/ Прочитано:

1.277

Судење „Ален Зекиров“: Вештакот на МВР и приватниот вештак со две различни верзии за сообраќајката

Вторник, 22 јануари 2013 – Вештото лице на МВР тврди дека критичниот ден кога загина 73–годишниот Симо Серафимовски, Ален Зекиров возел по левата лента на коловозот, а пешакот Серафимовски на пешачкиот премин не го туркал, туку го возел велосипедот. Одбраната најавува вештачење каде се тврди сосема спротивното. 

Вештакот на МВР повикувајќи се на материјалните траги од сообраќајката рече дека критичниот ден, Зекиров возел по булеварот „Партизански одреди“ на левата лента од коловозот, а сега починатиот Серафимовски ја преминувал улицата по пешачки премин возејќи го велосипедот, а не туркајќи го како што тврди одбраната. Според вештакот, обвинетиот Зекиров удрил во Серафимовски со брзина од 65 километри на час, а како последица на ударот загинатиот летнал 22 метри од местото на несреќата.

Одбраната на семејството Серафимовски, адвокатот Весна Ивановска приговараше на исказот на вештакот. Според нејзе ова вештачење се разликува од вештачењето на вештакот кој приватно е ангажиран од семејството на жртвата. Според приватниот вештак, Зекиров се движел по средишната лента на булеварот, а не по левата, а Серафимовски го туркал велосипедот додека на пешачкиот премин ја преминувал улицата, а како што стои во вештачењето на МВР, го возел велосипедот.

Освен вештакот, сведоците на одбраната исто така во судница потврдија дека Серафимовски го возел, а не го туркал велосипедот. На полицискиот записник нема изјави од сведоците кои тврдат дека се очевидци, двајцата исказ дале вечерта во болница кога отишле во посета на Зекиров и на полицијата и кажале дека виделе што се случило.

На следното рочиште ќе биде сослушан вештакот кој е приватно ангажиран од семејството на жртвата од собраќајната незгода што се случи на 16 јуни 2009 година.

Обвинетиот Ален Зекиров се гони кривично бидејќи критичниот ден со моторцикл  на пешачки премин кај ТЦ „Буњаковец“ удрил во 73-годишниот старец кој подлегнал и не ги издржил тешките телесни повреди. Во тој период обвинетиот е обезбедувач на висок полициски функционер и припадник на Шестата управа при МВР.  

Судскиот процес против Зекиров трае веќе година и пол.