/ Прочитано:

3.122

„Со многу труд и со инвестирање во младите правници светскиот успех е неминовен“ – ЉУБЕН КОЦЕВ, најдобар оратор на најреномираниот натпревар по меѓународно арбитражно право

Љубен Коцев, како добитник на наградата за најдобар оратор на најреномираниот натпревар по меѓународно арбитражно право Willem C. Vis International Commercial Arbitration Moot, одржан во Виена оваа година, вели дека секој студент по право треба да тргне од премисата дека се може да се постигне со труд, со читање и со самодоверба. Младиот студент на постдипломски студии по деловно право вели дека за успеси на меѓународен план е неминовна храброста, но исто така додава дека за успехот потребно е и да се инвестира во знаењето на младите правници. Во интервјуто за Академик, Коцев раскажува за своето искуство на меѓународниот натпревар во Виена, за неговите погледи кон правничкото образование, за улогата на светската адвокатура во натпреварите од глобално значење, како и за предизвиците и за бенефициите што ги имаат студентите по право учествувајќи во ваквите светски центри и ерудитивни бази на правната мисла, на факултетската едукација и на адвокатска практика.

„Љубовта кон правото некако ми дојде најприродно“

Најдобриот оратор на меѓународниот натпревар по арбитражно право вели дека секој правник со своето образование низ годините се пронаоѓа себе си за која специјалност би се определил и во таа насока објаснува дека учеството на меѓународни натпревари игра голема улога во градењето на личноста на студентот на право, но и во неговата определба за понатамошното професионално етаблирање.

„Во моето семејство правната професија е традиција. Татко ми е правник и работи како адвокат, сестра ми,  која е постара од мене, исто така е правник, па уште од мал бев, така да кажам, изложен на правнички влијанија. Не дека имало некоја строга насока, но љубовта кон правото некако ми дојде најприродно. Се запишав на Правниот факултет, имав интерес за новинарство и за правник, но одлучив да продолжам на правни студии. Го завршив првиот циклус, и потоа продолжив на постдипломски студии по деловно право. Моментално ја подготвувам магистерската теза, која би требало набрзо да ја одбранам и да го комплетирам вториот циклус на студии“, раскажува Љубен Коцев за својата првична определба да студира право.

„Имав голем мотив да бидам дел од тимот“

Тој вели со оглед на тоа дека неговите постдипломски студии се фокусирани кон деловното и кон трговското право, тоа му била и одлична основа да се подготви за учество на најпрестижниот  натпревар по меѓународно арбитражно право. Сепак, нагласува дека студиите се само базичен дел на она што се нарекува солидна подготовка за ваков тип натпревар.

 „Нивото на кое се учи факултетската материја е доста пониско од она за натпреварот. Треба многу работа за да се надгради таа основа и тоа само за да се постигне задоволително ниво за натпреварот во Виена“, вели Коцев, образложувајќи дека тој знаел дека доколку се пријави за натпреварот ќе биде соочен со многу истражување и со макотрпна академска работа.

„Имав голем мотив да бидам дел од тимот. Катедрата кај нас имаше објавено оглас, се пријавив бидејќи пред сè се работи за трговска арбитража. Јас не го знаев доволно тој концепт, се разбира, но бидејќи е поврзано со трговското право, што пак е мој академиски интерес, се пријавив на огласот. Имаше  процес на селекција. Од 40/50 кандидати, бевме избрани 6 души. Првиот пат се пријавив лани и бев дел од минатогодишниот натпревар, но професорот Тони Десковски ми понуди и оваа година да бидам дел од тимот и јас со задоволство прифатив. Професорот рече дека може да се постигнат поголеми успеси оваа година и така испадна. Како старо-нов член оваа година, заедно со моите колеги,  го постигнавме огромниот успех да влеземе меѓу најдобрите правни факултети во светот“, раскажува Коцев, додавајќи дека искуството од натпреварот за него е непроценливо.

Натпреварот е непроценливо искуство за секој правник

Според него, она што може да се стекне како знаење од предавањата на факултетите е неспоредливо со знаењето што се стекнува од подготовките и со учеството на натпреварот.

„Учеството на натпреварот е од исклучително значење и претставува непроценливо искуство за еден правник. Тоа е незаменливо искуство што се гради со едно поинакво знаење.  Ова е тип на знаење кое не може да се стекне само со предавања бидејќи самиот склоп на натпреварот е таков, вклучува теорија и пракса. Најпрво се гради случај, а за тоа е потребно читање на многу реномирана литература, потоа читање на многу случаи и финално сето тоа што е прочитано и што е сработено треба да се презентира во пракса. Во овој контекст, би сакал да истакнам дека кај нас овој натпревар станува популарен, но не го добива вниманието што го заслужува. Во други земји, учеството на овој натпревар носи кредити при студирањето или, пак, студентите се ослободени од полагање испити, па дури и од ослободување од пишување магистерска теза. Ова го кажувам само колку да илустрирам какво значење има натпреварот во други земји. Ова до одреден степен можеби е премногу во врска со тезата, но во однос на другите сегменти нашиот факултет треба да му посвети повеќе внимание на овој натпревар“, вели Коцев.

