Информации

Централен регистар на РМ
бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел: + 389 2 3290-241

Поврзани институции:
Град Скопје
Адреса: бул. “Илинден“ бб, 1000 Скопје
Тел: +389 (2) 3297-207

Управа за јавни приходи
Регионални дирекции Тел: инфо центар - 0800 33 000

Здруженија (основање, статут, органи на здружението)

Основачи

Здружение можат да основаат физички и правни лица.

  • Здружение можат да основаат најмалку 5 основачи од кои тројца од основачите мора да имаат живеалиште или престојувалиште, односно седиште на територијата на Република Македонија.
  • Здружение на граѓани може да основаат малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.

Основање

Здружението се основа на основачко собрание. На основачкото собрание се донесува акт за основање, програма, статут и се избираат органите на здружението.

1. Акт за основање

Актот за основање на здружението содржи:

  • име, седиште и адреса на здружението,
  • име, адреса или седиште и единствен матичен број на основачите на здружението и
  • цели на здружението.

Актот за основање или негов дел може да се менува, ако за тоа има изречено волја на основачите додека трае процесот на регистрација.

2. Статут и содржина на статутот

Здружението има статут. Со статутот на здружението се уредуваат:

  • името и седиштето,
  • целите на здружението,
  • дејностите со кои се остваруваат целите,
  • начинот на одлучување за зачленување, исклучување и престанок на членувањето во здружението,
  • правата, обврските и одговорностите на членовите,
  • видот на органите и нивниот состав, начинот на избор и разрешување, траење на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување,
  • застапувањето по закон,
  • начинот на стекнување и располагање со средствата,
  • начинот на донесување на финансиски и други извештаи,
  • начинот на остварување на јавност и отчетност во работата,
  • начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот,
  • начинот на одлучување за статусни промени и престанок на здружението,
  • начинот на донесување на планови и програми,
  • постапувањето со средствата и/или имотот во случај на престанок на здружението и
  • други прашања утврдени со закон.

Со статутот на здружението можат да се уредат и:

  • знакот и симболот на здружението,
  • внатрешните организациони форми (подружници, ограноци и слично), ако ги има,
  • начинот на донесување на другите акти,
  • судир на интереси,
  • начин на разрешување на спорни прашања и
  • други прашања од значење за работата на здружението.

3. Членување во здружение

Членувањето во здружението е доброволно. Основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението. Физичко лице може да биде член на здружението независно од неговата возраст во согласност со статутот.

  • Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.
  • Лицата со ограничена деловна способност или лицата на кои им е одземена деловната способност можат да бидат членови на здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.

4. Регистар на членови

Здружението води регистар на членови и евиденција на членовите на органите. Пoдатоците се ажурираат најмалку еднаш на 2 години. Здруженијата ја гарантираат анонимноста на личните податоци на членовите кои тоа го побарале. Податоците се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.

5. Управување на здружението

Со здружението управуваат членовите непосредно или преку избраните претставници во органите на здружението. Собранието е највисок орган на здружението и го сочинуваат сите членови. Со статутот може да се определи начинот на претставување на членовите на здружението во собранието на здружението, преку свои избрани претставници.

Собранието:

  • донесува статут, програма и други акти,
  • усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на својата веб страница,
  • доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа,
  • одлучува за промена на целта на здружението,
  • одлучува за внатрешната организација и организационите форми на органите на здружението,
  • избира и разрешува членови на органите,
  • одлучува за статусните измени на здружението,
  • одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на здружението и
  • врши и други работи во согласност со статутот и актите на здружението.

Собранието работи на седници. Собранието, по правило, одржува седница најмалку еднаш годишно, а со статутот на здружението може да се определи и рок пократок од една година за одржување на седница. Вонредна седница на собранието може да се одржи по писмено барање од една третина од членовите на здружението. Вонредната седница на собранието се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување. Начинот на свикување на собранието, работата и донесувањето на одлуките и одлучувањето без присуство, се уредуваат со статутот на здружението.

Застапник на здружението

Здружението има едно или повеќе лица овластени за застапување на здружението (во натамошниот текст: застапник) избран, односно именуван на начин утврден со статутот. Застапник на здружението може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија во согласност со закон. Правата и обврските застапникот на здружението ги врши во согласност со закон, статутот и актите на здружението.

Со статутот на здружението може да се предвидат и други органи на здружението.