/ Прочитано:

1.741

Струмичкото Јавно обвинителство претесно за проширените надлежности на ЗКП

Сместено во станбена зграда, со тешко забелeжлив натпис и паркинг простор наменeт за потребите на жителите од станбениот објект, „позади Судот па лево кај куќите“ како што велат граѓаните, се наоѓа Јавното обвинителство  во Струмица.

Ова место, во идниот период, ќе биде централно „подрајче“ за примената на новиот ЗКП во Струмица, а со оглед на неговата просторна поставеност, ќе ја создаде и можноста граѓаните од своите приватни станови, куќи и автомобили да бидат очевидци на сите процедурални премрежија низ кои ќе поминува Обвинителството.

Колку ваквата просторна поставеност на струмичкото обвинителство ќе го наруши мирот на граѓаните, дали просторот е адекватен за примена на новите законски надлежности и кои се предизвиците на струмичкото Обвинителство дознаваме од неговиот прв човек, Златко Иванов.

Г-не Иванов, подготвени ли сте за примената на новиот Закон за кривична постапка?

За примената на новиот Закон за кривична постапка можам да кажам дека генерално сме спремни. Сите обуки ги поминавме, само остана уште еден дел во декември со кој ќе ги финализираме обуките во однос на примената на законот.  Имавме координативни состаноци со припадници на секторот на Министерството за внатрешни работи и можам да кажам дека раководната структура на секторот МВР Струмица и тоа како е кооперативна во смисла на взаемно практикување на новиот ЗКП, најмногу заради негова најадекватна примена. Од овие состаноци, како што стојат работите, можам само пофално да се изразам. Првичната комуникација е одлична. Се разбира, за секоја новина може да се антиципираат проблеми и недоразбирања, посебно бидејќи се работи за нова законска регулатива и е нешто ново за сите во државата. Но и тоа не е страшно, ако сите органи соработуваат на адекватен начин. Впрочем и во самиот ЗКП  веќе се подготвуваат одредни измени и дополнувања во смисла на додефинирање на одредени процесни ситуации. Наша задача е законот максимално ефикасно да го примениме, се разбира, да ја запазиме процедурата,а тоа е во интерес и на обвинителството и на лицата кои ќе се третираат со закон, мислам на осомничените.

Одејќи кон седиштето на обвинителство, лесно се воочува дека просторот во кое е сместено Обвинителството не е компатибилен со димензиите на потребите што ги наложува новиот ЗКП. Колку ова практично прашање од суштинска природа може да предизвика проблеми?

Ангажираниот простор на ова, а и на сите обвинителства е тој, таков каков што е.  Тој е наследен, даден е од државата и се согласувам дека димензиите на законот бараат поинакво просторно организирање.  Како што може да видите, се работи за станбена зграда, паркинг кој се користи за приватни цели и сигурно би се нарушувал мирот на граѓаните кога би се извршувале активности во врска со примената на законот. Замислете ситуација кога полициски возила, на пример, би морале да го делат паркингот со граѓаните за да спроведат одредено осомничено лице.

И не е само тоа. Потребни се канцеларии, магацини, депоа за архивирани предмети и слична просторна поставеност. Од Републичкиот јавен обвинител имаме навестувања дека ова ќе се решава во наредниот период,  бидејќи еден од поефикасните предуслови за функционирање на законот е просторот.

Потребна е посебна канцеларија за секој обвинител, со комјутерскиот дел е во ред, но просторниот услов е проблем во однос на доследно функционално применување. Освен тоа, просторот е проблем и секаде е така, а секој јавен обвинител за да биде поажурен му треба додатна логистика. Во која смисла? Во едноставна смисла на вработување на повеќе стручни соработници и советници! Јавниот обвинител има секојдневни обрски како застапување пред судот, комуникација со правосудната полиција, сослушување односно работење предистражна и истражна постапка во просториите на обвинителството, а на крајот составување и пишување на акти.

Во моментот располагаме со 3 технички секретари, иако сме осум плус еден, персонално зборувам за јавни обвинители. Реалност е дека имаме неопходна потреба од административно-логистичка помош. Потребен е и друг придружен персонал и колку што знам тоа ќе се решава следната година.

Имате ли страв или трема пред предизвикот?

Секој функционер треба да сфати зошто е функционер, зошто ја работи таа работа и да биде смел во неговото работење, се со цел законите да функционираат и да се почитува правниот поредок. Тврдам дека моите обвинители тоа го имаат сфатено и тие начела ги применуваат.  Примената на новиот ЗКП го сфаќаме како предизвик. Нормално е во секој предизвик да постои првична трема. Значи не се работи за страв, туку за првична трема предизвикана од желбата да се биде одговорен и поефикасен во рамките на зададените услови.

Имавте ли некој случај досега?

Да, дежурните обвинители имаа јавувања, евидентирани се во билтените за дневни настани и дадоа насоки и упатства на правосудната полиција.

Што друго сметате дека е во интерес на Обвинителите на општо ниво,  со цел да се има полесен пристап и примена на кривично – правната регулатива ?

Правната литература. Таа е од особено значење. Имаме доволен број научен кадар, но немаме доволно број на коментари. За конкретниот закон одлично е тоа што издавачката куќа „Академик“ објави таков осврт. Но, секако имаме потреба и од компаративна литература, на пример, за тоа како течеше примената на законот во Хрватска, Србија,  Босна и Херцеговина како регионални искуства. Секако, добредојдена е и  компаративна анализа и насоки од европските искуства и земји.


Разговараше Милчо Велјаноски

Објавено: 5.12 2013