/ Прочитано:

928

Советот на Европа усвои Резолуција за почитување на човековите права и меѓународната политика

Четврток, 4 октомври 2012 – Во рамките на дебатата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) што се одржа вчера вечер беше разгледана и усвоена Резолуцијата за почитување на човековите права и меѓународната политика, предложена од италијанскиот парламентарец Пјетро Марченаро.  

Во резолуцијата се повикуваат земјите членки да ги почитуваат принципите кои ги имаат преземено на национално ниво за заштита на чловековите права и во меѓународната политика.

Шефот на македонската собраниска делегација при ПССЕ, Александар Николоски, во дискусијата посебно инсистираше на двојните стандарди кои ги применуваат некои земји членки на СЕ, јавува дописникот на МИА од Стразбур. Николоски во своето обраќање истакна дека ја подржува предлог-резолуцијата притоа потенцирајќи дека основата на документот се двојните стандарди на земјите членки на Советот на Европа.

„Членките мора да ги почитуваат и имплементираат  основните документи за заштита на човековите права кои се срцевината на модерната европска демократија  на 21 век“, рече Николовски, потсетувајќи дека Грција континуирано одбива да ги почитува преземените обврски пред се правата на малцинствата во делот на нивно национално самоопределување, јазична посебност, културни особености, како и правото на здружување во политички партии и невладини организации. 

„Грција на пример не ги има ратификувано Протоколот 12 од Европската конвенција за човекови права, рамковната конвенција за малцинските јазици, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, конвенцијата за борба против трговија со луѓе, Социјалната повелба, ниту конвенцијата за борба против организиарниот криминал, тероризмот и одземањето на производи од криминалот. Грција ги игнорира пресудите на Европскиот суд за човекови права и речиси и да нема напредок во овој дел. Се повеќе и повеќе има екстремисти во Грција, екстремистички партии го користат падот на традиционалните партии“, истакна шефот на македонската делегација.

Пратеникот Николоски се заложи за отворање дебата за создавање механизми кои ќе осигураат имплементација на основните документи на Советот на Европа поврзани со човековите права, зашто во спротивно, како што наведе,  сите документи ќе бидат само убаво слово на хартија кое нема да се применува подеднакво во сите земји членки н Советот на Европа. Притоа тој уште еднаш ја промовираше идејата за усвојување резолуција со која ќе се овозможи отварање мониторинг над Грција, што според него „би било преседан што може да биде следен и за други земји кои не ги почитуваат преземените обврски“.