/ Прочитано:

1.631

Шпанија ќе ги екстрадира убиецот на Ѓинѓиќ и „лидерот“ на Земунскиот клан

Вторник, 29 јануари 2013 – Советот на министри во Шпанија ја одобри екстрадицијата на Лука Бојовиќ, познат како лидер на „Земунскиот клан“ во Србија. Заедно со Бојовиќ, екстрадиран ќе биде и Владимир Милисављевиќ – осудениот убиец на премиерот Зоран Ѓинѓиќ. 

Лука Бојовиќ

Минатиот март српските власти побараа од Шпанија екстрадиција на лидерот Лука Бојовиќ и припадниците на „Земунскиот клан“ Владимир Милисављевиќ и Синиша Петриќ. Ектрадицијата е одобрена, но поради неколку пречки тие се уште не се во Србија. 

Против Лука Бојовиќ се води судски процес на Иберискиот полуостров поради неколку злосторства меѓу кое е бруталното убиството на Милан Јуришиќ што се случило во Мадрид. Во Србија се во тек неколку судски процеси против Бојовиќ поради обвиненијата за неколку убиства и обиди за убиство. 

Бојовиќ важи за шеф на Земунскиот криминален клан, а случајот досега не е потврден со правосилна пресуда. Тој на чело на групата застанал во 2003 година, по убиството на претседателот на српската влада Зоран Ѓинѓиќ. Познат е и по полициската акција „Сабја“ во која се убиени претходните шефови на групата, Душан Спасојевиќ и Миле Луковиќ. Од Србија побегнал во 2010 година кога српската полиција ги уапсила Сретко Калиниќ и Милош Симовиќ, по нивната меѓусебна пресметка во Загреб. Осуден на 14 месеци затвор за нелегално поседување на оружје и 8 месеци за фалсификување на документи.

Владимир Милисављевиќ

Владимир Милисављевиќ беше осуден во 2007 година на 35 години затвор, судскиот процес против него се водеше додека тој беше во бегство. Во истиот судски процес казни затвор им беа изречени и на другите припадници на таканаречениот „Земунски клан“, од кои четворица беа уапсени лани во февруари во шпанскиот град Валенсија. Сите се осудени на десет години затвор за серија кривични дела во Србија и во Шпанија. Според судската одлука, Милисављевиќ доколку изрази желба, има право на повторно судење.

Милисављевиќ треба да одлежи казна затвор вкупно 82 години. За убиството на премиерот Ѓинѓиќ е осуден на 35 години, но има одлука проти него за одлежување и на 40 години затвор поради серија кривични дела во Србија каде дејствувал како член на „Земунскиот клан“. Со уште една пресуда против него го чекаат дополнителни 7 години затвор поради киднапирањето на српскиот тајкун и сопственик на „Делта“, Мирослав Мишковиќ.

Пред неколку месеци шпанската полиција ги уапси и финансиерите на „Земунскиот клан“, а повеќето од нив се обвинети за убиството на поранешниот премиер Зоран Ѓинѓиќ.