/ Прочитано:

1.526

СТРАЗБУР ЗА СЛУЧАЈОТ НА ЧОЧОРОВСКА: Имало правично судење

Европскиот суд за човековите права донесе пресуда за случајот „Полетан и Азировиќ против Република Македонија“, која ја објави денеска.

???

Предметот се однесува на кривичната истрага против апликантите поради сомнение дека биле вмешани во неовластена трговија со 400 кг кокаин, кои биле скриени во пакувања ставени во запечатени канти боја во камион кој бил управуван од  Азировиќ и кои биле пронајдени од страна на македонската царина на граничниот премин Блаце.

Во ноември 2007 година двајцата апликанти беа огласени за виновни за кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и беа осудени на казна затвор од 14 години и шест месеци, пресуда која беше потврдена и од страна на Врховниот суд во октомври 2009 година.

Потпирајќи се на став 1, став 2 и став 3 точки б и г од членот 6 од Европската конвенција за човекови права, апликантите се жалеле пред ЕСЧП на различни аспекти врзани за правичноста на постапката.

„ЕСЧП не утврди повреда на член 6 став 1, ниту на член 6 став 2 од Конвенцијата во врска со тврдењето на Азировиќ дека домашните судови пропуштиле да дадат какво било образложение со кое би се покажало дека тој знаел за дрогата, а истовремено била нарушена и неговата пресумпција на невиност. ЕСЧП во оваа своја пресуда го истакна принципот на супсидијарност и примарната улога на државата во оцената на веродостојноста на доказите и не најде причина да отстапи од заклучокот до кој дошле домашните судови во однос на тоа дека возачот на камионот бил свесен дека пренесува дрога.

ЕСЧП не утврди повреда ниту во однос на правото на одбрана на Полетан, со оглед дека нејзиниот адвокат имал можност да ги консултира списите на предметот, а самиот факт што нејзиниот адвокат извршил увид во списите неколку дена откако било покренато обвинение против неа не имплицирал дека нејзе ѝ било оневозможено правото ефективно да ги негира кривичните обвиненија против неа.

ЕСЧП утврдил дека иако двајцата сведоци, кои се наоѓале во Црна Гора, не биле во можност да присуствуваат на рочиштето во Скопје, нивните усни искази дадени пред истражниот судија во Црна Гора биле прочитани на рочиштето, а апликантите и нивните застапници не се спротивставиле на одлуката да се изведат овие докази и не побарале да им поставуваат прашања на сведоците, со што апликантите се откажале од нивното право да ги испрашуваат сведоците. Дополнително, нивните искази не претставувале ниту единствен, ниту одлучувачки доказ врз кој домашните судови ја засновале својата одлука“, велат од Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП.

Што се однесува до жалбениот навод дека вештите лица кои го извршиле вештачењето на дрогата биле пристрасни, ЕСЧП истакнал дека апликантите не ги оспориле наодот и мислењето кои произлегле од спроведеното вештачење и дека правичноста на постапката не била доведена во прашање ниту од аспект на вештачењето.

„Конечно, во пресуда во овој конкретен случај, Судот во Стразбур утврдил дека државата не го повредила членот 6 од ЕКЧП, односно дека во случајот биле исполнети процедуралните гаранции од член 6 став 1 и член 6 став 2 од Конвенцијата, со што на апликантите им било обезбедено правично судење во постапката за утврдување на нивната кривична одговорност, на начин кој е во согласност со стандардите на Конвенцијата и со праксата на ЕСЧП“, појаснува владиниот агент Костадин Богданов.

М.В