/ Прочитано:

1.415

СТРАТЕШКО ЗАСТАПУВАЊЕ: Преку поединечни правни постапки до поширока општествена промена

Развивањето на идните правници треба да започне уште за време на студирањето. Треба да им се потенцира важноста на нивната професија, која не е изолирана професија и не се состои само од односот адвокат – клиент, односно дека е многу поширока и дека за квалитетен правен систем е важно да имаме адвокати коишто ќе знаат да ја следат состојбата со човековите права во Македонија и таму каде што ќе идентификуваат некоја повреда да реагираат, велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кое во соработка со ЕЛСА организираше работилница на која студентите по право се запознаа со концептот на стратешко застапување.

Клучните фактори и пристапи кон стратешкото застапување, историскиот развој во САД, како и можноста стратешкото застапување да се користи во Република Македонија, на работилницата ги образложи Гоце Коцевски, проектен менаџер во МЗМП.

Коцевски појасни дека се работи за техника на идентификување и застапување на одреден случај пред судовите и пред другите државни органи каде што засегнатата странка е жртва на прекршување на одредено човеково право, со што ултимативно главната цел е да се крене свеста за конкретниот проблем, да се издејствува привлекување на целокупната јавност и да се испровоцира поголема системска промена, бидејќи судбината на засегнатата страна ја делат поголем број луѓе.

„Стратешкото застапување вклучува водење поединечни правни постапки со цел постигнување на поширока општествена промена. Како концепт потекнува од англосаксонското право, каде што пресудите се извор на правото, и не е целосно применлив во Република Македонија без определено приспособување. Основна премиса е, доколку се донесат судски одлуки со кои се констатира повреда на некои човекови права, таа судска одлука да има мултиплицирачки ефект врз останатите од тој вид. Значи, кај нас е можно стратешко застапување во определени предмети пред судовите, но и во постапки пред други  државни органи. Пожелно е паралелно да се информира јавноста, да се даваат предлози за измени на закони итн.“, вели тој.

Областите, како што беше посочено на работилницата, во кои може да се користи стратешкото застапување, со цел да се постигне поширока општествена промена, во Република Македонија се мошне широки – од определени специфични прашања, како што се: загадувањето и загрозување на животната средина, производство и продажба на опасен производ што предизвикува повреди на деца, социјалните и правните проблеми кои влијаат на правата на одредена малцинска и ранлива групи, до пошироки општествени прашања како: воспоставување на владеењето на правото, заштита на човековите права и промовирање на меѓународните стандарди преку правна заштита на жртвите од повреди на човековите права.

МЗМП важи за  пионер во Македонија  во однос на овој метод.

„Во моментов водиме такви предмети  во повеќе области – од дискриминација до нечовечки третман за време на притвор,  проблемите со мигрантите, социјалната заштита, итн. Социјалната заштита е една доста интересна област, во која поради  неукоста на граѓаните и поради очигледната потреба да се скратат средствата што се добиваат од државата, тие се укинуваат секакви банални причини. Ние водиме такви постапки пред Министерството за труд и социјална политика и пред Управниот суд бидејќи сметаме дека таквата пракса е противзаконска и треба да престане. Колкав е импактот во оваа фаза, не можам да кажам бидејќи тие сѐ уште се во зачеток. Да се надеваме дека на крај ќе даде суштински и опипливи промени“, појаснува Коцевски.

Придонесот и придобивките од стратешкото застапување, како што беше посочено, е развој на правната култура на граѓаните, зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото, мобилизација на заедниците и зајакнување на граѓанските организации. Истовремено, беше истакнато на работилницата, успешно завршени стратешки предмети можат да ја  зголемат довербата во судството доколку при одлучувањето се почитуваат законите.

Потреба за едукација на младите правници и адвокати

Во вториот дел од работилницата, студентите имаа можност да спроведат симулирано судење во конкретен предмет кој се однесува на заштита на човековите права во РМ, со што се запознаа со потребните практични вештини на застапувањето во суд.

„Кај нас специјализацијата во областа на човековите права ја работат малкумина од адвокатите. Многу мал дел од нив работат предмети од областа на дискриминацијата и човековите права воопшто. За таа цел ние видовме потреба за едукација на адвокати и млади правници, односно овозможуваме пракса во судови, адвокатски канцеларии, како и во Комисијата за заштита од дискриминација и сите тие адвокати што ќе ја поминат таа обука имаат можност да застапуваат предмети кај нас, односно потешки предмети од областа на човековите права. За таа цел ја реализираме и оваа работилница која е четврта по ред. Идејата ни е кога овие млади правници ќе завршат факултет, да бидат свесни за улогата на првото во заштитата на човековите права “, објаснува Коцевски.

Впечатокот од работилниците, истакнуваат од МЗМП,  е многу позитивен со оглед на дебатите што се развиваат меѓу студентите. Велат, страста и адреналинот за професијата кај нив веднаш се забележува.

„Нашиот впечаток е многу позитивен од досегашните работилници. Оној момент кога ќе почнеме да дебатираме за конкретните проблеми, тогаш го гледаме адреналинот и страста за професијата. Кога образложуваме конкретни предмети, се гледа дека има огромен интерес“, потцртува Коцевски. 

Работилницата се одржи во рамките на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права.


 Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 15.07.2015