/ Прочитано:

1.157

Студентите ќе спијат во шатори на факултетите за да го остварат сонот за квалитетно образование

Студентскиот пленум денеска прогласи автономна зона на Филозофскиот и Филолошкиот факултет. „Автономија, автономија!“, се слушаше во амфитеатрите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој набрзо стана третата автономна зона.

„Враќање на факултетите на студентите по досегашната узурпација“

Студентите велат дека со овој чин ќе им се вратат факултетите на студентите по досегашната узурпација и по упадот во нивната автономија. За Академик велат дека нивните барања значат целосна вклученост на студентите во креирање нов закон што ќе ги опфати сите реални проблеми на студентите, како одраз на вистинската состојба во високото образование и на реалната положба, правата и потребите на студентите.

Шатори и вреќи за спиење

Тие остануваат на факултетите сè до исполнувањето на нивните барања, за што веќе и се подготвија – поставија вреќи за спиење и шатори. Порачуваат дека нема да си одат и дека ќе спијат на факултетот сè до исполнувањето на нивната цел. Апелираат до останатите граѓани, професори и свесни луѓе да ги поддржат во прогласувањето на нивната автономија, но и да им помогнат со донации во форма на храна, ќебиња, вреќи за спиење и вода.

„Автономија, автономија!“, ечеше низ амфитеатрите на Правниот факултет

„Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок, место каде што не те учат што да размислуваш, туку како! Затоа сметаме дека е нужно да се прогласи автономна зона за симболично ослободување на универзитетот. Прогласуваме автономна студентска зона и универзитет под студентска контрола! Овој пат дефинитивно ја прекардашија и нема да им помине“, велат студентите, кои откако денеска прогласија автономна зона на Филолошкиот и Филозофскиот факултет, ја прекинаа наставата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Економскиот факултет.

„Автономија, автономија!“, ечеше низ ходниците и во амфитеатрите на Правниот факултет.

Културно-уметнички перформанси во автономната зона

Сандра Живковиќ од Студентскиот пленум вели дека следните денови на факултетите ќе можат да се слушнат предавањата на професорите и на студентите како дел од дебатата во автономната зона, но ќе можат да се видат и културно-уметничките перформанси на студентите од Факултетот за драмски уметности, од Факултетот за ликовни уметности и од Музичката академија. Најавува дека утре Автономната зона ќе се прошири и на техничките факултети.

„Потребна е темелна анализа и скенирање на реалната ситуација“

„Нашите барања се за донесување на целосно нов закон во чие креирање ќе бидат вклучени и студентите преку свои претставници. Бараме решение што ќе ги опфати сите реални проблеми на студентите, а тоа значи целосна анализа на теренот, на болоњскиот процес, на студентските домови и за сите прашања и проблеми што реално ја отсликуваат состојбата на високото образование и на студентите“, вели Живковиќ, потенцирајќи дека неопходно е креирање на нов закон, заснован на комплетни анализи како основа за целосна реформа.

Гарантирано учество на студените во изработката на целиот закон

Живковиќ укажува дека нивните барања се темелат на гарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон, со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи; потоа бараат формирање работни групи, во кои ќе бидат рамноправно застапени студенти од Студентскиот пленум, професори од Професорскиот пленум, членови на универзитетската администрација и претставници од соодветните ресорни министерства и поставување временска рамка со која ќе се дефинира динамиката на изработка на законот, односно рокови за изработка на прв и втор нацрт на законот.

Доволно простор за да се изработи комплетен нов закон

Во таа насока, Студентскиот пленум и денес објави дека барањата од средбата со премиерот биле за да се одложи примената на одредбите од последниот Законот за измена и дополнување на Законот за високо образование барем до 2018, со што би се оставил доволно простор за да се изработи комплетен нов закон.

Магично исполнување желби

„Интересно е како власта во последниве неколку дена се чини дека магично исполнува желби. Собранието на РМ денес ќе го гласа (ако не го гласа веќе) одложувањето на промените на Законот за ВО од 14.1.2015, само четири дена откако премиерот го вети тоа“, посочија од Пленумот, додавајќи дека новиот закон не треба да биде цел сама по себе, туку треба да ги отсликува реалните потреби во високото образование.

Студентите со конкретни барања

Студентите сакаат да добијат решенија за, како што велат, честото прекршување на правото на автономија; нејасната имплементација на болоњскиот систем; неодржливиот систем на финансирање на јавното образование; несоодветните услови за стекнување на звање и унапредување во звање; постоењето на дискриминација и корупција; недоволната државна финансиска поддршка за научно-истражувачки цели; давачките за студентите кои се непотребни, нереални или недоследно трошени; корумпираните студентски претставници; недостатокот на студентски бенефиции.

„Студентскиот фронт не е затворен“

„Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок. Тоа е онаму каде што не препишуваш, каде што не заокружуваш од понуденото, онаму каде што не ти се сервираат одговори. Онаму каде што не те учат што да размислуваш, туку како да размислуваш. Поради тоа, сметаме дека е нужно да се прогласи автономна зона. Универзитетот над кој беа извршени континуирани упади мора симболично да се ослободи. Студентскиот фронт не е затворен“, велат од Студентскиот пленум.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

11.02.2015