/ Прочитано:

1.286

Соработка наместо изолација, компромис наместо бојкот: на Македонија ѝ треба поттик однатре

На Балканот ништо ново: меѓудржавните спорови, како последната трговска препирка помеѓу Македонија и Косово, се редовна ставка во политичките агенди. Во секојдневниот говор на народот, но и во јазикот на политиката, Балканот сè уште се восприма како спротивност на Европа, поради што ниту граѓанството ниту политичката елита не сакаат да бидат гледани како припадници на Балканот. Како гледаат, пак, Европејците од другата страна? Своите погледи за состојбите во Македонија и за положбата на Балканот со нас ги споделија Ања Чимек, раководител на македонската канцеларија на Фондацијата „Конрад Аденауер“, претставувајќи ја германската демохристијанска политика, како и Ханјц Бонграц, раководител на македонската канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“, чиишто идеали се врзани за принципите на германската социјалдемократска традиција.

На Балканот ништо ново: меѓудржавните спорови, како последната трговска препирка помеѓу Македонија и Косово, се задолжително обележје на политичките агенди. Странските фактори даваат години наназад финансиска и морална поддршка за заживување регионални иницијативи на Балканот, но недостигот од вистински регионален идентитет, којшто во многу погледи е неопходен за создавање чувство на социјална припадност, е само една од причините за нерамномерниот успех на регионалната соработка. Поимот „Балкан“, во секојдневниот говор и во јазикот на политиката, сè уште се восприма како спротивност на „Европа“. Децениската меѓудржавна оптовареност ги спушти земјите на ниво каде, наместо да се воспостави или да се унапреди соработката, секој го претставува соседот како закана за својата безбедност. Ања Чимек, раководител на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, ги проблематизира етничките  тензии како една од посериозните пречки за унапредување на македонската позиција на балканскиот и на европскиот терен.

„Имам впечаток дека не се гледа подалеку од сопствениот двор. Регионалната соработка, колку што можам да забележам, не е нa завидно ниво. Воочувајќи ја таквата состојба, со нашите активности цврсто настојуваме на вклучување експерти од земји во опкружувањето, како што се Хрватска и Словенија, со цел своите искуства да ги пренесат во останатите балкански држави. Етничките прашања и натаму остануваат голема пречка на развојниот пат на државата и токму затоа остануваме фокусирани на унапредување на етничкиот и на меѓурелигискиот дијалог“, вели Чимек.

Од друга страна, политиката на проширувањето на Европската унија, како и на останатите западни институции, се повеќе ги тера земјите од регионот да ја доживуваат регионалната соработка како инструмент или привремена фаза преку која мора да се мине за да се остави крајна цел, имено, евроатлантската интеграција. Странските експерти, сепак, се убедени дека за преостанатиот дел од балканските земји нема друга опција освен приклучувањето кон ЕУ. Ова, само по себе, бара сериозен политички пристап, уверува Ханјц Бонграц, раководител на македонската канцеларија Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје.

„Придружувањето на регионот кон Европската унија е без алтернатива. Земјите од Западен Балкан, во тој поглед, иако се самостојни и независни држави, носат заеднички одговорности и мора да се солидаризираат и се синхронизираат во заеднички настап на европската и на светската сцена. Она што ѝ е потребно на Македонија се визионери не за идеолошко, ами за прагматично водење политика за доброто на целата земја. Профитерството на поединци не смее да се става пред интересот на државата. Едноставно, политиката во земјата треба да се оддалечи од сликата на губитници и добитници“, тврди Бонграц.

Македонското судство игра една од клучните улоги во одржувањето на позитивната слика за Македонија низ светот. Не еднаш е истакнато дека највисокиот принцип на правната држава е независноста на судството, чиј степен, пред сè, зависи од односите со законодавната и со извршната власт, но во еднаква мера и од односите со политичките партии, медиумите и останатите центри на моќ од каде што би можеле да потекнат разноразни притисоци. Независноста и самостојноста на судиите имаат големо влијание врз остварувањето на правата и слободите на граѓаните, а нивната индивидуална решеност да ја бранат независноста и самостојноста на судството настрана од какви било политички влијанија и секогаш да судат според законите се подвлекува како највисока заповед. Ова е за Ања Чимек значаен аспект на здравото демократско општество.

„Македонија е во многу погледи интересна за странците, особено за инвестирање, но за нив е многу важно да се уверени дека распишаните тендери и постапки навистина се транспарентни. Едноставно, како и во секоја земја, тие сакаат да знаат дека судството е независно и дека принципите на владеење на правото се почитуваат. Наоѓањето компромис е основно начело на политичкото дејствување. Во тој дух, бојкотот на институциите, како оној на опозицијата во парламентот, не ја придвижува земјата чекор напред и донекаде сум разочарана што бојкотот воопшто се користи како политичко средство“, уверува Чимек.

Експертските кругови на повеќе наврати посочуваат оти проблематичните односи меѓу политичките партии во македонскиот камп можат да донесат негативни последици врз севкупниот општествен развој на Македонија. Пораката што странците континуирано ја испраќаат во земјата сè уште наидува на нерамномерен одек на двете страни од политичката оска: бојкотот треба да се замени со компромис.

„Бојкотот е проблематична појава во демократијата и, според мене, е погрешен чекор. Политиката, во својата суштина, сама по себе, е компромис. Во Македонија, сепак, постои сериозен демократски дефицит: граѓаните што не се сложуваат со централната државна политика не се чувствуваат подготвени или се немотивирани да внесат какви било промени; ако, пак, се решат за таков чекор, однапред одат со помислата дека некој ќе ги казни. Едноставно речено, постои култура на стравот: додека едната страна акумулира моќ, другата самата себеси се заслабнува. Последиците од ова можат да бидат сериозни ако политиката не се врзе за солидарноста; важните одлуки заеднички се носат, како што, впрочем, е практика и на владата и на опозицијата во Германија“, истакнува Бонграц.


Автор: Далибор Стајиќ  Објавено на: 25.9.2013