/ Прочитано:

2.320

СЈО: Отворени две нови истражни постапки под работен наслов „Тарифа“ и „Тенк“

Специјалното јавно обвинителство отвори две нови истражни постапки под работен наслов „Тарифа“ и „Тенк“. Од СЈО велат дека постапките се отворени по претходно постапување во врска со предмети оформени по службена должност по повод јавно објавени разговори.

fotografija

 „Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тарифа“ опфатени се седум лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП-систем за потребите на АД „ЕЛЕМ“, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра“, се вели со соопштението на СЈО.

Од СЈО посочуваат дека во врска со овој случај постои основано сомнение дека дел од осомничените лица неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, спротивно на посебните услови од Договорот на јавна набавка, каде што е предвидено дека плаќањето на име лиценци за одржување на софтверот ќе се изврши во гарантен и постгарантен период, кој никогаш не започнал да тече бидејќи системот не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра.

„Исто така постои основано сомнение дека едно правно лице од конзорциумот, иако било овластен субјект за набавка и имплементација на модулот за менаџмент на документација, сепак била извршена набавка на ваквиот модул преку други правни лица со посебен договор, и покрај тоа што овој модул бил предвиден во Понудата на конзорциумот и за него не била потребна посебна набавка. Воедно, постои основано сомнение дека по набавката на модулот за менаџмент на документација, едно од осомничените лица издало сертификат за оперативно прифаќање на модулот, што е услов за одобрување на плаќања по основ имплементација на модулот, иако постојат писмени докази дека модулот не е ставен во функција, па врз основа на ваквиот сертификат дел од осомничените лица одобриле исплати во износ од 16.800 евра“, велат од СЈО.

„Она што во конкретниот случај е од суштинско значење е дека од доказите произлегува дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако досега вкупно се исплатени околу 3.700.000 евра, а во согласност со Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до 11.2.2013 година.

Со наредбата за спроведување на истражната постапка во случајот „Тенк“ опфатени се две лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 од КЗ, за дејствија случени во периодот од февруари 2012 година до крајот на октомври 2012 година.

Во конкретниот случај постои основано сомнение дека, со цел да ја исполни желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки незаконски да повласти – фаворизира определен економски оператор и да се набави возило од тој тип“, посочуваат од СЈО:

Воедно, додаваат од СЈО, постои основано сомнение дека, во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на членот 36 од Законот за јавните набавки и во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање на определен економски оператор, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација.

„Постои основано сомнение дека второосомничениот во постапка по јавни набавки, иако бил свесен за незаконското привилегирање на определен економски оператор, сепак донел одлука за избор на најповолна понуда и склучил договор за јавна набавка на возило на износ од 29.852.542 денари и ДДВ во износ од 5.373.458 денари или околу 572.780 евра“, велат од СЈО.

М.В