/ Прочитано:

2.127

СОЦИЈАЛНА ДРЖАВА: Живот на вересија, заеми и печалбарска помош како социјална заштита

Македонија не е социјална држава. Вересијата e стратегија како да се преживее месецот, а печалбарите имаат улога на неформална социјална заштита. Потребно е да се воведе гарантиран доход за домаќинствата. Ова беше констатирано на денешната тркалезна маса „Системот на социјална заштита и дознаките како неформална социјална заштита во Македонија“, во организација на „Фајнанс тинк“ (Finance Think).

Благица Петрески од „Фајнанс тинк“ на почетокот на тркалезната маса го образложи проектот Системот на социјална заштита и дознаките како неформална социјална заштита во Македонија чија цел е да одговори на прашањата поврзани со системот на македонската социјална заштита, сиромаштијата и како да се пронајдат механизми за поефикасен систем на социјална заштита. Според истражувањата, социјалната помош намалува само 2,5 процентни поени од сиромаштијата, а додека дознаките имаат улога на неформална социјална заштита.

„Главно дознаките функционираат преку индикаторот за сиромаштија, па така семејствата кои примаат дознаки имаат за 27% помала веројтаност да западнат во сиромаштија“,  истакна Петрески.

Заемот и вересијата како стратегија да се преживее месецот

М-р Билјана Котевска од Институтот за европска политика, осврнувајќи се на прашањето за  основни секојдневни потреби и стратегии за справување на лицата што примаат социјална помош, ги презентираше првичните наоди од истражувањето за интерсекциска дискриминација во областа на социјалната заштита.

Котевска појасни дека методологијата на спроведување на истражувањето била реализирана преку индивидуални интервјуа на лицата што имаат потреба од социјална помош или што се во социјален ризик. Воедно, таа потенцираше дека ова се првични наоди, а финалното истражување ќе биде презентирано наскоро.

Според податоците на истражувањето, лицата на кои им е неопходно да користат социјалана помош и кои се во социјален ризик, одговориле дека се соочуваат со голем број проблеми во секојдневното живеење во однос на нивните егзистенцијални потреби.

Како што образложи Котевска, испитаниците, зависно од секој случај, истакнале дека тие не можат да си обезбедат храна, бебешки производи, облека, средства за хигиена, греење, транспорт, образование за децата. За да ги надминат овие егзистенцијални проблеми, тие на различни начини се снаоѓале за да го поминат месецот.

Купувањето прехранбен производ за неколку дена, штедењето лекарства, одложувањето на добивањето на медицински услуги до прогресирање на болеста, соочувањето со заостанати долгови и купување храна „на пишување“, проблеми со плаќањето на сметките, соочување со извршители се дел од примерите што ги посочи Котевска, додавајќи дека луѓето од посочените категории пронаоѓале и начини како да го преживеат месецот така што барале помош од семејствата, барале заеми, примале пари на туѓа сметка или чистеле по домови.

Потребно е да се воведе гарантиран доход

На презентацијата на Котевска со резултатите од теренските истражувања се надоврза и д-р Бранимир Јовановиќ, економски истражувач и член на Левичарско движење „Солидарност“ „Македонија не е социјална држава“  беше насловот на неговата презентација, која ја започна со прашањето: Дали може да се живее со 40 денари на ден? Според анализите на Јовановиќ, иако Македонија во Уставот се декларира како социјална држава, таа не е тоа.

„Социјалната заштита е ниска. Но не само што е лоша, таа е и лошо таргетирана. Таа изнесува 5.200 денари, што значи тоа е по 40 денари на ден по човек“, нагласи Јовановиќ.

„Прашањето е дали може да се живее со овие средства и што треба да се направи во врска со тоа?“, додаде економскиот аналитичар. За таа цел тој го спореди износот на социјалната помош во однос на БДП со европски и светски примери. Според податоците, тој изнесува 2,5% во Македонија, 7 % во Словенија, 9% во Англија, 5% во САД, а 11% во Шведска. Македонија, како што истакна Јовановиќ, е на нивото на некои латиноамерикански земји, кај кои, пак,  социјалната помош бележела пораст, додека во Македонија тоа не е случај. Јовановиќ, во таа насока, предложи и дека е потребно да се спроведе радикален реформизам, односно да се создаде политика и практика на гарантиран и прогресивен доход.

„Потребно е драстично да се помогне на домаќинствата преку т.н. политика на минимален доход на семејство“, подвлече Јовановиќ.

Тој предлага посочениот доход да се распредели така што домаќинство, односно семејство од еден член да би добие по 6.000 денари месечно, семејство од два члена околу 8.500, од три члена околу 10.500 денари месечно, а семејство од 4 члена околу 12.000 денари.

Печалбарите како неформална социјална заштита

М-р Деспина Петреска од асоцијацијата за економско истражување, застапување и донесување економски политики „Фајнанс тинк“ се осврна на прашањето за „Миграцијата како социјална заштита: анализа на македонски, албански и српски домаќинства што примаат дознаки“, презентирајќи првични наоди од истражување на влијанието на дознаките врз социјалната ранливост.

Петреска ги анализираше економските импликации од примањето на дознаките и што значат тие за потрошувачката, аргументирајќи дека членовите на домаќинствата што добиваат дознаки се, како што истакна, поздрави и понахранети, што воедно одговара и на прашањето за миграцијата како социјална заштита и влијанието врз потрошувачката.

„Најдраматичен е резултатот дека сиромашните семејства дури 91% од својата потрошувачка ја финансираат со примените дознаки“, нагласи Петреска.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

10. 06. 2015