/ Прочитано:

883

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Од денеска отворени денови во Централниот регистар за граѓани и правни субјекти

Вторник, 19 март 2013 – Централниот регистар на Република Македонија (ЦРМ) од денеска почнува со отворените денови на кои граѓаните и правните субјекти ќе имаат можност да добијат информации за сето она што ги интересира, а е поврзано со работата на оваа институција. Oттаму најмногу заинтересираност очекуваат во врска со бришењето на компаниите согласно последните измени на Законот за трговски друштва, за новините што се  спроведуваат во Регистарот, како и за задолжницата како инструмент за обезбедување на побарувањата.

Акцијата ќе се реализира во сите 11 регионални канцеларии на Централниот регистар во кои тимови од стручни лица ќе им бидат на располагање на граѓаните. Отворените денови почнуваат во Велес, а распоредот за следните денови ќе биде објавен на веб страницата на Централниот регистар.

„Тимовите брзо и ефикасно ќе може да им дадат одговор на заинтересираните на самото место, а граѓаните ќе бидат информирани за сите отворени прашања што за нив претставуваат дилема. Ако барањата на граѓаните се надвор од надлежностите на Централниот регистар, ќе ги упатиме до институцијата која е надлежна за решавање на нивниот проблем“, истакна директорот Ванчо Костадиновски на вчерашната прес-конференција.

Костадиновски најмногу прашања очекува да бидат поставувани во врска со бришењето на компаниите согласно последните измени на Законот за трговски друштва, за новините што се  спроведуваат во Регистарот, како и за задолжницата како инструмент за обезбедување на побарувањата.

Во врска со актуелното бришење на неактивните фирми согласно новите измени на Законот за трговски друштва, Костадиновски информираше дека веќе има објава за првата категорија компании.