/ Прочитано:

1.713

СТУДЕНТИТЕ ПРЕДАВААТ ЗА ГТЦ: Факти за вистинскиот израз на модерната

Студентите од Архитектонскиот факултет, во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“, организираа предавања низ Градскиот трговски центар кои имаат за цел да ги запознаат граѓаните со културните и архитектонските вредности на овој градски објект. Поради големиот интерес на првата интерактивна настава, студентите од архитектонскиот факултет, во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“, денеска во 18 часот ќе организираат и втора прошетка низ Градскиот Трговски Центар која ќе има цел да ги запознае граѓаните со културните и архитектонските вредности на овој култен градски објект, а збирно место повторно ќе биде пред платото на ГТЦ од страната на паркот Жена – Борец.

Педесетина граѓани учествуваа на првата прошетка низ ГТЦ

На првата прошетка, организирана минатиот четврток, студентите од архитектонскиот факултет најнапред ги запознаа граѓаните со општествените и архитектонските вредности на ГТЦ, како и со неговата историја.

Студентите особено се задржаа на социјалните вредности кои со себе ги носи ГТЦ и кои се однесуваат на неговиот јавен карактер и отвореноста за сите. „ГТЦ нема врати и нема чувари на секоја врата, тој не се заклучува навечер. ГТЦ и неговата отвореност комуницираат со околината и паркот, нема внатре – надвор, нема дефиниран праг. Тој претставува и засолниште и улица за граѓаните“.

Идејното решение за ГТЦ е победник на меѓународен конкурс

Изградбата на ГТЦ започнала во 1969, а официјално бил отворен во 1973 година. Реализацијата на ГТЦ била возможна благодарејќи на многу меѓународни донации кои пристигнувале во градот со цел негово обновување по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Во тој период, модернизмот во архитектурата бил прилично популарен, па на меѓународниот конкурс кој бил распишан за Градскиот трговски центар победило идејното решение на архитектот Живко Поповски. Со проектот на Живко Поповски практично почнал да се гради најголемиот отворен трговски центар во регионот, а во неговата реализација биле вклучени и други познати македонски архитекти како Лидија Марковска, Димитар Димитров, Благоја Колев, Живко Гелевски и други. Изградбата на објектот била проследена со исклучително внимание од страна на стручната и пошироката јавност, а на неговото официјално отворање присуствувал и претседателот на СФРЈ – Јосип Броз Тито.

Скопјани се собирале пред ГТЦ, но и во неговата непосредна околина

Според студентите, ГТЦ имал извонредно значење за животот на градот во 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Во тој период  младите скопјани најчесто се собирале пред „Ванила“, која била точка на чекање, но и точка на постојано дружење.  Во центарот на градот се одело и преку ден, но најчесто навечер од  19.00 часот па до 1.00 часот  наутро. Сепак, најчесто се останувало до 23.00 часот бидејќи до тогаш имало автобуси.  Помладите генерации се собирале пред зградата на „Пелагонија“ каде што скопјани најчесто се групирале во поголеми групи и играле асоцијации, меркале девојки или момчиња, се комбинирале со други друштва итн. Скопјани многу често знаеле да се дружат и кај „Драксторот“ во ГТЦ кој се наоѓал кај ескалаторите на трговскиот центар и кој бил продавница која работела 24/7. Особено популарен објект во рамките на ГТЦ била дискотеката „Мусандра“, па за време на викендите скопјани се состанувале пред „Ванила“ за подоцна да продолжат во „Мусандра“.

Според објаснувањето на студентите, жителите во овој период најчесто одбирале да се социјализираат во непосредната близина на ГТЦ поради тоа што, освен онаа на „Рекорд“, тука се наоѓа една од пофреквентните автобуски станици во центарот на градот, па скопјани често одлучувале освен пред „Ванила“ времето да го минуваат на некоја од клупите во паркот покрај ГТЦ. По отворањето на култната сендвичарница „Чичко Стоилко“, ова место станува референтна точка на чекање за сите млади. Во овој период социјализацијата во главниот град се сведувала на непосредно дружење меѓу жителите и на прошетки по корзото каде што се одвивала комуникацијата меѓу различните друштва. До центарот на градот луѓето најчесто доаѓале пеш или со велосипед, додека, пак, оние што доаѓале од подалечните населени места доаѓале со автобус.

