СРПСКИ ВОТЕРГЕЈТ: Прислушкувани телефоните на претседателот на Србија и потпретседателот на Владата
Петок, 2 ноември 2012 – Високи функционери на српската полиција се под закана дека ќе бидат уапсени и разрешени откако во јавноста проциркулира информација дека претседателот на Србија, Томислав Николиќ и потпретседателот на Владата, Александар Вучиќ биле прислушкувани. Безбедносно информативната агенција му потврдила на потпретседателот Вучиќ дека пред неколку дена од Министерството за внатрешни работи бил издаден налог за прислушкување на неговиот телефон и телефонот на претседателот на државата. Премиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ тврди дека нема никаква врска со прислушкувањето, пренесуваат српските медиуми.
Коментирајќи ја целата ситуација во врска со прислушкувањето на претседателот и заменик премиерoт, актуелниот премеир на Србија, Ивица Дачиќ во изјава за РТС вели дека тоа што се случило е недопустливо и дека се потребни промени во српското МВР.
„Сигурно е дека тоа нема никаква врска со мене како министер за внатрешни работи. Има врска со полицијата, бидејќи не постои јасен систем на следење и контрола на акции. Имам информации дека од Управата за криминалистичка полиција побарале извештај без да знаат како што велат, дека во прашање е и телефонот на Александар Вучиќ. Таквите работи не треба да се случуваат и затоа мислам дека се потребни промени во МВР. Наскоро ќе биде распишан конкурс за началник на полицијата и сите оние кои се вклучени во ова, веќе не треба да бидат на функција“, изјавил Дачиќ за РТС.
Документот што го потпишал началникот на криминалистичката полиција, Родољуб Миловиќ и со кој се бара листа од телефонските повици на Вучиќ, завчера мистериозно дошол во рацете на потпретседателот на владата, по што е откриена и аферата, пренесуваат српските медиуми.
Според РТС, претседателот на Србија, Томислав Николиќ веќе подолго време знаел дека бил прислушкуван, за што зборувал и во емисијата „Сведок“, која се емитува на РТС.
„Влеговме во змиско гнездо, меѓу луѓе кои ги користат високите функции за да господарат со туѓи животи, меѓу луѓе кои се дрзнаа да ме прислушуваат прво мене, а потоа и Александар Вучиќ. Ова мора да се истражи до крај. Вака во Србија не може да се живее“, рекол Николиќ за РТС.
Државен удар од страна на српски бизнисмени ?!
Според сознанијата на некои српски медиуми, одредени бизнисмени и криминалци со помош на припадници на полицијата ги озвучиле Николиќ и Вучиќ, а како што се наведува во српкиот државен врв на ова се гледало како подготовка на државен удар. Налогот за следење е издаден пред три дена, што се совпаѓа со јавната дебата помеѓу Вучиќ и сопственикот на „Делта“, Мирослав Мишковиќ и изјавата на Вучиќ дека Мишковиќ не е посилен од државата, пишува „Данас.рс“.