/ Прочитано:

1.773

СТУДИОЗНОСТ И ИНТЕРАКТИВНОСТ: Академик одржа семинар за напредни правни практики по работно право и градежништво

Четврток, 14 мај 2015 – Напредни правни практики по работно право и градежништво беа темите во фокусот на дводневниот семинар што се одржа на 11 и 12 мај во Охрид во организација на Академик. На семинарот свои излагања имаа угледни предавачи и врвни стручњаци од современата правна наука, од регионалното и од светското правосудство и од државните институции. „Учесниците можеа да им постават конкретни прашања на предавачите. Се разгледуваа конкретни ситуации и проблеми од праксата. Очигледно е дека организаторот преку изборот на темите и предавачите успешно ги препознава токму најкомплексните и истовремено најактуелните прашања на македонскиот правен простор“, оценуваат учесниците. 

Воведните излагање во однос на последните измени и моментната состојба во македонското работно законодавство ги предочија Елеонора Јовановиќ, советник во Секторот за труд во Министерството за труд и социјална политика и Миле Стојановски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика.

Тие подробно се осврнаа на измените на Законот за работните односи од 2014 и 2015 година, со акцент на задолжителните елементи при објавувањето на јавен оглас, електронската евиденција на работното време и на прекувремената работа, за вработувањето, за измените во делот на користењето на годишниот одмор,  за функционалноста и надградбата на посебните договори за вработување, за начинот на заштита на прекувремената работа итн.

„Сметам дека се работи за еден многу корисен семинар којшто за луѓето од компаниите што ги преставуваат човечките ресурси. Тие ќе имаат искуство во овој дел и нема да погрешат и нема да бидат изложени на санкционирање од надлежните ргани кои се задолжени за спроведување на Законот. Сум учествувал на многу  работилници по разни основи, но ова е една од работилниците што се високопрофесионално организирани. Посебно ми се допаѓа интерактивниот дел на работилницата каде што докрај се доловуваат работите и се постигнува целта со полн ефект. Сè на сè, ако треба да оценам, десетка“, вели државниот советник Стојановски.

Експертот за трудово законодавство, Стојан Трајанов, се осврна на прашањето за хармонизација на македонското социјално законодавство со законодавството на ЕУ од аспект на досегашните активности.  Како што посочи, сите директиви коишто се поврзани и коишто се однесуваат на Законот за работните односи се транспонирани во Законот.

„Во рамките на семинарот беа застапени повеќе теми, конкретни прашања поврзани со одредени теми или области и мислам дека беше добра можност и повод да се разменат искуства и информации, не само од аспект на легислативата, туку и од аспект на примената и искуството од судската практика и сметам дека тоа ќе користи во тековното работење“, оценува Трајанов.

Aдвокатот Георги Димитров,  чија потесна специјалност е трудовото право и кој важи за еден од најдобрите познавачи на проблематиката на трудовото право во Македонија, како модератор на првиот панел „Отказ на договорот за вработување“ дебатата ја насочи кон правниот институт отказ на договорот за вработување со понуда на нов променет договор за вработување.

Георги Димитров – управувачки партнер во адвокатското друштво „Георги Димитров адвокати“, Дарко Милковиќ – врховен судија во Хрватска, Бојана Велкоска  – судија во Основниот суд Скопје 2

„Порано тоа беше прераспределување на работник од едно место на друго. Тоа не постои веќе одамна. Според мене, ова решение  е некаква компензација за прераспределувањето.  Законодавецот  на некој начин како да сака да наметне да има инструмент којшто и на работодавецот ќе му овозможи на побезболен начин да ја прераспредели работната сила, а на работникот ќе му обезбеди некакви права – во овој случај правото да одбие и да оди на суд и да земе надомест или, пак, да прифати, но сепак да отиде на суд за основот на отказот кој му го дале. За мене тоа решение е сè уште недоистражено и сè уште не е завршено во практиката“, истакна Димитров.

