/ Прочитано:

1.807

ШТРАЈК НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: „Да се измени штетниот и демотивирачки Закон за судска служба!“

Здружението на судската администрација и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) за утре најавија предупредувачки штрајк поради незадоволството од Законот за судска служба, кој, како што нагласуваат, крајно е штетен и демотивирачки за вработените во судската служба. Не се откажуваме од нашата идеја, порачува претседателот на Здружението на судската администрација, Борче Мирчески.

Предупредувачки штрајк: Законот мора да претрпи измени

Претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески вели дека штрајкот е предупредување дека Законот за судската служба како штетен за судската администрација и службеници мора да претрпи измени или да  се донесе нов. Мирчески можноста за штрајкот ја најави и во интервјуто за Академик, кога нагласи дека доколку не се остварат нивните барања, судските службеници и администрација ќе ги радикализираат активностите и ќе излезат на штрајкови и протести.

Како што велат претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески и Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ, на штрајкот ќе излезат судските службеници од сите судови во Македонија и тој ќе трае два часа, односно од 10,30 до 12,30 часот.

Мирчески истакнува дека штрајкот е предупредувачки и има за цел да укаже дека постои огромно кумулирано незадоволство кај вработените во судската служба во врска со решенијата во Законот за судска служба и дека тие не се откажуваат од намерата да иницираат измени на, како што нагласува, штетното законско решение.

Нејасен, недоречен, контрадикторен, неприменлив, демотивирачки закон

„Овој Закон има низа суштински и технички грешки, донесен е без темелна расправа и без вклученост на стручната јавност, тој е противуставен и штетен за судската администрација. Законот е нејасен, недоречен, контрадикторен, неприменлив, демотивирачки, ограничувачки и несоодветен за специфичностите на судската служба. Постојано укажуваме на потребата од негови измени, паралелно формиравме работни групи кои работеа на предлог на измените на Законот кои ги доставивме до Министертсвото за правда, но досега немаме разбирање за предложениот текст, па одлучивме да направиме предупредувачки штрајк за да покажеме дека не се откажуваме од оваа идеја“

„Нашите предупредувања не беа земени предвид“

Генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејановски, вели дека тие како синдикат при донесувањето на овој закон, воопшто не биле информирани, ниту учествувале во подготовката на законското решение.

„По донесувањето на Законот ние поднесуваме забелешки и организиравме работни средби со Министерството за правда. Исто така, организиравме и протестен штрајк на 1 мај кој се однесуваше на Законот за судска служба. Но, нашите предупредувања не беа земени предвид. Незадоволството кај судските службеници е навистина големо и немавме друг избор освен да го организираме овој предупредувачки штрајк заедно со Здружението на судска администрација“, вели Дејановски.

„Вакви законски одредби има само кај нас“

Мирчески и Дејановски велат дека во Законот проблематично се голем бројна одредби, но особено е штетно и несоодветно оценувањето, бидејќи според законот, 5 отсто од сите судски службеници мора да бидат казнети, а 5 отсто може да бидат наградени.

„Во тие 5 отсто што ќе бидат казнети, во рок од една година ќе бидат казнети со 10 отсто од платата. Исто така, само со една негативна оценка судскиот службеник може да го изгуби работното место. Со две последователни добиени оценки 2, повторно го губи работното место. Ваква одредба ја има само кај нас. Голем проблем е и неможноста за напредување на веќе вработените. Имавме таков случај во Основен суд 2, пред неколку месеци, каде што имаше оглас на кој не можеа да аплицираат веќе вработените, туку беше наменет за нови вработувања“, нагласува Трпе Дејановски.

Што е спорно во Законот за судска служба?

„Во актуелниот закон предвидено е оценувањето на судскиот администратор да го врши претседателот на судот по предлог и мислење на претседателите на судските оддели.  Ваквата одредба е несоодветна, не е целосно обработена и го нарушува професионалниот интегритет на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување, а директно влијае врз намалување на професионалноста на судскиот администратор и на судот. Исто така, во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите работни места по кој било основ, укажуваме дека треба да му се даде приоритет на интерниот оглас. Ова е од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство, чијашто единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас. Поради наведеното, при пополнувањето на слободните работни места предлагаме најпрво да се спроведе постапка за интерен оглас.  Во делот на оценувањето, законските одредби што го регулираат начинот на оценување на судските службеници се демотивирачки и ограничувачки бидејќи е строго утврден процентот на казнување и наградување. Акцентот е ставен на казнувањето, а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност. Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент. Критериумите треба да се утврдат преку подзаконски акти и тоа за секоја група судски службеници посебно имајќи ги предвид спецификите на секоја група, а вклучувајќи ја и судската полиција“, образложува претседателот на Здружението за судска администрација, Борче Мирчески.

