Информации
Услови за стекнување со лиценца во автошкола
На физичко лице за вршење на работи во автошкола му се издава лиценца и тоа:
1) лиценца за предавач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
2) лиценца за возач-инструктор.
Лиценците се со важност од пет години. На автошколата во која стручниот кадар поседува неважечка лиценца, ќе и се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност. За прекршокот ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во автошколата во износ од 30% од одмерената глоба за автошколата.
Лиценца за предавач се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има завршено најмалку високо образование,
2) има живеалиште во Република Македонија,
3) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
4) не е осудено со правосилна судска пресуда;,
5) има положено стручен испит за предавач по наставна програма сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и
6) поседува дозвола за возач-инструктор.
Лиценца за возач-инструктор се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има живеалиште во Република Македонија,
2) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение,
3) не е осудено со правосилна судска пресуда,
4) има положено стручен испит за возач-инструктор и
5) поседува дозвола за возач-инструктор.
Во случај на одземање на лиценците физичките лица може повторно да се стекнат со лиценца по истекот на една година од одземањето на лиценцата, под услови и во постапка утврдени со овој закон.