/ Прочитано:

4.415

Студентите да се запознаат со Законот за заштита на укажувачите и да не се плашат да пријават корупција на факултетите

Македонските студенти не се доволно информирани за Законот за заштита на укажувачите, покажуваат податоците од спроведената анкета и од истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација, во врска со кое се одржа трибина на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со наслов „Ќе има ли свиркачи на универзитетите – можностите на Законот за заштита на укажувачите и спречувањето на корупцијата во високото образование во Република Македонија“.

fotografija

Прво емпириско истражување за Законот за заштита на укажувачите

На трибината одржана на Правниот факултет говореа проф. д-р Мишо Докмановиќ, проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски и доц. д-р Катерина Шапкова, а своите гледишта за можностите на Законот за заштита на укажувачите ги сподели и Александра Живковиќ која неодамна магистрираше на темата за корупцијата во високото образование.

Проф. д-р Мишо Докмановиќ вели дека според истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација е евидентно дека студентите и други вработени во високообразовните институции не се доволно запознаени со можностите на Законот за заштита на укажувачите и со можностите кои ги дава тој за борба против корупцијата во поширока смисла, како и во делот на корупцијата на универзитетите, односно приликите според кои ќе може да се пријави корупција, доколку ја има.

„Ова истражување всушност е прво емпириско истражување за Законот за заштита на укажувачите. Една од целите на истражувањето е тоа да покаже дали студентите и наставно-научниот кадар се запознаени со новините во Законот за заштита на укажувачите. Воедно, наша непосредна цел е и универзитетите да создадат внатрешни политики според кои ќе се спречува корупцијата“, вели професорот Мишо Докмановиќ.

fotografija

Законот е современ, но треба да се применува

Проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски пред студентите ги елаборираше решенијата во Законот за заштита на укажувачите, како и глобалните трендови од проблематиката на укажувањето.  Со Законот за заштита на укажувачи, истакна професорката,  се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето на институциите и должностите кои ги имаат, односно должностите на правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Јавниот интерес се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Според професорката по кривично право д-р Александра Груевска-Дракулевски, Законот за заштита на укажувачи е современ и ги инкорпорира суштинските аспекти на заштитата на укажувачите. Посочувајќи и на мислењето на Венецијанската комисија, Груевска-Дракулевски нагласи дека Законот пропишува и нуди ефикасни можности за борба против корупцијата.

Во таа насока, појасни професорката по кривично право, овие можности треба да ги користат и студентите, кои можат да се јават во својство на укажувачи, а за таа цел универзитетите треба да ги преземат сите активности и законски обврски кои произлегуваат од Законот за заштита на укажувачите, особено во поглед на заштитата на студентите како потенцијални укажувачи на корупција во високото образование.

fotografija

Студентите не знаат за Законот за заштита на укажувачите

Презентирајќи ги податоците од спроведената анкета, доц. д-р Катерина Шапкова посочи дека дури 355 од 513 анкетирани студенти по право од четирите најголеми универзитети во земјава не знаат за Законот за заштита на укажувачите. Како најзастапена корупција на универзитетите студентите го посочиле условувањето да се купи учебник за да се положи испит, како и давањето пари за да се положи испит. Непријавувањето на корупцијата се должи на стравот и на апатијата дека нешто може да се промени, иако кај студентите има доминантен став дека на универзитетите постои корупција и дека соодветно би ја пријавиле.

Едукацијата е клучна

М-р Александра Живковиќ вели дека студентите на универзитетите не се соодветно информирани за корупцијата и дека универзитетите, особено студентските сојузи треба да имаат проактивна улога во однос на ова прашање затоа што, како што посочува Живковиќ, корупцијата не значи само условување да се купи учебник, туку таа е поврзана и со појавата на плагијатите, па и со реализирањето на тендерите.

„Се работи за многу покомплексно прашање и затоа е потребен сериозен приод, дури и од аспект на едукацијата на факултетите во рамки на редовната настава. Законот за заштита на укажувачите како ново законско решение може да биде многу корисен за справувањето со корупцијата, но, како што реков, едукацијата е клучна“, вели Живковиќ.

fotografija

Колку поприменлив Закон за заштита на укажувачите, толку помалку корупција

Професорите од „Јустинијан Први“ се согласни дека неминовно е акцентирањето на прашањето на универзитетско ниво за можностите што ги дава Законот за заштита на укажувачите, што може да има само позитивни импликации во борбата со корупцијата во високото образование. Студентите, исто така, посочуваат дека за доследно применување на Законот неопходно е соодветно информирање, едукација и зајакнување на пошироката општествена свест, како и на свеста на академската заедница за која борбата против корупцијата мора да има приоритетна улога.

„Има една максима во римското право дека колку повеќе закони има една земја толку е покорумпирана. Но во современ контекст, би можело да се каже дека доколку една земја има квалитетен и применлив Закон за заштита за укажувачите помалку е корумпирана“, коментираат студентите.

М.В