/ Прочитано:

1.548

Случај во Тексас: Несовесно однесување на адвокат кон неговиот клиент осуден на смртна казна

Адвокати и професори по право во САД, чија специјализација е смртната казна, велат дека осудените лица не можат да го прифатат фактот да бидат оставени од страна на своите адвокати, а тоа се случува многу повеќе отколку што некој сака да признае.

Два месеца Џон Рамирез поминал во затворската ќелија броејќи ги деновите до извршувањето на смртната казна. Тој имал едно барање до затворската управа кон која испратил повеќе писма – барал нов адвокат.

Рамирез бил осуден на смртна казна во декември 2008 година за убиство на Пабло Кастро во градот Корпус Кристи кога имал 20 години. Според она што го изјавиле сведоците, Рамирез и две жени го нападнале Кастро со цел да го ограбат и со парите да купат дрога, па при нападот, тој му го скршил вратот и 20 пати го избодел со нож. На крајот, ограбувачите во џебот на Кастро нашле само 1.25 долари, избегале, а Рамирез бил уапсен во близина на границата со Мексико, 3 и пол години откако било извршено кривичното дело.

Сега, тој се соочува со проблем во врска со изрекувањето на смртната казна. Имено, неговиот адвокат воопшто не ги поднел потребните документи со кои тој барал помилување до федералниот суд.

Неговиот случај не е единствен во САД. Осудените на смртна казна низ целата држава се соочуваат со непрофесионални адвокати кои нередовно стапуваат во контакт со нив и често не водат сметка за роковите што треба да ги запазат во нивните случаи.

Во интервју за локалната телевизија „Кии“, тој изјавил дека се кае за своите постапки, бил млад и глупав и направил многу лош избор, наместо да биде совесен граѓанин. Немал намера да го стори кривичното дело или воопшто некогаш да одземе човечки живот.

Тој додава дека уште од почетокот на кривичната постапка неговиот бранител бил незаинтересиран, постојано работел несовесно, со бројни пропусти и затоа бара да му се додели нов бранител. Адвокатот Мајкл Грос го застапувал Рамирез во судските постапки кои завршиле без успех. Во ноември минатата година, Рамирез се откажал од адвокатот поради неговата непрофесионалност и оттогаш бара нов адвокат.

Во кодификацијата на Федералниот законик кој содржи 52 глави, во глава 18, дел 2, поглавје 228, се вели дека кога адвокатот еднаш застапува свој клиент има обврска до крај да биде негов бранител, сѐ до извршувањето на казната, а единствениот начин за негово исклучување е адвокатот сам да бара од судијата да го ослободи од обврската, што Грос воопшто не го сторил.

Роднина на Рамирез стапила во контакт со Грегори Гарднер, адвокат што се согласил да помогне и поднел повеќе барања до федералниот суд, за да го одложи извршувaњето на смртната казна, повикувајќи се на несовесноста на адвокатот Грос.

Кон крајот на јануари, два дена пред извршувањето на смртната казна, судијката Нелва Гонзалес Рамос ги прифатила барањата на новиот адвокат бидејќи оценила дека Рамирез бил обесправен од страна на неговиот поранешен адвокат.

Адвокати и професори по право чија специјализација е смртната казна велат дека осудените лица не можат да го прифатат фактот да бидат оставени од страна на своите адвокати, а тоа се случува многу повеќе отколку што некој сака да признае.

Кетрин Кејс, виш советник од невладина организација која се занимава со кривичниот систем, за интернет страницата www.vice.com вели дека често постојат и совесни адвокати кои сакаат да помогнат во вакви специфични случаи, но не секогаш постои некој што поседува капацитет за тоа. Тука се надоврзува и мотивацијaта на адвокатот, додава Кејс. Многу од случаите со смртна казна завршуваат ненаплатени за адвокатите и поради тоа тие не посветуваат внимание на своите клиенти.

С. М.