/ Прочитано:

727

Шефот на Формула 1, Еклстон, ќе седне на обвинителна клупа за корупција

Четврток, 16 јануари 2014 – На првиот човек на Формула 1 Берни Еклстон ќе му се суди за корупција, потврди судот во Минхен, пренесува Би-Би-Си. 

Еклстон е обвинет дека му дал поткуп на германскиот банкар Герхард Грибковски во висина од 45 милиони долари со цел тој да организира продажба на акциите на Формула 1.  Ова се случувало во 2005 година, а  Еклстон признава дека тоа се случило, но негира мито под изговор дека станува збор за уцена. Грибковски, пак, во моментов отслужува осум и пол годишна затворска казна за примање на поткупот.

Обвинителството тврди дека генералниот директор на Формула 1 го поткупил Грибковски, кој е член на Одборот на германската банка „Bayern Landesbank“, со цел тој да  обезвредни 47,2 отсто од акциите на Формула 1 на приватната компанија „CVC“, по што Еклстон останува на челната позиција во „најбрзиот циркус“.

Еклстон, пак, има друга верзија, според која банкарот го уценувал дека ќе објави „лажни детали за неговите  даночни дејствија“.

Инаку Еклстон во моментов се соочува и со граѓанска тужба тешка 90 милиони фунти, која пред Високиот суд во Лондон ја поднесе германската медиумска компанија „Constantin Medien“. Компанијата тврди дека дека имала финансиски загуби кога во 2006 година мнозински сопственик на Формула 1 стана „CVC“.

Судот од Минхен се’ уште го нема закажано датумот на судењето на 83 годишниот британски бизнисмен, но според пишувањата на Би-Би-Си тоа најверојатно ќе биде кон крајот на април.