/ Прочитано:

1.198

Со партнерите делам бизнис, но на некој начин и живот — Марија Бојовиќ, управувачки партнер во „Бојовиќ и Партнери“

Марија Бојовиќ е управувачки партнер во реномираното адвокатско друштво „Бојовиќ и Партнери“ од Белград. Оваа успешна адвокатка се вброи во врвните предавачи на првата регионална конференција „Управување со правни ризици“, што се одржа во Скопје во организација на АКАДЕМИК. Освен за импресиите од конференцијата, гостинката од Белград во интервју за Академик.мк проговори и за партнерските односи во друштвото, за кои потенцираше: најзначајно ми е на едно човечно ниво да ги договараме и уредуваме нашите односи, потоа се осврнувам на клалитетот, професионалноста, способноста и моја и нивна.
Какви се Вашите импресии oд Конференцијата на АКАДЕМИК, дали според Вас ги исполни очекувањата? 

Конференцијата беше исклучителна, ги надмина моите очекувања и навистина сум пријатно изненадена. Воодушевена сум од колегата Георги Димитров, од организацијата и текот на конференијата, како и на прецизноста во целост. Исто така, воодушевена сум од предавачите кои очигледно е дека се прецизно одбрани. Можам да кажам дека на Конференцијата за управување со правните ризици слушнавме нешто ново, ни се отворија нови хоризонти.

Во моментов во Србија, тренд е расчистувањето на спорни приватизации и лицата кои се вклучени во нив. Колку спорните приватизации имаат влијание врз одлуките на инвеститорите?

Мислам дека тоа има големо влијание врз одлуките на странските инвеститори. Имено, расчистувањето со корупција е и услов за влез на Србија во ЕУ, а ние сега ги почнуваме преговорите. Така што се отвораат  многу причини и прашања кои се однесуваат на прашањето дали странските инвеститори ќе дојдат во Србија.

Какви се Вашите искуства од иннерпартнерските односи во Вашето адвокатско друштво?

Лично имам големо искуство со партнерските односи меѓу адвокати. Причината е тоа што во моментов сум во втора адвокатска канцеларија во која сум партнер. Претходно бев основач на друга адвокатска канцеларија. Многу е важно и чувствително прашањето кого ќе одберете за ваш партнер. Слично е и со друг бизнис,  партнертството е специфично само по себе, со партнерите делите бизнис, а на некој начин и живот. Така што изборот на партнер во адвокатска канцеларија, според мене е исто како и избор на животен партнер. Првенствено, мене најзначајно ми е да ги договараме и уредуваме нашите односи на едно човечно ниво, потоа се осврнувам на квалитетот, професионалноста, способноста и моја и нивна. Меѓутоа, човечкиот фактор ми е најбитен, па се останато.

На какво ниво е деловната профилираност на адвокатурата во Србија во контекст на општиот интерес за добивање на адвокатските услуги?

Па доста профилирано со години, можам да зборувам за пазарот што се однесува на мојата работа, јас сум дел од адвокатска фирма што се занимава со стопанско право и се ориентирани на странските инвестиции што се влеваат во Србија. Секако има доста адвокати кои се занимаваат со кривичната материја, но застапуваат и домашни фирми, па и се останато. Има уште слободен простор за развој на нови адвокатски друштва. Можам да кажам дека во континуитет се профилираат и помали фирми кои влегуваат во овие води. 


Објавено: 13.11.2013 

Разговараше: Паула Божиновски