Хрватските искуства во однос на прашањето за отказ на договорот за вработување и понуда на нов променет договор ги сподели судијата Дарко Милковиќ од Врховниот суд на Република Хрватска, кој е специјалист за работно право и воедно еден од авторите на извонредниот хрватски коментар на Законот за работните односи. Милковиќ  појасни дека се работи за институт каде што е нужно да се смени содржината на договорот за работа бидејќи работодавецот поради некои одредени околности мора да направи измена. Истовремено, како што рече, целта е  работникот да се заштити од еднострани измени, да се воспостават фер правила на игра, а да не се направи тоа самоволно, без почитување на законските одредби.

„Од она што го погледнав во македонскиот Закон за работни односи и од  дискусиите што се развија на предавањата, можам да заклучам дека македонскиот и хрватскиот систем се многу слични“, вели тој.

Милковиќ го оценува семинарот на Академик како многу корисно искуство.

„Многу е  интересно и богата  е дискусијата, што е одлично. Мене, исто така, ми значи тоа што можам да ги увидам сличностите и разликите во однос на одредени законски решенија, но можам да констатирам дека има многу повеќе сличности отколку разлики“, потенцира врховниот судија.

Судијката Бојана Велкоска од Основниот суд Скопје 2 во рамките на првиот панел говореше на тема „Отказ од лични причини и од причина на вина“. Појасни дека постојат разлики меѓу откажувањето на договорот за работа од лични причини, од причини на вина, од деловни причини и отказот на договорот за вработување со понуда на нов променет договор за вработување. Споредувајќи ги македонското и хрватското законодавство, посочува дека мали се разликите во однос на постапувањето на судовите по поднесени тужби и враќање на работникот на работа. Судијката истакна дека изборот на многу актуелни и сложени теми и интерактивноста се препознатливи за обуките и семинарите организирани од Академик.

„Не само мојата тема, туку темите на сите предавачи се многу битни за законодавството и за примената на законите и остварувањето на правата на работниците.  Имаше многу дискусија содржана од различни мислења и ставови по однос на битни прашања. Ваквите семинари треба почесто да се организираат со цел да може да се дојде до единствена примена на Законот“, вели судијката Велкоска.

Како дел од вториот панел на тема „Менаџерски договори и правен  аспект на бонусите и вонредните стимулации“ беше излагањето на проф. д-р Зоран Михајлоски, кој со учесниците го сподели своето искуство како судија, универзитетски професор и постојан предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Михајлоски низ својата презентација овозможи да се согледа разлика меѓу менаџерските договори и договорот за вработување. И едниот и другиот договор, како што појасни, преставуваат договори суи генерис, но и едниот и другиот се дијаметрално спротивни во својата содржина и карактер.

проф. д-р Зоран Михајлоски, Ирена Ристеска – раководител на Секторот за пензиско и инвалидско осигурување во Министерството за труд и социјална политика, доц. д-р Костадин Дуковски

„Договорот за вработување исклучиво е во согласност со Законот за работни односи и е меѓу работникот и работодавачот, додека, пак, менаџерските договори се базираат на Законот за трговски друштва и преставуваат некој вид материјално финансиски договор меѓу менаџерите и самите друштва. Сите правила што важат за менаџерите, не важат за работниците што имаат склучено договор за вработување“, вели Михајлоски.

Семинарите и обуките на Академик ги оценува како многу комплексни, а истовремено многу практични.

„Се виде и од самата дискусија и од големиот број прашања. На некој начин се заокружија темите на предавачите“, истакнува Михајлоски.

Универзитетскиот професор доц. д-р Костадин Дуковски се осврна на практичните финансиски аспекти, на практиките и третманот на додатоците на плата, а говореше и за практичната пресметка на плата, на придонеси и на додатоци на плата, во согласност со последните, најнови, измени на социјалното законодавство. Ваквите семинари, вели тој, треба почесто да се организираат.

„Почести собири во ваква форма, на кои учествуваат правни субјекти кои секојдневно се соочуваат со тековни проблеми, би придонеле до современи законски решенија, до нивна правилна имплементација и подобра примена“, потенцира Дуковски.

