Информации

Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на РМ
Стручна служба – Централа – Скопје
ул. „23 Октомври” бр. 11, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3250 100
Факс. + 389 (2) 3162 275
Инвалидски комисии
Тел. + 389 (2) 3065 184
Факс. + 389 (2) 3065 223
Контакт-центар тел.:
15 215 (секој работен ден од 9:00 – 16:00)

Семејна пензија

Правото на семејна пензија можат да го остварат следните членови на семејството:

– брачен другар;
– брачен другар од разведен брак, доколку со судска одлука му било утврдено правото на издржување;
– деца (независно од фактот дали се родени во брак или надвор од брак, или пак се посвоени, посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот);
– родителите (таткото и мајката, или пак очувот и маќеата) и посвоителот, кои ги издржувал осигуреникот;
– внучиња без родители, другите деца без родители и родителите што ги издржувал осигуреникот, но само под определени услови утврдени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

За остварување на правото на семејна пензија треба да се исполнат општи и посебни услови. Општите услови важат во поглед на осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија, а посебните услови важат во поглед на лицето кое реално ќе го користи правото на семејна пензија.

ОПШТИ УСЛОВИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ ПРАВО НА СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА

– Ако осигуреникот од кого се изведува правото за користење семејна пензија до денот на смртта наполнил најмалку 5 години стаж на осигурување или стекнал најмалку 10 години пензиски стаж;
– Ако осигуреникот ги исполнил условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија или веќе бил корисник на старосна или инвалидска пензија;
– Ако смртта на осигуреникот настапила како последица од повреда на работа или од професионална болест, без разлика на должината на пензискиот стаж.

ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ ПРАВО НА СЕМЕЈНА ПЕНЗИЈА

Важат доколку корисник на пензијата е:

– вдовец/вдовица;
– дете;
– родител на осигуреникот кој осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт.

Посебните услови се определени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и треба да бидат исполнети од страна на лицето кое ќе се јави како корисник на семејна пензија.

Постапката за остварување на правото на семејна пензија започнува со поднесување на барањето за остварување  право на семејна пензија на образец П-1 до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.

Кон барањето се приложува и:

– работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е впишан во работната книшка (решенија, уверенија, потврди и др.) ако правото на семејна пензија се остварува по смртта на активен осигуреник – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број за сите членови на семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– извод од матичната книга на венчаните за вдовецот/вдовицата за кој/која се бара признавање право на семејна пензија (изводот треба да биде издаден по смртта на осигуреникот корисник на пензијата) – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– извод од матичната книга на умрените и пријава за несреќа на работа ако смртта настапила по повреда на работа – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– доказ за редовно школување на децата постари од 15 години за кои се бара признавање право на семејна пензија;
– медицинска документација за членовите на семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија врз основа на неспособност за работа;
– докази за посвојување, за заедничко домаќинство, за имотната состојба на домаќинството, за издржување, за служење на воениот рок и др., во случаите каде што за поодделни членови на семејството признавањето на правото на семејна пензија е условено со постоење на одредени факти и
– други докази заради утврдување на фактите во врска со остварувањето на правата (решенија за користење на некои права од пензиско и инвалидско осигурување, пресуди за доделена издршка, уверенија – потврди за заснован работен однос или вршење на дејност и др.).