/ Прочитано:

3.879

СТАМЕН ФИЛИПОВ: Противуставни и нелогични се правните мислења на Врховниот суд за трошоците на адвокатите

Познатиот македонски правник и добар познавач на уставната материја, Стамен Филипов, за Академик вели дека бил зачуден од правното мислење на Врховниот суд во врска со трошоците на адвокатите поради неговата, како што вели, крајна правна нелогичност и противуставност.

Неодамна, Одделот за граѓански дела при Врховниот суд на Република Македонија, донесе правно мислење во кое се наведува дека  „Спротивната странка нема обврска да ги надоместува како потребни трошоците кои се предизвикани за адвокат кој има седиште надвор од општината каде што се наоѓа седиштето на надлежниот суд, а во која општина има адвокати, туку единствено е должна да ги надомести вообичаените трошоци во висина на оние кои би биле предизвикани за адвокат кој дејноста ја врши во општината во која се наоѓа седиштето на судот“.

„Категоричен сум дека ваквото правно мислење на Врховниот суд е противуставно од повеќе аспекти. Имам и претходно видено некои вакви одлуки и тие се спротивни на Уставот. Јас и порано пред Уставниот суд имам поднесувано иницијативи за противуставноста на правни мислења на Врховниот суд, но ми беше одговарано дека не се работи за пропис. Врховниот суд треба да го повлече ваквото мислење затоа што ги нарушува првенствено загарантираните уставни слободи и права на граѓаните, а и на адвокатурата. Покрај тоа што е противуставно, ваквото мислење е нелогично, ниту правно, ниту економски. Како може да не се покријат трошоци за адвокат кој дошол да застапува, бил изложен на трошок и тоа во име на странката која го има правото да одлучи кој адвокат ќе ја застапува, од било кое место, затоа што тоа е нејзино право. Ова на некој начин е дискриминација и го загрозува и лимитира слободниот избор на странката на адвокат. Можеби живее во Кавадарци, а сака да има адвокат од Велес или од Скопје, или од било кој друг град и тоа може да биде мотивирано од различни причини, се разбира. Како би дошол тој адвокат, зошто тој да нема право на надомест на трошоците, кога странката сака токму тој да ја застапува? Сосема нелогично, неоправдано и во спротивност со Уставот. Ваквото мислење на судот мора да биде под постојана критика“, нагласува Филипов.

Филипов  додава дека се согласува со констатациите на адвокатската заедница дека со ваквото правно мислење не се почитува Законот за адвокатурата и дека не може со правно мислење да се менува Адвокатската тарифа, за која и Адвокатската комора на Република Македонија донесе автентично толкување во кое се вели дека единствен критериум за одредување на висината на трошоците и наградата за дадената правна помош од адвокатите, е фактот дали тоа дејствие е предвидено во Адвокатската тарифа и дека судовите немаат право да ја менуваат висината на наградата и трошоците на дадената правна помош.

АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ТАРИФАТА ЗА НАГРАДА И НАДОМЕСТОК НА ТРОШОЦИТЕ ЗА РАБОТА НА АДВОКАТИТЕ

ВРХОВНИОТ СУД ЗА ТРОШОЦИТЕ НА ПОСТАПКАТА

M.В / veljanoskim@akademik.mk