/ Прочитано:

2.749

Српскиот криминалец Кристијан Голубовиќ осуден на 14 години затвор

Четврток, 16 јануари 2014 – Oзлогласениот припадник на српското мафијашко подземје, Александар Кристијан Голубовиќ, вчера е осуден од Вишиот суд во Белград на 14 години затвор поради трговија со дрога.

Голубовиќ се товари дека организирал група која тргувала со хероин од почетокот на август во 2009. до 16 јануари 2010. година. Трговијата со дрога се одвивала на релацијата Белград-Нови Пазар.

Голубовиќ, како што пишуват српските медиуми, бил шокиран од високата казна.

„Ова е вистински преседан! На што личи ова? Дали ова го има некаде? Нема смисла! Ме осудивте на 14 години. Јас не знам што сакате од мене, сакате ли да се обесам можеби. Убијците добиваат помали казни од мене. Кога криминалците во Србија би биле половина од од она што сум јас, овде би цветале само цвеќиња“, изјавил Голубовиќ по судењето.

Во текот на излагањето, кое траело 15 минути, криминалецот заплакал.

„Сакам да се извинам и да кажам дека ми е многу жал поради тоа што сум уапсен пред црква. Тоа е најлошиот ден во мојот живот. Никогаш не би правел нешто за да осквернавам свето место. Бидете милостливи“, рекол Голубовиќ.

Според неговиот адвокат Никола Тодоровиќ, во судската пракса никогаш не е забележан случај, некој за 100 грама хероин да биде осуден на максимална казна затвор.

„Тој  е осуден врз основа на член 246 од Кривичниот законик, кој во ставот 1 предвидува казна затвор од 3 до 12 години за неовластено производство, преработка и продажба на супстанции кои се сметаат за наркотици, и доби максимална затворска казна. Овој судски процес е фарса и ќе се жалиме пред Апелациониот суд“, изјавил Тодоровиќ за новинарите.

Голубовиќ уште од рана возраст е познат во криминалните кругови. Апсен е повеќе пати, меѓу останатото и во акцијата „Сабја“.

Познат е и по бегството од грчкиот затвор Маландрино каде служеше 14 години затвор за вооружен грабеж.