/ Прочитано:

3.233

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Од 1 јануари 2013, возачка дозвола на 16 години само за одлични ученици

Понеделник, 17 септември 2012 година – Од 1 јануари 2013 година се поместува старосната граница за полагање на возачка дозвола, само за одлични ученици со примерно поведение. Малолетниците со наполнети 16 години се стекнуваат со правото за поседување на возачка дозвола од Б-категорија.

Се помести и старосната граница за „возач-почетник. Со законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „возач-почетник“ се смета од 16-18 годишна возраст, за разлика од порано, кога за почетници се сметаа сите кои имаат најмногу 21 година.  Сепак, само малолетниците кои имаат покажано одличен успех и примерно поведение за изминатата година ќе можат да полагаат возачки испит.

Постар малолетник може да се стекне со право на оспособување за управување со моторно возило од “Б“ категорија доколку ги исполнува следниве услови: 

  •  да наполнил 16 години возраст;
  •  да поседува лична карта;
  •  да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило;
  •  да има завршено најмалку основно образование;
  •  да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар;
  •  да има одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година
  •  да има писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое учи малолетникот, а доколку во училиштето нема еден од нив и од класниот раководител на ученикот, заверена на нотар.
  • оспособувањето за управување со моторно возило на постар малолетник се врши согласно со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот, со зголемен број наставни часови од практичниот дел на наставната програма за 30% во однос на бројот на наставни часови од практичниот дел на наставната програма предвидени за останатите кандидати за возачи.

Постар малолетник кој поседува возачка дозвола од “Б“ категорија не смее: 

  • да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20,00 до 5,00 часот, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател кој поседува возачка дозвола од “Б“ категорија и на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило,
  • да управува со возило со брзина поголема од 60 километри/час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри/час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 километри/час на автопат,
  • да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати,
  • да влече приклучно возило,
  •  да врши организиран превоз на деца.
  • глоба во износ од 300 евра во денарска против вредност ќе му се изрече на возач-постар малолетник кој постапува спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот. Покрај износот на глобата на возачот-постар малолетник ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило во период од три месеци до една година.
>> Консолидираниот текст на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е објавен на akademika.com.mk