/ Прочитано:

1.079

СОВЕТИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ВО АДВОКАТСКА КАНЦЕЛАРИЈА: Адвокатот треба да има стратегија, но и деловна култура

Кога аплицирате за работа во адвокатска канцеларија, како амбициозен правник, важно е да ги знаете разликите меѓу адвокатските канцеларии.

advokati-reklamiranje-photo.jpg

Повеќето адвокатски канцеларии во Велика Британија спаѓаат во следните категории: мали фирми, кои се фокусираат на локални клиенти; регионални/национални канцеларии со развиен бренд со седиште во Градот Лондон, кои најчесто работат со корпорации, и адвокатски канцеларии кои се специјализирани во една област, на пр. интелектуална сопственост.

Секоја адвокатска канцеларија бара различен профил на кандидати за работа и пракса. Британскиот портал „Гардијан“ дава неколку совети за младите правници каков профил на канцеларија да изберат при нивното аплицирање.

Клиенти

Потребите и барањата на клиентите вистински ќе ве подготват во работењето. Времето ќе го поминувате комуницирајќи со нив, а со тоа ќе ги подобрите вашите квалитети и знаења.

Исто така, треба да сте информирани дали канцеларијата застапува само локални физички лица или и интернационални клиенти, домашни и странски правни лица итн.

Времето поминато во контакти со клиентите е корисно за градење меѓусебен однос на доверба и професионалност и вам, како млади и амбициозни правници, тоа ќе ви донесе морална сатисфакција која ќе ве поттикне во понатамошниот професионален развој.

Односот со клиентите е предност за младите правници бидејќи така доаѓаат во контакт со голем број луѓе со кои во иднина не е исклучена меѓусебната соработка на повеќе професионални полиња.

Големина

Работното време и културата на една фирма може да зависи и од нејзината големина и од структурата. За младиот правник на почетокот се препорачува да им одолее на високите примања и на престижот. Во тој случај, можеби нема да работите со мултимилионски трансакции во големи и развиени фирми, но работата во помала канцеларија ќе ви биде предност за развивање на својата креативност и за градење на својот углед меѓу правниците.

Секој професионален почеток за еден млад правник, кој почнува да го открива правото во пракса, е тежок и, секако, потребно е време за приспособување и за учење на новите работи.

Поучени од сопственото искуство, некои правници советуваат дека адвокатска канцеларија со голема репутација можеби ќе го зголеми рејтингот на вашето CV, но дали работниот ангажман во таква голема компанија ќе биде реална шанса за вас да ги покажете своите можности уште на почетокот.

Затоа, потребно е време и пожелно е да се почне од основните работи, а да се цели кон врвот.

 Патување и работа

Тука се работи за сопствена желба дали младиот правник претпочита канцелариска работа во градот каде што се наоѓа адвокатската канцеларија или сака работен ангажман со чести патувања низ државата и во странство.

При изборот за работа во адвокатурата, за некого е важно фирмата да соработува и да застапува клиенти од странство. Таквиот тип на работа значи и често патување надвор од земјата со цел склучување договори со странските клиенти, консултации, а се разбира и рочишта пред судот во странската држава. Со ваквиот ангажман правниците ќе се стекнат со меѓународни искуства, застапување пред странски судови, а адвокатската канцеларија ќе има корист бидејќи тие деловни патувања и средби се одлична можност за привлекување нови клиенти и за зголемување на меѓународната репутација.

Пристап и стратегија

Како што напредувате во кариерата и како што се промовирате себеси, треба да имате на ум дали се совпаѓаат вашите планови за напредок со плановите на фирмата во која работите и дали е во интерес на фирмата работење со голем број нови клиенти или, пак, сака само соработка со постојните. Со почетокот на работата ќе воочите дали е фокусот на адвокатската канцеларија во одредена област на правото или се занимава со повеќе области на работење, дали успешно ја развива соработката со постојните и новите клиенти итн.

На овој начин, како млади правници, вашиот пристап и стратегија треба да ве охрабри за нови предизвици со кои ќе размислувате пошироко и долгорочно, што е многу корисно во вашето професионално работење зашто на тој начин созревате како адвокати и, се разбира, како личности.

Култура

Вашиот успех како адвокат ќе зависи и од тоа дали ќе се усогласите со културата на адвокатската канцеларија и на вработените во неа. Направете своја пресметка. Колку партнери и на каков начин соработуваат со адвокатите и со приправниците во канцеларијата? Ако е бројот голем, тогаш ќе се натпреварувате со останатите за своето место, а понекогаш во тој натпревар играта нема да биде чесна.

Деловната култура зависи и од големината на фирмата. Ако претходно сте работеле во просечна локална канцеларија и ако потоа добиете работа во голема и позната канцеларија со голем број клиенти и вработени, тогаш нормално е да има еден период на приспособување на новата деловна култура

Адвокатските канцеларии се бизнис, секоја од нив носи свои карактеристики и работи на различен начин. Клиентите избираат различни фирми во согласност со своите потреби и интереси, а истото треба да го направите и вие.