Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи

Престанување на правото на постојан престој

На странец кој престојува во Република Македонија врз основа на дозвола за постојан престој може да му се одземе правото на постојан престој, ако:

  • со правосилна пресуда е осуден на казна затвор во траење најмалку од 1 година;
  • се утврди дека странецот свесно дал невистинити податоци или свесно ја прикрил целта и околностите кои се од значење за издавањето на дозволата за постојан престој и
  • се утврди дека странецот престојува надвор од Република Македонија непрекинато подолго од 12 месеца, без согласност од Министерството за внатрешни работи.

Министерството за внатрешни работи може да даде согласност странецот да престојува надвор од Република Македонија подолго од 12 последователни месеци, без притоа да му се одземе правото на постојан престој, при што ќе се има предвид должината на престојот на странецот во Република Македонија, како и целта и околностите на престојот надвор од Република Македонија.

При одлучување за одземање на правото на постојан престој се земаат предвид:

  • должината на престојот на странецот во Република Македонијa;
  • возраста на странецот, неговите лични, економски и други врски со Република Македонијa и
  • како и последиците од таквото решение за него или за неговото потесно семејство.

Пред да се донесе решението, од странецот ќе се побара изјава за околностите кои се важни за донесување на решение.

Постојаниот престој нема да се одземе, ако сериозноста на стореното дело и врските на странецот со Република Македонија укажуваат дека одземањето на постојаниот престој ќе има несразмерно тешки последици за странецот или за член на неговото потесно семејство кој законски престојува на територијата на Република Македонија.

Надлежност за донесување решение

Решение за одземање на правото на постојан престој донесува Министерството за внатрешни работи. Во решението се определува рокот во кој странецот е должен да ја напушти територијата на Република Македонија.

Против решението, странецот има право на жалба во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ќе се донесе во рок од 30 дена од денот на поднесување на жалбата.

Против решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен може да се поведе управен спор пред надлежен суд, согласно со Законот за управните спорови.

Одземањето на правото на постојан престој се внесува во патната исправа на странецот.