/ Прочитано:

1.185

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Вработените во државните претпријатија и јавните институции со електронските здравствени картички, најдоцна до септември

Среда, 18 јули 2012 – До септември претставниците од државните претпријатија и јавните институции треба да ги подигнат електронските здравствени картички, соопшти Фондот за здравство. Откако ќе заврши кругот за овие институции, истото ќе можат да го направат и приватните фирми, а кон крајот на годината ќе биде овозможено граѓаните да достават доказ за платена здравствена картичка и истата да  ја подигнат од подрачните служби.

Картичката ќе биде носител на личните, административни и здравствени податоци содржани во е-здравствениот картон на секој пациент. Секоја картичка го идентификува лицето во здравствениот и останатите системи во Република Македонија. Како што се наведува, во прв момент елетронската картичка ќе значи укинување на сини картони, а потоа и на хартиената здравствена легитимација.

Висината на трошоците за издавање на електронската картичка за здравствено осигурување, изнесува 250,00 денари. Висината на трошоците за издавање на електронската картичка за здравствено осигурување за невработени лица, пензионери со нето пензија до 15.000,00 денари и  самохрани родители и деца без родители до 18 година, како и за лицата осигурени преку нив изнесува 100,00 денари. Ова не важи за лицата кои се корисници на социјална парична помош и членовите на нивните семејства и лицата корисници на постојана парична помош, тие се ослободени од трошоците.

Електронската здравствена картичка ќе се користи при секоја посета на лекар, при користење болнички, лабораториски и останати медицински услуги, земање лекови во аптеките, земање медицински помагала, користење услуги на Брзата помош.

Секој корисник на картичката ќе има можност на персонален компјутер, по пат на апликација достапна на интернет страниците на ФЗОМ, самостојнп да ја користи картичката за промена на PIN-от, за читање на личните медицински податоци запишани во електронската здравствена картичка и останатите функционалности, доколку се поддржани, а во согласност со предефинираните права на централно управуваната авторизација.

>> Постапката за издавање на електронска здравствена картичка проследетe ја тука.