/ Прочитано:

1.714

Согласно измените во Законот за семејство ќе се одзема родителското право за наведување деца на питачење

Четврток, 6 март 2014 – Со новите измени на Законот за семејство кои стапија во сила оваа недела на јасен и прецизен начин се уредува заштитата на децата од злоупотреба од питачење и се овозможува грижа за спречување на злоупотребата на децата, информира министерот за труд и социјална политика. 

Министерството за труд и социјална политика во координирана акција заедно со Центарот за социјални работи и Клиниката за Детски болести преку измените во Законот за семејство ќе се обидат да им помогнат на децата кои се злоупотребуваат и се наведуваат на питачење.

„Министертвото и досега преземаше мерки за да се справи со питачењето на децата на улица, кое како појава најдиректно ги загрозува правата на децата и претставува ризик по нивното задравје и правилен развој. Во многу случаи токму родителите се тие кои ги принудуваат децата да питачат со нив и со постојните законски прописи имаше одредби кои го регулираат ваквото однесување на родителите“, истакнa министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Со овие измени, додаде Спасов, се стремиме да постигнеме прецизирање на одредбите кои се однесуваат на злоупотреба и грубо занeмeрување на вршењето на родителските должности од страна на родителите со цел обезбедување поголема заштита на децата.

Со новите измени секое наведување на питачење на детето ќе се смета за злоупотреба и занемарување на детето од страна на родителот за кое ќе му биде укажано од Центарот за социјална заштита кој ќе врши постојан надзор врз родителот. Доколку родителот не постапува во согласнот со укажувањата од Центарот, тогаш времено ќе му биде одземено детето кое е наведувано на питачење, а ќе се покрене постапка за одземање на родителското право на родителот и против него ќе се поведе кривична постапка.

Доколку се утврди дека при користење на детето за питачење, детето е доведено во опасност, тогаш Ценатарот за социјална работа е должен веднаш времено да го одземе детето од родителот.

За децата кои ќе бидат згрижени во Центарот за социјална работа ќе биде воведен задолжителен лекарски преглед и во сите Центри за Социјални работи ќе има лица за координација и стручен тим кои ќе бидат постојано достапни и  ќе интервенираат веднаш по пријавата од граѓаните.

„При Центарот за социјални работи функционират и два дневни центри во Кисела Вода и Автокоманда за деца на улица. Во тие дневни центри децата се ресоцијализираат , добиваат едукација се подготвуваат за вклучување во редовен образовен процес, имаат редовни здравствени  прегледи, истакна в.д директорот на ЈУМЦСР Скопје, Билјана Јарчевска.

Граѓаните кои ќе забележат деца кои се злоупотребуваат за питачење случајот ќе можат да го пријават на бесплатната телефонска линија 15505, при што веднаш надлежните служби ќе интервенираат на терен.

Во 2013 година во Скопје биле регистрирани 27 деца како питачат, а во другите градови 89 деца. Родителското право во Скопје им било одземено на 5 родители,а во згрижувачко семејство биле згрижени 7 деца. Има поднесено 15 кривични пријави кон родители и 12 деца биле вклучени во образование.