Првиот ден од семинарот се затвори со деталното излагање на Ирена Ристеска, раководител на Секторот за пензиско и инвалидско осигурување во Министерството за труд и социјална политика. Ристеска говореше за плата и придонеси од плата, во согласност со најновите измени во социјалното законодавство.

Последните измени и моментната состојба во македонското градежно законодавство, беше темата што се елаборираше на вториот ден од семинарот.

Дејан Митески, раководител на Одделението за јавно наддавање во Министерството за транспорт и врски,  Стојанче Донев, раководител на Одделението за вршење надзор во Министерството за транспорт и врски и Анета Јорданова, раководител на Секторот за документирање и управување со градежно земјиште во Министерството за транспорт и врски, се осврнаа на измените во Законот за градење и новиот Закон за градежно земјиште. Предавачите ставија посебен акцент на постапките за отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање, на надзорот врз спроведувањето на одредбите од Законот за градежно земјиште, како и на новините коишто ги предвидува новиот закон (нов софтвер, електронско склучување договори, солемнизација, пренесување на права на сопственост на градежно земјиште, начинот на полагање и спроведување на обуките за стекнување со овластување за располагање со градежно земјиште итн.).

Најголемиот дел од панелот на овие предавачи беше посветен на дискусија и на одговарање на прашањата од учесниците.

„Вторпат сум предавач на обуките организирани од Академик  и сметам дека се исклучително корисни. Сметам дека ова е добра можност и за општините и за други институции и правни субјекти да бидат во тек со последните измени што ги предвидува Законот со цел правилна примена на одредбите“, вели Митески.

Во продолжение на семинарот, учесниците се запознаа со договорите за градба по „ФИДИЦ“ („FIDIC“), за кои говореше доц. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Општите услови на „ФИДИЦ“ („FIDIC“), вели Спасевски, иако се релативно нов инструмент за македонското договорно право за градење, чекор по чекор заземаат значајно место во него.

„Иако се малку на број, договорите за градење склучени врз основа на овие правила во последните неколку години, имаат вредност од околу 800-900 милиони евра –  вклучувајќи ги автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. Преку правилата на „ФИДИЦ“ („FIDIC“) се забележува и интернационализација на домашното договорното градежно право. Кај нас најчесто се работи за примена на Црвената книга, Жолтата книга или Сребрената книга на „ФИДИЦ“ („FIDIC“). Примената на овие правила секако треба да биде анализирана во контекст на македонската правна рамка“, појаснува тој.

Рефлексијата на ваквите собири за практиката, според Спасевски е од исклучително значење.

„Овој собир претставува можност на кој сите заинтересирани страни од градежната индустрија ќе можат да ги разменат своите искуства и знаења и заедно ќе можеме да ги разрешиме дилемите со кои секојдневно се соочуваме во нашата работа. Сакам да ја искажам мојата поддршка за Академик што овозможува на вакви форуми и собирања колегите, како од праксата така и од теоријата, изворно и непосредно да можат да ги споделуваат искуствата и знаењата. Очигледно е преку изборот на темите дека организаторот успешно ги препознава токму најкомплексните и истовремено најактуелните прашања за македонскиот правен простор“, вели Спасевски.

Учесниците имаа единствена можност да се запознаат со спецификите на работните односи во градежништвото на САД презентирани од светски реномираниот адвокат Стивен Хиршфелд, основач и партнер во адвокатското друштво „Хиршфелд-Кремер ЛЛП“ („Hirschfeld Kraemer LLP“) од Сан Франциско, САД.

Стивен Хиршфелд –  основач и партнер во адвокатското друштво „Хиршфелд-Кремер ЛЛП“, Сан Франциско, САД

Американскиот адвокат е истовремено основач на најголемата мрежа на канцеларии кои работат работно право во светот (www.employmentlawalliance.com).

