/ Прочитано:

1.314

Со заемна соработка во правосудството до правичен пристап на граѓаните до правдата – интервју со д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии

Изјаснувањата на граѓаните во однос на довербата во судството за нас се патоказ за проектирање на идните активности, а во рамките на нашите надлежности, во рамките на комплексот фактори кои го сочинуваат правосудниот систем, притоа имајќи ги предвид целите и задачите на Здружението, фокусирајќи се особено на спроведувањето на Кодексот на судиска етика како инструмент кој има реален придонес, меѓу другото, и во креирањето на мислењето на граѓаните, вели во интервјуто за Академик д-р Џемали Саити, претседател на Здружението на судии на Република Македонија и судија во Врховниот суд.

akad 4

Господине Саити, како нов претседател на Здружението на судии, кои ќе бидат целите во вашето работење?

Приоритетите во работата на Здружението ќе бидат утврдени во согласност со целите што се дефинирани во Статутот на Здружението. Во моето прво обраќање пред Собранието на Здружението, беа истакнати општите определби, а во основа тие се однесуваат на афирмирање на целите на Здружението и особено на јакнењето на независноста и самостојноста на судиите, како и на унапредувањето на статусот на судиите преку воспоставување на соодветни и објективизирани правни и практични механизми. Во насока на остварување на овие цели, особено е важно зајакнувањето на позицијата на Здружението, за таа цел како приоритети се поставени: редефинирањето на целите и задачите на Здружението, нормативната консолидација на Статутот, во смисла на внатрешната организациска поставеност и конституирањето на органите, како и зајакнувањето на соработката со надлежните органи кои го сочинуваат правосудниот систем и релевантните домашни и меѓународни асоцијации од областа на судството и владеењето на правото.

Податоците од Извештајот на Евробарометарот покажуваат дека е потребно враќање на довербата на граѓаните во судството. Какви ќе бидат вашите заложби и активности во оваа насока?

Прашањето за довербата на граѓаните во судството е многу значајно за Здружението, но истовремено и многу чувствително, како од аспект на обезбедувањето на релевантни и објективни сондажи така и од аспект на поставеноста кон таквите евентуални резултати од тие истражувања. Во конкретниот случај, одговарајќи на Вашето прашање , ќе истакнам дека изјаснувањата на граѓаните во однос на довербата во судството за нас се патоказ за проектирање на идните активности, а во рамките на нашите надлежности, во рамките на комплексот фактори кои го сочинуваат правосудниот систем, притоа имајќи ги предвид целите и задачите на Здружението, фокусирајќи се особено на спроведувањето на Кодексот на судиска етика како инструмент кој има реален придонес, меѓу другото, и во креирањето на мислењето на граѓаните.

Што е треба да се стори за да се подобри професионалниот и општествениот статус на судиите?

Подобрувањето на професионалноста и општествениот статус на судиите ќе биде постојана заложба на Здружението, преку преземање разни активности во насока на доедукација на судиите, во согласност со предизвиците на времето и постојаното нормативно усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија, сето ова во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, како и со останати образовни и научни институции. Од друга страна, општествениот статус на судиите е прашање што подолг временски период е тема на дебата меѓу судиите, но лично сметам дека треба да се интензивира и да се заснова на општоприфатените стандарди, од една страна, и реалните национални индикатори, од друга страна.

Етиката е едно од клучните прашања за интегритетот на секој судија. Како во следниот период, а во согласност со Етичкиот кодекс на судиите, ќе биде ставен акцентот на ова прашање?

Во изминатиот период на дејствување на Здружението беа преземени клучните активности за кодификација на правилата што ги уредуваат прашањата за етиката на судиите во вид на Кодекс за судиска етика, а посебно за востановувањето на соодветен орган во вид на советодавно тело за судиска етика. Во овој контекст, нашите идни активности ќе бидат насочени кон заживување на ова тело, притоа се планирани активности од организационен и од функционален карактер, кои ќе бидат дизајнирани во согласност со утврдените потреби.

Вчера беше Ден на правосудството. Која е вашата порака до судиите и до сите фактори во правосудството по повод овој ден?

На сите колеги им го честитам Денот на правосудството, со надеж дека во иднина ќе можеме сите заедно да ги оствариме нашите цели, а во насока на подобрување на професионалноста и општествениот статус на судиите, преку воспоставување ефикасни нормативни и институционални претпоставки кои го гарантираат интегритетот на судијата. На овој пат ги повикувам колегите судии и останатите фактори на правосудниот систем на постојана соработка сѐ со цел на граѓаните да им обезбедиме соодветни гаранции за реален и правичен пристап до правдата.

ИЗБРАН НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ: д-р Џемали Саити, судија во Врховниот суд

M.В / veljanoskim@akademik.mk