/ Прочитано:

1.332

Стартува примената на Законот за задолжница

Петок, 31 август 2012 – На 1 септември 2012 година ќе започне примената на Законот за задолжница („Службен весник на РМ“ бр. 59/2012). Со овој закон се воведува задолжницата како исправа и се уредува начинот на издавање на задолжницата и наплатата врз основа на задолжница, како и други прашања во врска со задолжницата.

„Задолжница“ – е потврдена приватна исправа со која должникот дава согласност побарувањето на доверителот назначено во задолжницата присилно да се наплати од сите расположливи средства на должникот кај носителите на платниот промет.

Задолжницата се издава само при должничко доверителски односи меѓу правните лица. Истата не смее да издаде правно лице:

  • кое има блокирана сметка; 
  • за кое во Трговскиот регистар кај Централниот регистар на Република Македонија има евидентирано податоци за започната постапка за стечај, ликвидација или бришење; 
  • кое е евидентирано во Регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење на одделна дејност кај Централниот регистар и 
  • кое е евидентирано во Регистарот на споредни казни за сторени кривични дела на правни лица кај Централниот регистар.

Вкупниот неплатен износ по основ на издадени задолжници не смее да надмине 30% од вкупните приходи на должникот остварени во претходната година евидентирани во Регистарот на годишни сметки кој се води во Централниот регистар.

Задолжницата ја составува нотар преку системот за водење на Регистар на задолжници кој го води Централниот регистар.

>> Законот за задолжница е објавен на akademika.com.mk.