Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи
Одделение: Управни работи
ул. Кеј Димитар Влахов бб - во зградата на МТВ со влез од страната на реката Вардар, Скопје

Престанување правото на привремен престој

Причини за одземањето на правото на привремениот престој

На странец кој престојува до три месеца или кој поседува дозвола за привремен престој, освен дозвола за привремен престој издадена на жртви на трговија со луѓе, може да му се одземе правото на привремениот престој, ако:

  • со правосилна пресуда е осуден на казна затвор во траење од најмалку три месеца;
  • остане без средства за издржување и сместување, а издржувањето и сместувањето за време на престојот во Република Македонија не му е обезбедено на друг законит начин;
  • се утврди дека странецот свесно дал невистинити информации или свесно ја прикрил целта и околностите кои се од значење за издавањето на дозволата за привремен престој, или биле користени фалсификувани, туѓи или неважечки документи;
  • дополнително се утврди дека странецот не ги исполнува или повеќе не ги исполнува условите за издавање на дозволата за привремен престој;
  • престојува во спротивност со наведената цел и околностите на престојот;
  • одбива да ги извршува одлуките на државните органи;
  • изврши повреда на одредбите на законот за странци;
  • се утврди дека странецот неоправдано престојувал надвор од Република Македонија во период подолг од една четвртина од периодот за кој му е издадена дозволата за привремен престој;
  • му е издадена дозвола за привремен престој заради семејно обединување, а се утврди дека не живее во вистинска брачна или семејна заедница со странецот кој е носител на правото на семејно обединување или
  • постојат основани сомневања дека бракот со странецот кој има дозвола за престој или со државјанинот на Република Македонија е склучен по договор или постојат сомневања дека бракот не е склучен врз основа на желба на едната или другата страна.

При одлучување за одземање на правото на привремениот престој се земаат предвид:

  • должината на престојот на странецот во Република Македонија;
  • неговите лични, економски и други врски со Република Македонија како и
  • последиците кои ќе произлезат од изречената мерка за него и неговото семејство.

Пред донесувањето на решението од странецот ќе се побара изјава за околностите кои се важни за донесување на решението.

По исклучок, привремениот престој нема да се одземе ако сериозноста на стореното дело и врските на странецот со Република Македонија укажуваат дека одземањето на привремениот престој ќе има несразмерно тешки последици за странецот или за близок член на неговото потесно семејство кој законски престојува во Република Македонија.

Решение за одземање на правото на привремен престој го  донесува Министерството за внатрешни работи. Во решението се определува рокот во кој странецот е должен да ја напушти територијата на Република Македонија.

Против ова решение, странецот има право на жалба во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втр степен.