„Кога настапуваме како адвокати за работно право во различни држави, мораме да ги запазиме и културолошките аспекти. Често во постапките мора да се почитува културата на одредена земја. На пример, некои од моите клиенти сакаат да отпуштат работници во Јапонија. Отпуштањето во Јапонија е јасно определено со закон, но е многу понижувачки на вработен да му дадете отказ директно. Културолошките аспекти во овие случаи се многу побитни од правните. Таму ако погрешите од аспект на културата и моралот, ќе имате реакција од останатите вработени. Во Јапонија на работникот што сакате да го отпуштите мора да му објасните зошто ќе им помогне неговото отпуштање  на останатите вработени“, истакна во својата презентација  Хиршфелд.

Државниот инспектор за труд од областа на безбедност и здравје при работа, м-р Горан Поповски,  го затвори семинарот споделувајќи ги своите знаења и искуства во областа на безбедноста и здравјето при работа и на инспекциските надзори на градилиште.

„Градежништвото кај нас и во светот е една од најризични дејности со бројни опасности и можности за нарушување на здравјето на работниците. Голем број повреди при работа и повреди со смртни последици, за жал, го потврдуваат тоа. Сѐ повеќе се обрнува внимание од страна на работодавачите што ја вршат оваа дејност за имплементирање на законските мерки од областа на безбедност и здравје при работа“, вели Поповски.

Прашањата по презентацијата само го потврдија интересот на учесниците, а беа во контекст на тоа на кого сè треба да се поднесе известување за започнување со вршење на градежни работи, дали треба да се имплементираат законските мерки за времено ангажирани работници, околу квалификувањата и обученоста  на градежните работниците итн.

„Организаторите од Академик,  како и секогаш, се покажаа како извонредни организатори и професионалци“, е впечатокот на Поповски за дводневниот семинар во Охрид.

УЧЕСНИЦИТЕ ЗА СЕМИНАРОТ

„Сметам дека семинарот ни даде нови познавања и за работното право и за областа градење. Особено во делот на областа градење бидејќи имаше претставници и од ресорното министерство коишто се на некој начин и креатори на законските и подзаконските акти што ние секојдневно ги применуваме.  Особено сум задоволна од присуството на г. Хиршфелд од САД којшто ни даде еден нов аспект и една нова визија за работното право поврзано со градежништвото бидејќи тоа е најверојатно нешто што во наредните години како искуство  ќе почне да се применува и кај нас“ –  Билјана Алчева, Македонски телеком.

„Семинарот беше успешен бидејќи беше многу интерактивен. Имаше можност да се изнесат различни мислења, односно толкувања на различни работи. За разлика од другите крути и формални семинари, од типот „тој кажува, ти слушаш“ , обуките организирани од Академик се нешто сосема различно.  Да се надеваме дека некои работи во законодавството и ќе се променат. Наше е да даваме сугестии, мислења, забелешки и се надеваме дека тоа ќе се цени, односно оставаме на слухот на претставниците на државните институции“, Раде Ненадиќ,  Агенција за привремени вработувања „Партнер“ – Скопје.

„Семинарот беше премногу корисен и  сметам дека треба да се практикува почесто организирање вакви настани и учество на вработените од сите институции“, Елена Катарова, Дирекција за технолошки индустриски развојни зони.

„Успешно организиран семинар, особено поради спротивставените мислења, ставови, анализи и аргументи. Ова е тоа што сите го очекуваме, а не да биде само слушање и да заврши без учество на заинтересираните да постават конкретни прашања, конкретна ситуација, конкретен проблем, па да се аргументира. Тоа е целта  поради која присуствуваме обуките на Академик“, Ленче Димчевска, „Геинг“.

„Семинарот беше убаво организиран. Темата е одлична, се поставија прашања и дополнително се разјаснија некои проблеми од практиката. Сѐ на сѐ сум многу задоволен“, Живко Латински, Биро за судски вештачења при Министерство за правда.

„Обуките се многу корисни  и сметам дека треба да има повеќе вакви настани.  Разбирливо и убаво организирано од страна на Академик“, Ваљон Реџепи, Општина Гостивар.