Најдобрите правници собрани на едно место

Како што додава, бенефицијата за правниците од учеството не е само од лична едукативна природа, туку дисперзирана и во рамки на креирањето на нови контакти и пријателства затоа што финалните рунди на натпреварот се конципирани на тој начин, како што акцентира, да бидат место во кое се собрани најдобрите правници во светот, професорите од најелитните универзитети и луѓето од најдобрите адвокатски канцеларии.

Младиот студент образложува дека можностите за нови контакти, за вработување и за продолжување на кариерата на светски универзитети е огромна, поаѓајќи од фактот дека доколку некој професор од тие универзитети забележи потенцијал кај некој студент, со неговата препорака многу лесно може да се стане дел од студиите на некој од светските факултети.

Исто така, како што појаснува Коцев, ваквите меѓународни натпревари се особено интересни и суштински битни и за адвокатурата.  Имено, адвокатите биле тие кои често ги спонзорирале учесниците на натпреварите.

Адвокатските канцеларии спонзорираат, но и вработуваат

„Тимовите што одат најчесто се спонзорирани од адвокатски канцеларии, кои потоа  ги вработуваат кај нив, односно на некој начин самите го селектираат најквалитетниот кадар,  меѓу другото и самите адвокатски фирми се презентираат на тие натпревари. Исто така, адвокатите се вклучени и во самите подготовки, првично дури и натпреварите се одвиваат во адвокатските канцеларии. Оттука, јасно е дека  бенефицијата  од овие натпревари е голема и за адвокатурата, односно за сите инволвирани – државата, универзитетот, студентите, адвокатските фирми“, вели Коцев.

Различен концепт на ораторство – вештина на презентирање на аргументите

Најдобриот оратор на натпреварот објаснува дека има дистинкција меѓу ораторството на Правниот факултет „Јустинијан Први“  што се организира на Ораторските вечери и она што е присутно на натпреварот во Виена.

„Концептот на ораторство е малку поразличен од овој концепт на ораторство на натпреварот. Кај првиот тип ораторот држи говор, но во вториот имате одреден период на кој ги презентирате фактите на најдобар начин, а притоа добивате многу прашања од арбитрите. Всушност тоа е вештина како да ги кажете аргументи без да го надминете лимитот, како да маневрирате со прашањата. Ова е значи вештина на презентирање на аргументите,  дали аргументите се издржани, дали има бизнис-логика и критичко мислење“, вели Коцев, укажувајќи дека на овој тип настап многу се цени настапот на двајцата адвокати и на нивната соработка при настапот.

„Дел од моите заслуги се и на колешката Марија Ангеловска која многу ми помагаше при настапот затоа што и тоа е многу важно при оценувањето од страна на арбитрите. Тие многу гледаат на тоа“ вели Коцев, добитникот за почесна награда за најдобар оратор.

„Оваа награда се доделува на студенти кои во генералните рунди на настапи  освоиле генерално над 40 поени. Тоа е една група од триесетина најдобри  студенти, а од 1.000 студенти-учесници. Тие триесет се најдобри индивидуални оратори“, објаснува тој.

Повеќе да се инвестира во младите правници

Љубен Коцев смета дека е потребно повеќе да се акцентира значењето на овој натпревар на Правниот факултет затоа што, како што вели, талентирани правници има, но потребна им е поддршка.

„На Правниот факултет премногу недостасуваат вакви активности затоа што во целиот свет тоа најмногу се цени. Само на овој начин Универзитетот и факултетот можат да се докажуваат со најпрестижните правни факултети. Регионалните факултети многу настапуваат на вакви натпревари. Овој во Виена е најпрестижниот за меѓународно арбитражно право, но има и за јавно право, за даноци итн., буквално за секоја проблематика. Тие факултети го имаат сфатено значењето на тоа. Кај нас колку повеќе се инвестира во студентите во таа насока, толку поквалитетен кадар ќе излегува и ќе му носи голем рејтинг и престиж на факултетот, како што впрочем е и со последниов успех“, смета Коцев, кој оваа година на покана на професорот Десковски ќе биде тренер на новите членови на тимот.

„Во следниот период пренесувањето на знаењето на студентите ќе ме исполнува најмногу“

За таа цел тој вели дека максимално ќе се заложи да го добијат најдоброто знаење и во таа насока ги повикува  студентите да се приклучат и да се охрабрат за нови светски успеси. Својата посветеност кон едукацијата Коцев ја темели и врз својата лична определба да се насочи кон нови научни надградби.

„Правото нуди многу можности и тешко е од почеток да се каже кои се моите планови за понатаму. Но мојата сегашна амбиција е да се насочам кон научната надградба преку студии во странство или тука, но не ја исклучувам ниту адвокатурата како професионален предизвик. Секој цели кон тоа да опфати повеќе за да се надгради како правник, па потоа да се одлучи што би го интересирало најмногу. Знам дека мене во следниот период најмногу ќе ме исполнува пренесувањето на знаењето на студентите “, вели Љубен Коцев.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

17 април 2015