/ Прочитано:

1.408

„Солидното правничко знаење и искуство се клучни квалитети кои треба да ги поседува Студентскиот правобранител“ – ВАСКА БОЈАЏИ, Студентски правобранител

Вели дека клучен момент за избор на правничката професија било нејзиното волонтерско искуство во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Таму преку борбата за детските права осознала дека практикувањето на правото е моќна алатка за позитивни промени во општеството. Од тие причини, Васка Бојаџи, апсолвентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и нов Студентски правобранител, уверена е дека солидното правничко знаење е огромна и пресудна предност во борбата за студентските права и интереси.

Правничко знаење и свест за студентското правобранителство како борба за правда

„Според мене клучните квалитети кои треба да ги поседува Студентскиот правобранител се солидното правничко знаење и искуство. Поради тоа верувам дека пресудни за мојот избор биле високиот академски успех, вршењето на функцијата заменик студентски правобранител на Правниот факултет во изминатата година и половина, како и едногодишната работа во Комисијата за студентски жалби на УКИМ. Благодарение овие ангажмани детално се запознав со релевантните прописи со кои се гарантирани студентските права. Потоа преку секоја решена претставка се стекнав и со способноста за нивна практична примена. Токму поради овие мои познавања, способности и вештини бев кандидат кој ќе може најдобро да одговори на потребите на студентите уште од првиот ден од правобранителскиот мандат“, вели Бојаџи.

Во тој контекст, таа појаснува дека вршењето на функцијата Студентски правобранител се состои од преземање мерки за усогласување на однесувањето на надлежните лица и органи со правилата предвидени во соодветните прописи со кои се загарантирани студентските права и од тие причини праввниците имаат своевидна предност во вршењето на функцијата.

„Несомнено, студирањето на Правниот факултет придонесе во градењето на висока свест кај мене за големото значење и потреба од извршувањето на оваа фунција која во својата суштина претставува борба за правда. Како и да е, борбата за правда е нешто што секој посветен правник треба да го има во себе. Фактот што оваа функција ја извршува студент, начин кој е единствен во регионот (секаде во другите држави тоа е професор или асистент) е уште попредизвикувачки и помотивирачки за мене“, нагласува Студентскиот правобранител.

„Студентите често се обраќаат и кога имаат определени дилеми во врска со нивните права

Од детектираните слабости во студентската и академската заедница, Бојаџи издвојува повеќе потешкотии, за кои вели дека е неоходен засилен ангажман и соработка од сите чинители.

„Потешкотиите со кои студентите се среќаваат во текот на студирањето најчесто се вбројуваат неуредноста на студентското досие, осносно неуредната документација, бавната процедура за признавање испити доколку била искористена студиска размена, изгубени пријави за испит или испитен тест, однесување кое не во согласнот со Етичкиот кодекс, проблеми при извршувањето на еквиваленцијата. Мошне често студентите се обраќаат и кога имаат определени дилеми во врска со нивните права или кога им е потребна консултација во врска со начинот на реализирање на студентските права“, вели таа.

Агенда, принципи на работа и апел до студентите

Стдентскиот правобранител Бојаџи укажува која ќе биде и нејзината фокус – агенда за надминување на проблемите со кои се соочуваат студентите и вели дека тоа и е предизвик со оглед на фактот дека искуство во борбата за студентските права има, но овојпат таа мора да се дисперзира во рамки на целиот универзитетски кампус и едукативен делокруг.

„Ефективното решавање на поднесените претставки по институционален пат, преку користење на надлежностите ќе биде во фокусот на моите заложби. Покрај решавањето на тековните проблеми, во преден план ќе ми биде организирањето на информативни и едукативни активности кои ќе влијаат на зголемувањето на запознаеноста на студентите со нивните права и обврски. Во план е реализирање на многубројни трибини и јавни дискусии со студентите од секој факултет на УКИМ. Следејќи ја досегашната практика веќе во средината на септември ќе бидат реализирани 5 трибини на Правниот факултет, Економскиот факултет, Машински факултет, ФЕИТ и ФИНКИ. Сето тоа со цел подетално информирање на студентите со нивните права и можноста за нивна заштита. Покрај трибините, ќе се остваруваат и неформални средби со студентите кои ќе бидат платформа за изнесување на проблемите, а и можност за охрабрување на студентите да побараат заштита при повредата на нивните права“, посочува Бојаџи.

Во таа насока таа на студентите им порачува да се обраќаат до неа во секое време, секогаш кога се работи за нивните права.

„Студентскиот правобранител може да преземе мерки само по нивна иницијатива и согласност. „Таков е системот“ или „така било отсекогаш“, не смеат да бидат изговорите за непријавување на проблемите. Во моето досегашното искуство се покажа дека нема нерешлив проблем кога постои интерес и мотивираност за успешна разрешница. Исто така студентите треба да ја имаат предвид можноста за задржување на анонимноста при поднесувањето на претставка која е од општ интерес и која се однесува на некој колективен проблем. Тоа го оневозможува остварувањето на стравот кај студентите од подоцнежен несоодветен третман од страна на професорот. При секоја поднесена претставка студентите треба да знаат дека помошта ќе им биде укажана од личност која е исто така студент кој добро ги рабира нивните проблеми и со голем ентузијазам, професионалност и одговорност ќе се впушти во нивното решавање“, апелира и советува Студентскиот правобранител.

Правобранителката Бојаџи е убедена дека нејзината работа ќе биде ефективна и се надева на студентската солидарност како, што би рекле правниците, услов без кој не се може за постигнување на определен резултат. Таа не крие дека тоа што се одлучила да студира право е дополнителен мотив за неа бидејќи во суштина е благородна работа како и самата функција Студенстки правобранител.

Од борба за детски права – до борба за студентски права

„Како средношколец имав голем интерес како за општествените, така и за природните науки, поради што бев во голема недоумица во изборот на мојата идна професија. Клучен момент за мене беше волонтерското искуство во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Преку борбата за остварувањето на детските права осознав дека практикувањето на правото е моќна алатка за обезедување на позитивни промени во општеството, а вршењето на професија преку која секојдневно помагате на многумина е благородна работа и работа кога духовно исполнува. Можностите за користење на комуникациските и ораторските вештини ми беа дополнителен мотив во изборот на правничката професија. Во насока на мојата професионална определба, во правото својата иднина ја гледам во корпоративното право, тоа е моја голема љубов“, открива Васка Бојаџи, која додава дека нејзината работа ќе биде проследена со транспарентност и отвореност кон јавноста за сите тековни процеси во студентската заедница и за сите проблеми со кои се соочуваат нејзините колеги, за што е неопходен, како што нагласува, искрен пристап и волја.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 19. 07. 2014