Информации

Услови за стекнување право на управување со возило

Право на управување со возило може да стекне лице кое ги исполнува следниве услови:
– да наполнило минимум години возраст за возилото утврдени со овој закон,
– да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило,
– да има завршено најмалку основно образование,
– да положило возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и
– со одлука на надлежен државен орган или друг орган да не му е забрането управување со моторно возило или група на возила.

Минимална возраст за управување со возило за одредени категории е:
– 16 години за управување со моторни возила од категориите: „АМ“ и „А1“ и националните категории „Ф“’ и „Г“,
– 17 години за управување со моторно возило од „Б“ категорија,
– 18 години за управување со моторно возило од категориите: „А2“, „БЕ“, „Ц1“ и „Ц1Е“,
– 21 години за управување со моторно возило од категориите: „А“, „Ц“,„ЦЕ“, „Д1“ и „Д1Е“ и
– 24 години за управување со возила од категориите: „Д“, „ДЕ“ и националната категорија „Т“.

Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години возраст.

Во зона на смирен сообраќај велосипед може да управува лице до десет години возраст во придружба на лице постаро од 16 години.

Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

Возач-почетник на моторно возило, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.