/ Прочитано:

1.427

Стразбур одлучи, Словенија и Србија ќе ги враќаат заштедите во „Љубљанска банка“

Среда, 7 ноември 2012 – Србија и Словенија се должни да ги исплатат депозитите на некогашната „Љубљанска банка“, и „Инвест банка“ од Белград, на сите кои имале влогови во нив, без разлика на сегашното државјанство, пресудил Судот за човекови права во Стразбур. Тројца државјани на Босна и Херцеговина поднеле тужба против сите поранешни југословенски земји меѓу кои и Македонија за неисплаќане на штедниот влог од Љубљанска банка во филијалата на Сараево, судот одлучил за сите штедачи од сите земји. Одговорност е утврдена кај Србија и Словенија. 

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресудил дека Словенија е одговорна за враќање на старите заштеди на штедачите од „Љубљанската банка“, а Србија е одговорна за враќање на влоговите на штедачите од „Инвест банка“.

Со пресудата се утврдува одговорноста на Словенија, а Хрватска и понатаму работи на барање на компромисно решение за пренесената заштеда на хрватските граѓани“, изјавила портпаролката на хрватското министерство за надворешни работи, Даниела Баришиќ.

Судот им наложил на Србија и Словенија во рок од 6 месеци, од правосилноста на пресудата, да преземат се што е потребно на сите штедачи да им се исплати старата девизна заштеда, под истите услови како што им се исплатува и на  штедачите во матичната земја на банката.

Србија и Словенија имаат 3 месеци рок за жалба. Доколку жалбата биде одбиена, пресудата станува правосилна, а доколку се прифати тогаш ќе оди на разгледување кај поголемиот судски совет.

Србија молчи, Словенија најавува жалба

Словенскиот министер за надворешни работи, Карл Ерјавец најавил дека неговата земја ќе се жали на пресудата од Стразбур. Министерот навел дека 5 судии од Советот кои ја донеле одлуката се од поранешните југословенски републики, па според тоа  пресудата била пристрасна.

Според словенските медиуми, главен аргумент на Словенија ќе биде дека „Љубљанска банка“ во Словенија не земала девизни депозити од филијалата на „Љубљанска банка“ во Сараево, па затоа не се должни да ги вратат парите на сараевските штедачи.

„Љубљанската банка“ во Сараево е национализирана во 1993 година и од тогаш ги прекинува сите контакти со банката во Словенија. Тројца државјани на Босна и Херцеговина подигнале постапка пред судот во Стразбур, барајќи да се утврди одговорноста на БиХ, Србија, Словенија, Хрватска и Македонија за долгогодишното неисплаќање на старите девизни заштеди во филијалата на „Љубљанската банка“ во Сараево и „Инвест банка“ во Тузла.

Според медиумите, „Љубљанската банка“ им должи 350 милиони германски марки на државјани на БиХ, а „Инвест банка“ им должи 120 милиони.