/ Прочитано:

717

Спасов: Предлог-законот за забрана на нерегистрирана дејност не ги опфаќа услугите во домаќинствата

Петок, 7 ноември 2014 – Предлог-законот за  забрана и спречување на нерегистрирана дејност не ги опфаќа услугите во домаќинството – на пример кога некој ќе повика мајстор во сопствениот дом мајстор или хигиеничар, појасни на денешната јавна расправа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Законското решение, како што рече, има за цел намалување на сивата економија, зголемување на бројот на работни места, унапредување на работничките права, сузбивање на нелојалната конкуренција, зголемување на наплатата на даноци кон државата, заштита на потрошувачите.

„Целта на законот е да се спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголеми бизниси кои не се регистрирани и се дел од сивата економија и не исполнуваат никави стандарди, како на пример: физичките лица кои градат згради, маркетинг во кои работат повеќе работници на сопственикот нема никаква фирма и функционира како физичко лице, нерегистрирани угостителски објекти ресторани, кафулиња, сендвичари кои продаваат храна на голем број граѓани, увезувачи и продавачи на возила и така натаму. Нашата цел со овој закон не е да ги опфатиме и казниме работите и услугите кои се вршат во домаќинствата, односно некој во сопствениот дом кога ќе повика мајстор или хигиеничар, и токму заради тоа овие услуги, односно сите услуги во домаќинствата нема да се опфатат со овој предлог закон и се исклучени“, рече Спасов.

Додаде дека законот треба да ги опфати поголемите неплаќачи на даноци и социјални придонеси, кои индиректно вработуваат други работници за кои не плаќаат никакви давачки, не се осигурани. На таков начин, потенцираше, освен што ќе се овозможи унапредување на правата на работниците, ќе се создадат услови и за намалување на нелојалната конкуренција, но и сивата економија.

„Според Државниот завод за статистика, стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број вработени во државата низ годините опаѓа, но таа се уште е висока и изнесува околу 22,5 проценти. Или низ бројки проценките се дека околу 152.000 лица се неформално вработени. Наспроти тоа, имаме над 527.000 пријавени работници, 93.000 регистрирани приватни фирми, над 8.000 регистрирани трговци поединци, над 4.500 занаетчии кои се регистрирани и работат согласно законите”, рече Спасов.

Додаде дека тоа е вовед во нелојална конкуренција, а, како што потенцира ја потикнуваат физички и правни лица кои вршат дејност која не е регистрирана или не е дел од ниту еден регистар.

„Ова само по себе повлекува пречки кон создавање работни места и развој на малите и средни претпријатија, затајување и евазија на данок и појава на некомпетитивни бизниси, кои не исполнуваат стандарди за работа, работат на диво и ги загрозуваат и доведуваат во опасност и работниците кои работат за нив и граѓаните како потрошувачи и компаниите од формалниот сектор“, истакна министерот за труд и социјална политика.

Спасов посочи дека првичниот текст е резултат на сеопфатни анализи и искуства од други земји. Доставен бил до синдикатите, организациите на работодавачи, стопанските комори, комората на занаетчиите.

Поддршка за регулацијата на нерегистрираната дејност даде и Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Со овој закон ќе се овозможи голем дел работници кои работат во одредени фирми или кај физички лица кои не се регистрирани, а значајно учествуваат во делот на приходите, да влезат нормално во системот на плаќање на пензиско и социјално осигурување. Сметаме дека со него дополнително ќе се зајакне борбата против сивата економија, а исто така ќе се пополни една правна празнина“, рече претседателот на ССМ Живко Митревски.

Најави дека ССМ ќе даде одредени забелешки, ќе даде предлози и мислења особено, како што рече, во во делот околу затворањето на сите оние правни или физички лица каде што работниците би трпеле штета, во делот на семејната и пријателската помош.

Донесувањето на вакво законско решение го поддржува и занаетчиската комора на Република Македонија заедно со своите 15 регионални занаетчиски комори.

„Го поддржуваме донесувањето на законот затоа што нелојалната конкуренција односно сивата економија беше најмногу застапена во занаетчиството. Сметаме дека на овој начин со спречување на вршење на нерегистрирана дејност ќе допринесеме кон заштита на нашите членови односно оние кои се регистрирани, коишто се лојални кон државата кои ги плаќаат даноците и придонесите и оневозможиме да бидат ставани во нерамноправна положба“, рече Оливија Штерјова претседател на Занаетчиската комора на Македонија.

Покрај денешната ќе биде организирана уште една јавна расправа. Забелешки и мислења за законот ќе може да бидат доставени до МТСП во наредните десетина дена.

Предлог-законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност предвидува санкционирање за: 

  • вршењето на дејност од страна на  правно лице која не е запишана во посебните регистри утврдени со закон, покрај трговскиот регистар;
  • вршење на дејност од страна на  правно лице без да поседува законски пропишан акт/и за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон;
  • вршење на дејност од страна на физичко лице  која не е регистрирана кај надлежен орган;
  • вршење на дејност од страна на физичко лице без да поседува законски пропишан акт/и со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон и
  • кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган”.

 Предвидени глоби

  • Глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице
  • Глоба во износ од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице
  • Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност  ќе му се изрече  за прекршокот на работодавач-правно лице како соучесник.

Исклучоците или дејности кои не се опфатени

  • Работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети, работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува редовно.
  • Дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари.
  • Извршувањето на нужна работа за спречување на несреќи или отстранување на последици од природни и други несреќи.
  • Услуга извршена за потребите во домаќинството.
  • Повременото вршење на активност за која со закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган (панаѓури, саеми).