Законски одредби кои според Здружението за судска администрација се противуставни, недоречени и нелогични:

– Законските одредби од Законот за судска служба кои ги регулираат условите на вработување на судскиот администратор, исто така имаат недостатоци, и тоа во делот каде што е предвидено дека судскиот администратор се избира од редот на судските службеници од категоријата Б, кои треба да ги исполнуваат посебните услови за работно место за ниво Б1 на раководни судски службеници. Оваа одредба во судството е целосно неприменлива од причини што во ниту еден суд во Република Македонија нема раководни судски службеници.

– Законот за судска служба од 2014 година не ја регулира постапката за оценување на судскиот администратор. Сметаме дека оваа постапка треба да биде целосно уредена во овој закон, што би значело регулирање на формата, начинот, критериумите и правната заштита. Притоа, да се имаат предвид последиците од нејзиното недоследно регулирање, посебно во делот каде што се нарушува професионалниот карактер и интегритетот на судскиот администратор и неговото објективно и законито постапување. Исто така, во оваа постапка за оценување на судскиот администратор недостасуваат критериуми што би биле  објективни, мерливи и од суштинско значење за правилно спроведување на постапката за оценување, без притоа да бидат нарушени принципите на објективност, професионалност и правичност.

– Поради наведеното, како и според природата на работите и спецификите на работењето на судската администрација, потребно е да се зголемат надлежностите на Советот на судска служба, со што Советот на судска служба би добил позначајна улога и надлежности со кои би се пополниле недореченостите и празнините кои го уредуваат работењето на вработените во судската служба, а кои ги има во голема мера во Законот за судска служба од 2014 година.

– Во делот на законските одредби за пополнување на испразнетите и новоотворените работни места по било кој основ, од 2008 година, кога Законот за судска служба за прв пат стапи во сила, досега не профункционира, односно воопшто не се стави во функција интерниот оглас, иако би требало да му се даде приоритет на интерниот оглас пред јавниот оглас, од причина што во судовите работат судски службеници со долгогодишно професионално искуство чијашто единствена можност за унапредување и мотивација е примената на интерниот оглас. Неприменувањето на интерниот оглас влијае демотивирачки врз судските службеници. И Законот за судска служба од 2014 година не го решава ова прашање.

– Законските одредби што се однесуваат на начинот на оценување на судските службеници демотивирачки и ограничувачки бидејќи строго е утврден процентот на казнување и наградување. Акцентот е ставен на казнувањето, а не на наградата како мотив за поквалитетно и стручно извршување на работните задачи. Одредбите за оценување се преклопуваат со одредбите за дисциплинска одговорност.

Делот на оценување треба да предизвика мотивација, да има карактер на наградување. Оценувањето треба да има правилно утврдени критериуми за утврдување на оценката на вработените, но никако не смее да биде лимитирано со процент. Критериумите треба да се утврдат преку подзаконски акти, и тоа за секоја група судски службеници посебно, имајќи ги предвид спецификите на секоја група, а вклучувајќи ја и судската полиција.

– Во постојниот Закон за судска служба не постојат одредби за додаток на плата за кариера на судските службеници коешто сметаме дека треба да биде предвидено поради фактот што тоа би претставувало уште еден од мотивите и оправданоста на оценувањето.

– Во истиот закон не постојат законски одредби со кои ќе се регулира правото на  степен на кариера што го стекнале судските службеници со Законот за судска служба од 2008 година и со измените и дополнувањата од 2010 година.  Имено треба да постојат законски одредби во кои ќе биде регулирано правото на степен на кариера, како и износот на додаток за степен на кариера што треба да им биде пресметан како дополнителни бодови во делот на плата за звање.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

„Ќе ја бојкотираме работата на судовите доколку не се измени Законот за судска служба“ – БОРЧЕ МИРЧЕСКИ, претседател на Здружението на судска администрација  ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДСКА АДМИНИСТРАЦИЈА БАРА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА: Законот е противуставен, демотивирачки и дискриминирачки НЕ БИДЕТЕ ОПУШТЕНИ, МОЖЕТЕ ДА БИДЕТЕ ОТПУШТЕНИ – УПОЗ ги повикува судските службеници, судските полицајци и административните службеници на првомајски протест 2.12 2015