/ Прочитано:

2.533

СО ЗАЕДНИЧКА ТУЖБА ПРОТИВ БЕГ И РЕГУЛАТОРНА: „Оваа тужба ни е карта за Стразбур“

„Наоружани“ со закони, судска пракса и научни студии, револтирани граѓани, денеска во Основниот суд Скопје 2 дојдоа на првото рочиште како претставници на 260 лица кои во ноември минатата година поднесоа заедничка тужба против Балкан енерџи груп (БЕГ) и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Граѓаните, кои изминатиов период својот револт исто така го искажуваат на протести пред Регулаторна, не можат да се помират со Правилникот за снабдување со топлинска енергија донесен во 2012 година, според кој  надоместок за топлинска енергија плаќаат и оние што го исклучиле парното и истовремено не склучиле договор за снабдување. Рочиштето, сепак, беше одложено за 23 јуни поради недоставени покани до тужените од страна на Судот.

Граѓаните тужат за нанесена душевна болка и  бараат симболична отштета по 10 денари од лице. 

„Ова е организиран криминал во кој се вклучени повеќе фирми, институции и државни органи… Оваа тужба е за душевната болка што им е нанесена на граѓаните и е повеќе симболична. Повредени ни се правата гарантирани со Уставот. Бараме по 10 денари од човек за нанесена душевна болка. Ние не бараме милионски суми како некои наши политичари“, вели еден од тужителите.

Недоверба во домашното судство

Во македонските судови немаат верба. Велат: „Очекуваме да го изгубиме спорот, оваа тужба, всушност, нам ни е карта за Стразбур“.

„Ќе изгубиме овде, ќе изгубиме второстепено и ќе се жалиме во Стразбур. Ние сакаме што побрзо да заврши овој спор. Не можеме да се залажуваме, зад оваа работа стои актуелната Влада до која се обративме и која се прогласи за ненадлежна, Уставниот суд, кој не поведе постапка за ставот 3 од член 53 од  Правилникот за снабдување со топлинска енергија… значи, целата држава стои зад нешто што е противуставно. Вистински злосторнички здружени против народот“, вели друг тужител.

„Балкан енерџи груп“, пак, ги тужи граѓаните за неплатени сметки. Досега секој граѓанин е тужен по неколку пати за истото, а тужбите и понатаму продолжуваат. Тужените граѓани се жалат на невоедначена судска пракса. Тврдат дека исти судски совети за идентични случаи, носат различни пресуди.

„Неосновано се издаваат платни налози. Судовите, пак, неосновано во повеќето случаи од постапките ги одбиваат приговорите на граѓаните. За иста правна работа, ист совет, носат различни пресуди. Има судии што судат по закон, но повеќето судии судат по директива и под принуда“, истакнуваат  тие.

„Во мојот случај ниту се испорачува топлинска енергија, ниту имам цевки во станот, ниту, пак, има грејач во влезот. По ниеден основ не доставуваат доказ, само велат ‘ти си пасивен потрошувач’“, тврди еден од тужените, кои тужи за душевна болка.

„Според членот 66 од Правилникот, сите исклучени мора да склучат договор, а ако не склучат договор, ќе плаќаат ангажирана моќност. Договорот под принуда е ништовен договор“, додава тој.

Еден од приговорите што го прифати Судот е на тужениот Ацо Спасовски.

„Во конкретниот случај од изведените докази е евидентно дека тужениот не е во обврска да го плати побаруваниот износ од страна на тужителот во вкупен износ од 3.413 денари. Дотолку повеќе што тужителот и тужениот немаат склучено меѓусебен договор за снабдување со топлинска енергија. Во конкретниот случај Судот цени дека странките не стапиле во облигационен однос, тужениот не се снабдува со топлинска енергија што ја испорачува тужителот и не произлегува обврската на тужителот да врши снабдување со топлинска енергија во станбениот простор на тужениот, па тужениот редовно ги плаќа фактурите за фиксниот надоместок на ангажирана моќност“, се вели во образложението на пресудата.

Уставен суд: исклучениот потрошувач е пасивен потрошувач

Иницијатор на започнувањето на судската постапка е Стрезо Стрезовски, кој двапати ја оспоруваше ваквата одлука на Регулаторна пред Уставниот суд. Во 2009 година Уставниот суд ја укина одредбата со која Топлификација се обидуваше да им наметне плаќање на исклучените. Уставниот суд образложи дека: „според членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на република Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија“. Но вториот пат, кога повторно се воведе спорниот член во Правилникот за испорака на топлинска енергија, Уставниот суд во 2013 година  одлучи дека нема повреда во тоа граѓаните да плаќаат за неиспорачаната топлинска енергија. 

Одлуката да не расправа за членот, кој е спорен за граѓаните што живеат во колективни станбени згради, но не ги користат услугите на „Балкан енерџи“, Судот ја објаснува со тоа дека низ становите на станарите што се исклучени поминуваат цевки од топловодниот систем, преку кои и кај нив се дистрибуира дел од топлината. 

Судот смета дека и исклучениот потрошувач е пасивен потрошувач и затоа има обврска да плати сразмерен надомест за пасивното користење на енергијата, кој не треба да падне на товар на оние што сè уште се поврзани во системот за затоплување. 

По ваквото образложение не стивнуваат и реакциите до Организацијата на потрошувачите на Македонија,  а барање беше упатено и до Владата на РМ.

„Ве информираме дека Владата на РМ нема надлежност да постапува по вашето барање“, се вели во одговорот што го упатува подносителот на искористување на сите правни лекови кои му стојат на располагање во насока на остварување на неговите права. 

Народниот правобранител, до кој исто така се обратиле, укажува дека е потребно да се води сметка за правото на слободен избор бидејќи ограничувањето е спротивно на Уставот. 

Со овој проблем се засегнати околу 20 илјади домаќинства. Најголемиот дел од нив се корисници на услугите на Балкан Енерџи Груп, а живеат во скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Центар и Карпош. Во текот на 2012-та година и граѓанското здружение АМАН протестираше токму на оваа тема, но не доби поддршка од власта за измени во Законот за енергетика.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk