СУДЕЊЕ „Бришач 1“: Притвор за еден од обвинетите кој наводно заминал на кратко во Авганистан
Четврток, 12 јули 2012 – Судот му одреди мерка притвор на еден од обвинетите откако истиот не се појави на главна расправа. Според информации од неговото семејство наводно заминал на краток пат во Авганистан. На вон главен претрес сослушан беше уште еден претставник од осигурителните компании кои според обвинението биле оштетени. Судењето продолжува во септември.
Во акцијата „Бришач“, уапсени беа 56 лица. Според обвинителството тие местеле стари и оштетени автомобили на патот во положба како да се случило удар. Потоа се јавувале во 192 и пријавувале сообраќајна незгода, а на лице место обвинетите полицајците ги изготвувале записниците. Истиот записник се праќал во осигурителните компании, поднесувале пријави за надомест на штета од каско осигурувањето на возилото, осигурување од автоодговорност, барале наплата на материјални и нематеријални штети. Бидејќи се воделе две истраги, обвинетите се поделени во два предмети.
>> Предметот „Бришач 1“ целосно проследете го тука.
Тек на рочиштето
11:45 – На следното рочиште закажано за 3.09.2012 г. во 10:30 ч., судот треба да ги разгледа детални прегледи за исплатената штета за сообраќајките.
11:40 – На вон главен претрес, претставникот од „Инсиг осигурување“ , рече дека останува на истото оштетно побарување дадено во истрага и дека се приклучува кон кривичен прогон.
11:20 – Судот му одреди притвор на обвинетиот Ѓорѓиевски. Обвинетиот Еркан Шабан беше опоменат дека доколку продолжи со отсуствата од главна расправа ќе биде приведен, по што тој му се извини на судскиот совет.
10:40 – Судот одреди пауза од 15 минути за да одлучи како ќе постапи по однос на отсуството на овие двајца обвинети.
10:24 – Стартуваше рочиштето со читање на обвинетите. Судијата утрди дека обвинетиот Жарко Ѓорѓиевски не е присутен. Неговиот бранител, адв. Томислав Стевков го извести судот дека добил информација од неговото семејство дека Ѓорѓиевски заминал на кратко во Авганистан. Отсутен е исто така обвинетиот Еркан Шабан, бранителот Љупчо Веселиновски го извести судот дека неговиот клиент е на лекар бидејќи му се слошило.