/ Прочитано:

1.874

СУДЕЊЕ „Детонатор“: Одбраната и обвинителството со контра аргументи во завршните зборови — покер апаратите не се дел од предметот

Петок, 7 јуни 2013 – Обвинителството е убедено дека обвинетите се виновни: денеска во завршните зборови беа анализирани сведочењата и телефонските разговори на обвинетите. Одбраната, пак, смета дека оштетениот Драганчо Стоименов ги изманипулирал МВР и ОЈО. Адвокатите уверуваат дека лично тој ја поттикнал полициската акција поради желбата за „бескруполозна освета“ кон обвинетите. При апсењето на обвинетите, МВР обелодени дека токму тие се занимавале со шверц на покер апарати, а веднаш потоа следуваа и неколку други полициски акции. Јавноста овој предмет го поврзуваше не само со покер апаратите туку и со смената на неколку командири на полициски станици ширум земјава. Денеска, ниту во обвинението, ниту во завршните зборови не се споменуваат покер апаратите. Неколку од обвинетите се поврзани со апаратите но, како што најави обвинителството, за нивните сопственици ќе има посебни судски постапки.

Најпрвин, предметот се водеше против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство. Во текот на процесот следeше ново обвинение кое ги ослободи од вина Сашко Стоименов и Горан Наунов, а го опфати и лицето Столе Трпевски од Виница. Според новото обвинение кое беше додадено кон претходното, првообвинетиот Игор Горански заедно со второобвинетиот кој е во бегство, Сашко Стојчев и Трпевски, создале и припаѓале на злосторничка група која се занимава со лихварство – обвинетите наводно ја искористувале тешката материјална состојба на своите граѓани, давале позајмици и наплатувале високи месечни камати. Обвинителството исто така ги товари дел обвинетите за нелегален шверц на покер апарати, како и за обид за убиство на Драганчо Стоименов.

Полициска опсада во неколку градови во источниот дел на Македонија резултираше со 13 разрешени полициски началници и командири, запленети 1000 покер апарати и притвор за 14 лица.

>> Предметот целосно проследете го тука.

Тек на рочиштето

15:00 – Следното рочиште е закажано за 10.06.2013 во 10:30 часот, ќе продолжи со излагање на завршните зборови на одбраната на останатите обвинети.

13:30 – По паузата, одбраната на првообвинетиот Игор Горански, адвокатите Љубомир Михајловски и Емил Балабанов, почнаа со давање на своите завршни зборови. Првата реченица на адвокатите беше дека очекувале обвинителката досега да го повлече обвинението. Според нив, неспорна е улогата на обвинителството да докажува вина, но тоа требало да го прави во законита постапка. Адвокатите тврдат дека обвинението претставува конструкција на измислени искази, а постапката е поведена поради како што го нарекоа „нејасниот и контрадикторниот“ исказ на Драганчо Стоименов. Целото обвинение го нарекоа „расипан телефон“, појаснија дека сите искази на сведоците претставуваат чаршиски муабети, односно некој, некогаш, нешто и некаде слушнал.

Одбраната тврди дека преку телефонските разговори се расветлува мотивот на оштетeниот Стоименов. Според нив, неспорно е тоа што обвинетиот Горански е во лоши одн0си со останатите обвинети, но и покрај тоа обвинителството тврди дека е дел од злосторничка група. Адвокатите велат дека нема ниту обид, ниту убиство, ниту лихварство, а не им е јасно зошто обвинителството сака да верува само во исказот на оштетениот.

„На телефонските разговори се гледа дека оштетениот ја поттикнал целата полициска акција, а потоа негов пријател на телефон го нарекува „Бог“. Не ни е јасно како можел комотно да има бизниси во Кочани, а од друга страна добивал закани и се плашел за својот живот. Неоспорни се и кривичните пријави против него за дела што ги правел во градот, оттука мора да се чувствувал удобно во Кочани“, рекоа адвокатите.

Според нив, Стоименов ги манипулирал свете институции, Јавното обвинителство и МВР. Убедени се дека оштетениот Стоименов им давал упатства за дејствието на целата акција. Тврдат дека обвинителството е заведено од конструкцијата на оштетениот. Потсетија дека ниту еден сведок не го споменал обвинетиот Горански, освен блиските лица на оштетениот, кои тврдат дека Горански нудел 50.000 евра за ликвидацијата.

Во однос на изведените материјални докази, одбраната смета дека не се утврдила вина кај првообвинетиот во однос на сите дела кои му се ставаат на товар.


13:00 – Пауза до 13:15. На паузата обвинителката Вилма Русковска ги појасни своите завршни зборови за новинарите.

„Тука се работи за обвинение со многу сериозни дела, убиство од безобзирна одмазда, цела среќа што е во обид, потоа има изнуда, насилство, лихварство. Сепак за покер апаратите треба постудиозна работа, одзема повеќе време и тие ќе бидат опфатени во поединечни кривични пријави. Само во еден дел на крај од моите завршни зборови беше дека обвинетите зборувале шифрирано, но тие воопшто не зборувале шифрирано,  многу јавно зборувале што правеле, биле толку силни и мислеле никој ништо не им може“, пред судот изјави Русковска.


11:45 – По завршувањето на доказната постапка, обвинителот Вилма Русковска почна со излагање на своjoт завршен збор. Појасни дека неспорно е како обвинетите го планирале и реализирале обидот за ликвидација на оштетениот Драганчо Стоименов, а тоа според нејзе, произлегува од исказите на сведоците и телефонските разговори меѓу обвинетите. Обвинителката детално се задржа на сите дела: злосторничко здружување, обид за убиство, изнуда, насилство, лихварство и недозволено држење на оружје. Во однос на обидот за ликвидација на оштетениот, обвинителката читаше делови од телефонските разговори на обвинетите прибавени со посебни истражни мерки, во кои според нејзе, јасно се гледа како осуммина обвинети планираат да го ликвидараат оштетениот Стоименов. Исто така, во однос на агенцијата за обезбедување „Титан Груп“, обвинителката цитираше делови од телефонски разговори, во кои според нејзе се укажува како парите од обезбедувањето завршувале кај обвинетите. Тука дополни дека дека дејствувањето на групата од Кочани ја гледа како едно добро познато мафијашко правило, „ќе ти понудам нешто што не можеш да го одбиеш“, рече Русковска, мислејќи на понудите за обезбедување кои обвинетите им ги давале на кочанските дуќанџии.

Во однос на обезбедувањето, таа тврди дека обвинетите ги изнудувале дуќанџиите од Кочани да потпишуваат договори. И во однос на лихварството, обвинителката се задржа на телефонските разговори и дел од сведоците каде според нејзе утврдуваат дека обвинетите од Виница се занимавале со лихварство. Според обвинителството, преку исказите на сведоците и телефонските разговори на обвинетите може да се види елемнти на насилство и на недозволено поседување на оружје.

11:10 – Последниот сведок во доказната постапка e роднина на еден од обвинетите кој зборуваше за големото количество на оружје и муниција пронајдена кај неговиот роднина – сега обвинетиот Далибор Алексовски. Сведокот појасни дека пронајденото оружје е негово, а не на обвинетиот.  Сведокот е службено лице вработено во МВР.

11:00Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се  исполнети.