Информации

Регистар на задолжителни пензиски фондови
Орган што врши супервизија на пензиските фондови:
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)
Локација:
ул. „Стив Наумов“ бр.100, 1000 Скопје Македонија
Контакт-телефон/факс: +389 (2) 3224 229
+389 (2) 3217 573
+389 (2) 3166 452
Работно време:
од 09:00 до 17:00 ч.

Право на старосна пензија од втор столб

Правото на старосна пензија од вториот столб е право што произлегува од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. Ова осигурување се разликува од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност или прв столб на осигурување каде што од придонесите на сегашните вработени се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери. Вториот столб функционира на начин што дел од вкупно уплатениот придонес за пензиско осигурување се уплаќа во приватниот пензиски фонд каде што e член осигуреникот. Средствата понатаму се инвестираат и се акумулираат на индивидуалната сметка на осигуреникот во пензискиот фонд. Од тие средства, кога осигуреникот ќе оствари право на старосна пензија, ќе му се исплаќа пензија од вториот столб, покрај пензијата од првиот столб.

Сите осигуреници кои за првпат се вработиле по 1 јануари 2003 година задолжително стануваат членови на вториот столб. На осигуреникот е оставено да одлучи со кое пензиско друштво ќе склучи договор  и должен е да го стори тоа во рок од 3 месеци од првото вработување. Доколку осигуреникот не склучи договор во дадениот рок, по случаен избор ќе биде распределен во еден од постојните задолжителни пензиски фондови.

Средствата коишто се на индивидуалната сметка во вториот столб осигуреникот може да ги искористи во моментот на остварување на право на старосна пензија, односно на 64 години возраст за мажи, односно 62 години возраст за жени и минимум 15 години работен стаж. По исклучок, осигуреник кој не се стекнал со право на старосна пензија поради тоа што нема пензиски стаж најмалку 15 години средствата од вториот столб  ќе може да ги користи по наполнување на 65 години возраст.

Членовите на вториот столб ќе примаат пензија и од Фондот на ПИОМ и од институцијата овластена за исплата на пензија од вториот столб. Според ова, осигуреникот нема право да ја искористи својата заштеда пред да се пензионира. Откако ќе се пензионира, целиот износ на средствата акумулирани на сметката на осигуреникот ќе се искористи со право на личен избор, и тоа за:

(а) програмирани повлекувања обезбедени од друштвото кое управува со задолжителниот пензиски фонд со кое членот ќе склучи договор за програмирани повлекувања;

(б) за привремени програмирани повлекувања во комбинација со доживотен одложен ануитет;

(в) купување на доживотен непосреден ануитет, кој се исплатува од друштвото за осигурување овластено за оваа цел.

Модалитетите под б) и в) ќе се применуваат откако ќе биде издадена првата дозвола за вршење на работа на осигурување во класата на ануитети и исплата на ануитети за корисниците на пензија.

 

Постапката за остварување право на пензија од вториот столб започнува со поднесување на барање на членот на пензискиот фонд за остварување право на старосна пензија до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. По спроведената постапка, Фондот на ПИОМ доставува копија од донесеното решение со кое се признава или не се признава право на старосна пензија до пензиското друштво кое управува со пензискиот фонд каде што членува подносителот на барањето. Член на пензиски фонд кој има индивидуална сметка во пензиски фонд поднесува барање до пензиското друштво кое во негово име започнува со котација. Во барањето членот на пензискиот фонд определува кои видови на исплати на пензија сака да бидат вклучени во котацијата.

Остварување право на пензија само од втор столб

Членот на пензиски фонд кој не остварил право на старосна пензија од Фондот на ПИОМ поради неисполнување на законските услови барањето за остварување право на пензија само од вториот столб го поднесува до пензиското друштво кое управува со пензискиот фонд каде што е член. Барањето за остварување право на пензија само од вториот столб се поднесува по наполнување на 65 години живот.  Кон барањето членот приложува изјава заверена на нотар дека се откажува од правото на пензија од првиот столб и од правото на најнизок износ на пензија.