Пасажите на ГТЦ ги спојуваат точките во центарот на градот

По воведното излагање на студентите, преку кое тие ги запознаа граѓаните со историските, но и со пошироките општествени вредности на ГТЦ, прошетката продолжи до еден од пасажите на овој објект. Токму многубројните пасажи на ГТЦ овозможуваат поврзување на неколку различни точки и скратување на патеки – како мрежа од улици, а по тие патеки се нижат продавници – како чаршија. На тој начин се создаваат и помали кластери од продавници, а некои од нив сега се со двојни излози (од две страни) со што се зголемува просторот за изложување. Пасажите овозможуваат да се стигне од една точка до друга на неколку начини кои самите можеме да ги избереме. Исто така, тие поврзуваат точки на помал размер – плоштадот, кејот, „Холидеј–ин“,  паркот Жена-борец, но и на поголем, како на пример: Кисела Вода до Градскиот парк, Старата чаршија до центарот итн. Пасажите овозможуваат и природно проветрување и навлегување на светлина, но и врамуваат погледи овозможувајќи комуникација со просторот (ѕиркањето на паркот Жена-борец, на кејот или, пак, на зградата на МОБ). Исто така, пасажите им овозможуваат на жителите да влезат во ГТЦ заедно со своите миленици, со велосипед, со ролери или со храна. Тие функционираат токму како улица.

Кејот на Вардар ја задржува силуетата на ГТЦ

Следната точка од која студентите го продолжија предавањето за ГТЦ беше покрај кејот на Вардар. Токму кејот, како што објаснија студентите, овозможува задржување на силуетата на ГТЦ. Во минатото токму овој дел бил карактеристична слика за Скопје која била ставана на разгледниците од градот. Петте кули, пак, претставуваат автентичен модернистички израз и датираат од периодот кога овој правец бил особено актуелен. Проектантите ја задржуваат карактеристичната силуета на вертикалите и хоризонталата која ги поврзувала (тоа претходно била обична низа на објекти). Патеката покрај кејот до скоро била улица. Во минатото преку неа се овозможувало колски пристап од „Холидеј-ин“ до плоштадот, а на улицата имало разни продавници, чевларски дуќани и слично. Историски, овој дел минува низ три фази. Во првата фаза кејот бил пешачка улица користена исклучиво поради погледот кон реката и пријатните сенки кои овозможиле во овој дел од трговскиот центар да се отворат низа угостителски објекти во кои имало пријатна атмосфера. Во втората фаза еден дел од кејот се претвора во зона на градење што во голема мера негативно влијае врз бизнисот на угостителските објекти. Третата фаза од развојот на кејот се одвива денес.

ГТЦ ги гушка кулите

Студентите понатаму ја појаснија историјата на петте кули што се наоѓаат во рамките на трговскиот центар. Овие кули се изградени уште во  50-тите години и се дело  на архитектот Серафимовски. Кулите биле исти како што се сега, поврзувани од голема улица која почнувала од Олимпискиот базен и која водела до самиот плоштад со мали пристапни улици до самите влезови.

Интересно е тоа што едно од барањата на конкурсот за ГТЦ било наоѓање на решение кое нема да им се наметнува на кулите. Идејното решение на Живко Поповски толку добро ги инкорпорира кулите што многумина мислат дека се сите објектите заедно проектирани. Начинот на кој е проектиран ГТЦ овозможува светлото да допира до самиот влез, а истовремено не е попречен ниту пристапот кон објектите. Исто така, на станарите им се овозможува одличен паркинг, додека, пак, поголемиот дел од долните станови можат да се пренаменуваат во деловни објекти, па на некои места и самите продавници навлегуваат во нив.

