/ Прочитано:

949

Швајцарците на референдум се изјаснија против ограничувањето на менаџерските плати

Понеделник, 25 ноември 2013 – Првите резултати од швацарскиот референдум „Иницијатива 1:12“, кој се одржа вчера, потврдуваат дека Швајцарците се против идејата законски да се ограничат менаџерските плати на максимум 12 пати од најниската работничка плата во компаниите.

65 проценти од Швајцарците одговориле негативно на референдумското прашање дали да им се ограничи платата на менаџерите. Со тоа пропадна граѓанската иницијатива на младите социјалисти, кои со собрани 100 илјади потписи иницираа референдумско изјаснување.

Доколку беше прифатен предлогот највисоката менаџерска плата ќе изнесуваше 467 илјади евра, за разлика од просечната плата на швајцарските менаџери што минатата година изнесувала околу пет милиони евра.

Пред референдумот, очигледен беше бесот меѓу обичните Швајцарци по обелоденувањето на информациите дека некои менаџери добиваат и до 200 пати поголема плата од таа на работниците. Дополнителен потсилувач на огнот беше информацијата дека овие високи плати ги даваат компании што во исто време отпуштаат работници.