/ Прочитано:

3.690

Студент поднесе кривична пријава против непознати сторители за убивање и мачење на животни на Вевчанскиот карневал

Златко Јакимовски, студент во трета година на Правниот факултет „Јустинијан Први“, до ОЈО Струга поднесе кривична пријава против непознати сторители за убивање, мачење и нанесување на непотребни болки на животни на Вевчанскиот карневал што се одржа во периодот од 10 до 15 јануари годинава.

„Оваа кривична пријава ја поднесов како граѓанин, но пред сè како човек којшто од својата најрана возраст е посветен на кинологијата, наука што се занимава со изучување на кучињата. Ова дејствие е казниво во согласност со македонскиот Кривичен законик, според член 233 именуван како ’мачење животни’. Со интенција ја поднесов неколку дена по случувањето бидејќи мислев дека со пријава ќе реагираат пред сè надлежните органи сами или пак некое од многубројните здруженија за заштита на животни. Но бидејќи изостана каков било акт од нивна страна, се чувствував морално должен да дадам предлог до ОЈО Струга да поведе соодветна постапка“, вели Јакимовски за Академик.

Тој потенцира дека го почитува како традиција најстариот карневал во нашата држава, но истовремено оценува дека изведбите на неколкуте учесници, освен што се невкусни, неморални, нечовечки, се и казниви  во согласност со македонското позитивно казнено право.

„Јас го почитувам Вевчанскиот карневал како традиција. Свесен сум за тоа дека треба да ги интригира граѓаните со своите маски и презентации, но нужно е изнаоѓање на соодветна замена меѓу целта што сака да се постигне и искористените средства. Изведбите на неколкуте учесници, освен што беа невкусни, неморални, нечовечки, би рекол, се уште и казниви во согласност со македонското позитивно казнено право. Ситуацијата е јасна. Има слики и видеозаписи од целиот настан. Топката е кај надлежните органи. Сакам да верувам дека овој пат нема да недостасува навремена реакција и дека нема да биде уште еден неуспешен обид на патот до правдата. “, потцртува Јакимовски.

Федерацијата на европски карневалски градови ќе го ревидира ставот кон карневалот во Вевчани

Активистите на „Анима мунди“ и неколку други здруженија за заштита на животните, уште пред една недела обвинија за садизам и насилство врз животните во рамките на годинешното издание на Вевчанскиот карневал. Преку соопштенија до медиумите тие потенцираа дека се згрозени од фотографиите и информациите од карневалот и најостро ги осудија злоупотребата и мачењето на животните што се случиле на улиците на Вевчани.

Случајот го пријавија во Федерацијата на европски карневалски градови, од каде добиле одговор дека ќе биде ревидиран ставот кон карневалот во Вевчани, а распишаа и петиција упатена до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во која бараат да се најдат и најстрого да се казнат сторителите.

Општината Вевчани, пак, се  огради од маските со животните. Градоначалникот Цветомир Угриновски потенцираше дека воопшто не учествувале во подготовката на маските и дека не ги знаат маските пред почетокот на карневалот.

Во однос на фотографијата на која е прикажано куче обесено на стап, претседателот на Василичарско друштво изјави дека кучето го нашле мртво.

„Ние не сносиме никаква одговорност која маска и како е направена. Кучето е најдено мртво и е наденато на стап и не е намерно убиено. Тоа никогаш не се случило и нема да се случи и никогаш не сме практикувале да убиваме животни“,  за Канал 77 вели Илија Попески, претседател на Василичарското друштво „Горна Маала“.

„Од ноншалантниот однос на градоначалникот Угриноски сфаќаме дека секој обид да се пријави случајот во подрачната полициска станица ќе биде невозможна мисија“, се вели во дописот кон петицијата на здруженијата.

Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 26.01.2015