/ Прочитано:

1.660

Советување на правниците од здравството на Македонија на актуелните теми од овој сектор

Петок, 15 ноември 2013 – Вчера во хотелот „Инекс Дрим“ во Струга стартуваше 26-тото советување на правниците од здравството на Македонија. Се работи за советување кое ги опфаќа актуелните правни теми во здравствениот сектор и интересот е голем, што е евидентно и бројот на присутни во салата, истакнува за Академик.мк, претседателот на Здружението на правниците од здравството на РМ Велимир Тодоровиќ, во чија организација е настанот.  Меѓу еминентните предавачи на советувањето се вброи и директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Маја Парнаџиева-Змејкова.

Во рамки на првиот ден на советувањето кое ќе трае заклучно со утрешниот ден, 15.11.2013, директорот на Секторот за јавни набавки во Фондот за здравствено осигурување на Македонија Златко Алексов се оврна на измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки. Алексов во својата презентација се фокусираше на очекуваните ефекти од измените на законот, како и конкретните решенија кои ги носат овие измени.

Новините во начинот на пополнување на и примената на новите обрасци – упати, подробно беа објаснети од д-р Ана Петрова, советник на Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗО).

Темата „Партиципација во здравството со посебен осврт на ослободување од партиципацијата“, ја презентираше Дијана Петреска, раководител на Одделението за остварување на право на здравствено осигурување при ФЗО.

Првиот ден од советувањето го затвори Фросина Цијовска , фармацевт во Секторот за фармација при ФЗО, која зборуваше за позитивната листа на лекови како законски пропоси.

На стартот од денешнaта агенда, големиот број на присутни имаа можност да го слушнат излагањето на директорката на ФЗО, Маја Парнаџиева-Змејкова во однос на електронските услуги на Фондот и заштитата на личните податоци на осигурениците.

Стојанчо Стојковски, раководителот на Секторот во Министерството за здравство ги образложи измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.  

Новиот Правилник во однос на основањето на здравствени установи, постапката за обнова на дозвола за работа на постојните ЈЗУ и вршењето на здравствена дејност во текот на денешниот ден го презентираше Ангелина Бачановиќ, раководител на Сектор во Министерството за здравство на РМ. 

„Ова се многу интересни теми за лицата инволвирани во здравството. Вакви советувања правиме два пати годишно, инаку  организираме и работилници во Скопје по повод донесување на нови закони и прописи со цел едукација. Интересот е голем, а и се гледа по тоа што е полна салата на актуелното советување, а тоа доволно говори и за квалитетот на презентерите и на избраните теми“, вели претседателот на Здружението на правниците од Здравството на РМ, Велимир Тодоровиќ.

Утрешниот ден е предвиден за прашања и одговори по сите теми од советувањето, како и изнесување на заклучоците.