„Јас не сум правник, но како економист дојдов да се информирам за најновите законски измени.  Првпат доаѓам на обука на Академик и тоа што го слушнав навистина ми се допадна“, Марија Пчеларова,  ТЕЦ Неготино.

„Многу сум задоволна од излагањата на предавачите. Беа прецизни и јасни во делот на измените, како и во делот на досегашното законодавство. Многу е корисно за нас како учесници, за сите тие што ја работата оваа материја, но и за оние што не ја работат да се информираат“, Емица Ѓоргиева, „Бетон“ – Штип.

„Она што нас како фирма нѐ интересираше, на пример менаџерските договори и одредени законски измени, го добивме како одговор од предавачите“, Драгана Јаневска,  „Геинг“.

„Предавањата се корисни и ни помогнаа во расчистување на одредени дилеми“, Марина Здравевска,  Општина Охрид.

„Ваквите семинари се од големо значење за единиците на локалната самоуправа и сметам дека треба почесто да се организираат вакви настани со цел да се расчистат одредени дилеми. Оваа работилница сметам дека придонесе и даде резултати во расчистувањето на некои нејасности што се појавија во постапките, конкретно на делот за градежното земјиште. Сметам дека ваквиот начин на држење обуки треба во иднина да биде сѐ почест“, Ѓоко Камчев, Општина Кавадарци.

„Предавачите беа  одлични, ја познаваат материјата и добро беше презентирана“, Игор Ѓорѓиевски, адвокат од Скопје.

„Работилницата е позитивно искуство. Учесниците се стекнуваат со извесни практични знаења, информации за одредени нејасности во врска со честите измени на законските решенија, но и размена на контакти“, Јетон Сали, Општина Гостивар.

„Семинарите и обуките на Академик се корисни. Тука можеме и со конкретни примери да се консултираме со стручните лица“, Ирина Пендаровска Гашевска, „Геинг“.

„Во текот на семинарот со сигурност се расчистија одредени дилеми. Од општините главно имаа свои прашања, нешто што тековно ги мачи и се надеваме дека нивните забелешки ќе се усвојат и во конкретни закони и би требало да се усвојат. Добро е да се одржуваат вакви семинари каде што можат да се постават конкретни прашања“, Мимоза Фајдига, АД „Мепсо“.

Задоволен сум од семинарот. Се стекнавме со знаења во однос на законските измени. Предавачите, кои беа навистина добри,  ги објаснија. Го ценам тоа што имаше и гости од странство, кои укажаа на одредени разлики меѓу законодавствата. Во секој случај, значи беше комплетно и целосно укажано на сите слабости и предности“, Илија Маринчески, АД „Пелистерка“ – Битола.

„Размената на мислења и искуства е секогаш позитивна со цел на изнаоѓање на најдоброто решение“, Влатко Јосифовски, Врховен суд на РМ.

„Многу ми се допадна што можеше да се направи компаративна анализа – како се решени некои работи во Хрватска и како се решени во Македонија. Иако се многу слични, секој систем е специфичен и може да преземеме некои позитивни искуства“, Дарко Николовски,  Мермерен комбинат – Прилеп.

„Многу сум задоволен. Ми се допадна презентацијата на хрватскиот судија. Споредивме два системи во поглед на отказот. Тоа е доста битно и клучно прашање. Ми се допадна што се разви многу динамична дебата и што се поставија многу прашања за нас правниците. Исто така ми се допадна делот за менаџерските договори бидејќи во компанијата каде што работам тоа е доста актуелно“, Рено Рисковски, Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

„Доста се корисни ваквите семинари. Пожелно е да се организираат и почесто со цел да се опфатат и повеќе теми“, Маја Котевска, Врховен суд на РМ.

„Задоволна сум од излагањата на предавачите. Тоа што го очекувавме и го добивме. Се надеваме на вакви настани и во иднина“, Горица Никова, ТЕЦ Неготино.