Програмите на продавниците биле планирани при самото проектирање на ГТЦ

Пристигнувајќи до еден од атриумите во внатрешноста на ГТЦ, студентите ја објаснија функционалноста на трговскиот центар. Тие појаснија дека онаму  каде што е главниот транзитен дел имало улица која водела до плоштадот и на неа се нижеле објекти со излози.  ГТЦ ја овозможува истата таква улица каде што од двете негови страни се појавуваат различни конфигурации – на север три големи стоковни куќи кои многу добро одговарале за потребите бидејќи на секое ниво се продавале различни работи. Самото вакво нижење по вертикала ги терало луѓето да се качуваат нагоре. Конфигурацијата на југ била различна – чаршиска конфигурација, со кластерчиња на мали продавници што наликуваат на занаетчиски и нивно групирање според намената како што е „златарската улица“. Интересното е тоа што програмите на продавниците се планирани при самото проектирање на ГТЦ , т.е. биле димензионирани врз основа на она што би се продавало во нив.  Денес, пак, потрошувачите најмногу се задржуваат во овие продавници, а тие се позиционирани насекаде и по сите катови, што претставува проблем бидејќи ваквите продавници најдобро функционираат на транзитни зони каде што има најголем проток на потрошувачи канејќи ги со големите излози на импулсивно пазарење. Во горните катови има помал проток на потрошувачи, па така, тој треба да има други намени како во минатото кога таму биле позиционирани конференциски сали, градинка, читална итн.

Меѓу овие две зони (север –  југ) се појавува просторот за движење кој се дели на две патеки. Атриумите овозможуваат осветлување и проветрување, додека, пак, нивната оригинална замисла е да се покриваат со систем на подвижни кровови.  Атриумите овозможуваат и визуелна комуникација меѓу катовите и патеките.

ГТЦ е дом на првото градско кино во Скопје

Продолжувајќи ја прошетката кон источниот комплекс на ГТЦ, студентите објаснија дека овој дел е направен 7 години подоцна и во него е сместено првото големо кино во Скопје – киното „Центар“ или денешното кино „Милениум“. Сè дотогаш постоеле  единствено маалски кина (Карпош, Чаир и слично), а со киното во ГТЦ се појавува и првото вистинско градско кино со големо фоаје како што имале театрите. Во тој период се појавува и сосема поинаква културна и забавна програма во ГТЦ. Овие содржини биле сместени на вториот кат и нивната намена е целосно различна од намената на долниот кат каде што се сместени продавниците. Токму различните содржини што ги нуди горниот кат на ГТЦ ги принудувале жителите да го посетуваат овој дел од Градскиот трговски центар во голем број. Од друга страна, пак, терасите наоколу се градени по принципите на модерната архитектура, додека, пак, кровот можел да служи за сместување на зеленило, за рекреација, за угостителски тераси, за ботаничка градина и слично. Придобивките од зелените кровови се: изолација, чист воздух, дополнително дворен простор, како и зеленило во густото централно градско ткиво. За жал, според студентите, терасите никогаш не се реализирале целосно поради недостигот на финансиски средства.

Терасите на ГТЦ овозможуваат директно поврзување со зеленилото во паркот

Задржувајќи се на терасите на ГТЦ кои гледаат кон паркот Жена–борец, студентите појаснија дека токму овој дел од објектот отвора нови визури и совршено комуницира со контекстот. На оваа страна дури има и директно поврзување на зеленилото од паркот со зеленилото од жардиниерите. Токму овој дел претставува погоден простор за угостителски објекти затоа што е мирен, светол, со убаво зајдисонце и затоа што е на вториот кат и не зазема простор на првиот кој е пред сè транзитната зона. Посебен дел претставуваат рампите кои поврзуваат три нивоа и кои се многу погодни за сообраќај на велосипедисти, лица со посебни потреби, или пак родители со помали деца кои ги носат во колички.

Возниот сообраќај во рамките на ГТЦ е вистински израз на модерната

При крајот од своето предавање, студентите се задржаа на автентичното сообраќајно решение на ГТЦ. Имено, разделувањето на сообраќајот за автомобилите, градските автобуси и за возилата кои вршат дотур на стока во продавниците е вистински израз на модерната. Разделувањето на движењето на сите овие возила во кое никој не пречи никому е вистински автентично решение кое го одликува Градскиот трговски центар. Студентите, особено го акцентираат начинот на дотур на стока во трговскиот центар кој се одвива по посебна улица и кој ја крие оваа функција од посетителите. Исто така, студентите го нагласуваат и принципот на влегување на автобусот во самиот објект,  што овозможува кај посетителот да се јави чувство дека  „самиот објект го кани внатре“ во моментот кога ќе се симне од автобусот.

М.В / 15.4.2015