Информации

Фонд за здравствено осигурување на РМ
ул. „Македонија“ бб, 1000 Скопје (Централа), тел.: + 389 (2) 3289-000, факс: +389 2 3289-048
Бесплатен телефонски број: 0800 33 222, 076 339 180
Е-пошта: info@fzo.org.mk
Подрачна едница Скопје
бул. „Кочо Рацин“ бр. 91, 1000 Скопје
тел.: +389 (2) 3118 566
факс: +389 (2) 3164 848
Работно време:
8:30 - 16:30 часот

Право на медицинска рехабилитација

Правото на медицинска рехабилитација се остварува со цел да се спречи настанување, или пак да се отстрани намалената работна или функционална способност на осигуреното лице. Медицинската рехабилитација ги опфаќа постапките на физикалната медицина (масажа, кинези терапија, електротерапија, хидротерапија, термотерапија, фототерапија, примена на ултразвук, магнетна терапија, ласерска терапија), оспособување со стручна работа и со примена на ортотски средства.

Медицинската рехабилитација се спроведува:

во амбулантско-поликлинички услови, и тоа во најблиската здравствена установа која врши дејност медицинска рехабилитација, со упат на избраниот лекар, по предлог на лекар специјалист од соодветната специјалност, а треба да започне најдоцна 2 месеци од добивањето на решението на ФЗОМ;

во болнички услови, и тоа во болнички установи кои вршат медицинска рехабилитација, како и во Заводот за медицинска рехабилитација – Скопје, освен во специјални болници, со упат на избраниот лекар, по предлог на лекар специјалист од соодветната специјалност и по мислење и оцена на лекарска комисија на Фондот, а треба да започне најдоцна 2 месеци од добивањето на решението на ФЗОМ;

во специјализирани здравствени установи, како продолжено болничко лекување непосредно по акутно заболување, состојба и повреда, или кога поради влошување на хроничната болест осигуреното лице се наоѓало на болничко лекување најмалку 10 дена, а започната е рехабилитација и кога понатаму постојат функционалните пречки за чие отстранување е неопходно да се продолжи лекувањето и рехабилитацијата во специјална болница за специјализирана медицинска рехабилитација, ако во здравствената установа тоа не е можно.

Овој вид медицинска рехабилитација може да се оствари со решение на Фондот, врз основа на поднесено барање, и тоа во рок од 1 месец по завршеното болничко лекување, односно во рок од 1 месец по неопходен контролен преглед, односно во рок од 3 месеци по прележан инфаркт на срцето, хируршка интервенција на срцето и сите хируршки зафати на градниот кош со респираторна патологија. Медицинската рехабилитација може да трае најмногу 21 ден, а во исклучителни случаи до 30 дена, само еднаш во текот на една година.

За остварување на правото на специјализирана медицинска рехабилитација, осигуреното лице треба да пополни барање за право на специјализирана медицинска рехабилитација – Образец МР1 и да го достави до Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Кон барањето треба да се приложи:

– отпусно писмо за завршено болничко лекување од здравствената установа со која ФЗОМ има склучено договор и каде што е извршено болничкото лекување, односно специјалистички извештај од соодветната болничка установа во која се наоѓале на болничко, односно амбулантско лекување, ако се работи за церебрална парализа кај деца до 14-годишна возраст;
– конзилијарно мислење од соодветната болничка установа во која се лекувало осигуреното лице;
– наод, оцена и мислење на лекарска комисија (за осигурениците кои се надвор од Скопје, ваквиот наод ФЗОМ го обезбедува по службена должност).