Србија: Во тек е полициска акција, се апси поради нелегално поседување на земјиште вредно 300 милиони евра
Вторник, 19 февруари 2013 – Припадниците на криминалистичката полиција во Србија во моментов приведува 10 лица осомничени за нелегално присвојување на 327 хектари земја чија вредност изнесува над 300 милиони евра, пишува српскиот „Блиц“. Полицијата трага по познат српски бизнисмен за кого се сомнева дека присвоил голем државен имот и со тоа заедно со уште неколку лица ја оштетиле државата за 300 милиони евра.
Со кривичната пријава ќе биде опфатен сопственикот на фирмата „Слога“, Слободан Шчекиќ кој во моментов е надвор од земјата и полицијата трага по него. Полицијата се сомнева дека тој незаконски станал сопственик на големото земјиште, а останатите осомничени меѓу кои се и советникот на Републичкиот јавен правобранител, судски вештаци, службеници од катастар, службеници од Геодетскиот завод, вработени во Министерство за земјоделство наводно му помогнале.
Спорното зедмјиште се наоѓа покрај автопатот Нови Сад – Белград, а се простира се до Нови Сад – Суботица. Во последниве години локацијата станала атрактивна бидејќи е дел од индустриската зона на Нови Сад.
Според првичните сознанија осомничениот во 2005 година за неполни 10 милиони евра заедно со купувањето на фирмата „Слога“ го добил на користење и земјиштето што по правило припаѓало на Министерството за земјоделство. Наместо на државата да и го врати земјиштето, осомничениот незаконски на име на фирмата „Слога“ успеал да го препише земјиштето.