адресата за контакт наведена во барањето.

Обврски на осигуреникот по добивање на известување за БПО

Опис на постапката

1. По добивање на известувањето со кое му е одобрено правото на БПО, осигуреното лице прибавува упат од избраниот гинеколог за специјалистичко-консултативна здравствена заштита до здравствената установа со која Фондот има склучено договор за БПО, по избор на осигуреното лице.

2. По добивањето на известувањето, во кое се бара осигуреното лице да се упати на дополнителни медицински испитувања, лицето оди кај избраниот гинеколог кој ќе го упати на понатамошните испитувања. Откако ќе ги направи сите дополнителни испитувања како во известувањето, осигуреното лице без нов предлог од избраниот гинеколог ги поднесува документите за тие испитувања заедно со известувањето до секретарот на Комисијата за остварување на правото на БПО при Фондот. Секретарот ги проследува документите до Комисијата, која повторно ќе се произнесе.

3. По добивање на негативно известување, осигуреното лице во рок од 8 дена од денот на  добивање на известувањето има право на приговор до директорот на Фондот. Известувањето на директорот на Фондот по приговорот е конечно и по него осигуреното лице има право да поведе парница.

Осигуреното лице може да го оствари правото на БПО во рок од 6 месеци од денот на приемот на известувањето дека му е одобрено БПО. Доколку не го искористи во текот на споменатиот период, правото му истекува, гинекологот не може да му издаде упат и осигуреникот ќе треба одново да ја започне целата постапка.

Обврски на здравствена установа која врши БПО

Опис на постапката
1. Здравствената установа во која осигуреното лице е упатено од избраниот гинеколог да ја изврши здравствената услуга го известува Фондот за започнување на постапката на БПО.

2. Здравствената установа во која осигуреното лице ќе ја започне постапката за БПО, пред отпочнување на постапката, е должна да го запознае осигуреното лице со Протоколот за завршени здравствени услуги кои паѓаат на товар на средствата на Фондот за БПО и да му објасни што е покриено од Фондот и во колкава количина.

3. По завршување на постапката за БПО, Протоколот се заверува и се потпишува од здравствената установа и осигуреното лице.

4. За завршената услуга за БПО осигуреното лице плаќа партиципација од 6.000 денари во здравствената установа.

5. Трошоците за сите лекови, услуги и материјали кои ќе бидат потрошени во текот на постапката на БПО, а кои не се составен дел од Протоколот, ги сносат самите осигуреници, без можност за поврат на средствата од страна на Фондот.

Потребни документи

барање за остварување на правото за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО);
– здравствена легитимација на увид;
– доказ за платен придонес за здравствено осигурување;
– фотокопија од извод на венчани или изјава за вонбрачна заедница;
изјава за БПО;
предлог за остварување на правото на биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО);
– медицинска документација дека се извршени една или повеќе од следните методи: ХСГ и/или лапароскопија и хистероскопија, и/или лапаротомија; ехографско испитување не е доказна метода освен 4DV ултразвук на кавум утери;
– документи за направени две или повеќе анализи на спермата;
– резултати од извршена анализа на хормонален статус: FSH, LH, PRL, E2, TSH – трет ден од циклусот (не постари од 6 месеци);
– PAP scrining (не постар од 1 година, доколку бил уреден);
– микробиолошки брисеви од вагина и цервикс, вклучувајќи и за Chlamidia trachomatis (не постари од 6 месеци);
– маркери за хепатит B и C, HIV за двајцата брачни партнери (не постари од 6 месеци);
– крвна слика, гликемија, седиментација (не постари од 6 месеци) и
– друга медицинска документација за извршени дијагностички или оперативни интервенции во врска со лекување на стерилитет и останато (ако ја има).