Информации

ДКП на Република Македонија во соодветната држава

- Министерство за надворешни работи на РМ
бул. „Филип Втори Македонски“ бр. 7 1000 Скопје Република Македонија
Тел: +389 2 3115 266 Факс: +389 2 3115 790 Е-пошта:mailmnr@mfa.gov.mk

Видови на виза

Виза А – аеродромска транзитна виза, се издава на државјаните на одредени држави или на патниците од одредени патни правци врз основа на одлука на Владата на РМ и тоа во случаи кога тоа го налагаат интересите на одбраната, безбедноста или меѓународните односи на РМ.

  • Визата му овозможува на странецот да се задржи во меѓународниот транзитен простор на аеродромот до продолжување на патувањето со првиот негов нареден меѓународен лет, без можност да влегува во РМ односно странецот не смее да го напушти тој простор.

Виза Б – транзитна виза, се издава на странец за еднократно, двократно или по исклучок и за повеќекратно поминување преку територијата на РМ при што при секое поминување странецот може да престојува во РМ најмногу до 5 дена.

  • Рокот на важење на виза Б, не може да биде подолг од една година и истата може да се издаде само ако странецот докаже дека има обезбедено влез за државата во која ќе влезе од РМ.
  • Може да се издаде и како групна виза.
  • Може да се издаде во исклучителни случаи на граничен премин со право на престој не подолг од 5 дена.

Виза Ц – се издава на странец за еднократен или повеќекратен влез во РМ, при што еднократниот непрекинат престој како и вкупното траење на последователните престои во РМ не смее да биде подолго од три месеци во текот на секој шестмесечен период, сметајќи од денот на првото влегување.

  • Може да се издаде со рок на важење подолг од една година ако тоа е во интерес на РМ за што одлучува МНР.
  • Целта за која се издава визата (туристички, бизнис посета или приватна посета видливо се означува на визата).
  • Може да се издаде и како групна виза со право на престој до 30 дена на група на странци кои бројат најмалку 5, а најмногу 50 лица кои во РМ доаѓаат како група со заедничка патна исправа, престојуваат и ја напуштаат РМ како група.
  • Може да се издаде на граничен премин во исклучителни случаи со право на престој не подолг од 15 дена.
  • Важноста на визата може да се продолжи во РМ од страна на МВР само во исклучителни случаи заради виша сила, поради хуманитарни, сериозни професионални или лични причини на странецот.

Виза Д, се издава само на странци за кои е потребна виза за влез во РМ според визниот режим за еднократен влез во РМ. Овој тип на виза се издава со право на престој до 30 дена и со рок на важење од 6 месеци, на странец кој има намера да престојува во РМ заради причините за одобрување на привремен престој согласно Законот за странци.

  • Ако странецот кон барањето за издавање на виза Д, приложи и решение издадено од МВР со кое му се дозволува привремен престој во РМ, должен е  во рок од 5 дена од денот на влегувањето во РМ да се јави во МВР, кои во рок од 25 дена од денот на неговото јавување ќе му издададат дозвола за привремен престој.
  • Оваа виза исклучиво се издава само во ДКП на РМ во странство и никако не смее да се издаде на граничен премин.

Потребни документи (Виза тип А, Б и Ц)

  • уредно пополнето барање за издавање на виза;
  • доказ за платена такса за обработка на барањето за издавање на виза;
  • важечка и призната патна исправа со рок на важност најмалку 3 месеци подолг од планираниот престој на странецот во РМ;
  • фотографија во боја на бела позадина која  верно го прикажува  ликот;
  • документи за (индивидуално или колективно) патничко осигурување (полиса издадена од осигурително правно лице во државата каде престојува);
  • документи со кои ја докажува целта и околностите на планираниот престој во Република Македонија (гарантно писмо од физичко лице односно поканата од правно мора да бидат заверени од нотар) и
  • доказ дека поседува доволно средства за престојот во РМ.

Потребни документи (Виза тип Д)

  • уредно пополнето барање за издавање на виза;
  • доказ за платена такса за обработка на барањето за издавање на виза;
  • важечка и призната патна исправа со рок на важност најмалку 3 месеци подолг од планираниот престој на странецот во РМ;
  • фотографија во боја на бела позадина која  верно го прикажува неговиот лик;
  • решение од МВР за регулирање на престој во РМ и
  • доколку странецот престојува во РМ по основ на вработување потребно е да се прибави Решение за издавање на дозвола за работа од Агенција за вработување на РМ и тоа: лична работна дозвола, дозвола за вработување и работна дозвола.